Извештај за паричните текови

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Извештај за паричните текови (англиски: Cash-flow statement) или уште познат како Извештај за готовинските текови претставува приказ на сите приливи и одливи на паричните средства во и од претпријатието во текот на определен временски период. Тој не спаѓа во редот на класичните финансиски извештаи како билансот на успех и билансот на состојба, но има големо аналитичко значење и затоа сè поголем број на претпријатија редовно го изработуваат.[1]

Поврзаност со другите финанскиски извештаи[уреди | уреди извор]

Извештајот за парични текови е тесно поврзан со другите финансиски извештаи. Имено, прикажаните приливи и одливи на паричните средства во овој финансиски извештај се должат на промените на средствата и обврските, прикажани во другите финанскиски извештаи. Бидејќи тој ги сумира тековите за определен период на време, извештајот за готовинските текови е сличен со билансот на успех. Меѓутоа, од билансот на успех се разликува по тоа што:

  • Билансот на успех известува само за оперативните активности во определен временски период, додека извештајот за готовински текови е поширок и известува за тековите од финанскиските, инвестиционите и оперативните активности.
  • Билансот на успех се подготвува врз основа на настанатост, што значи дека приходите и расходите се признаваат тогаш кога се настанати, без оглед на тоа кога готовината е примена или платена, додека, извештајот за парични текови ги рефлектира готовинските ефекти од купување и продавање на производи и услуги.[2]

Содржина на извештајот за парични текови[уреди | уреди извор]

Извештајот за готовински текови се состои од три дела:

Готовински текови од оперативни активности произлегуваат од основната дејност на претпријатието, односно од три групи трансакции: финансискиот резултат, промените на средствата и промените на обврските.

Готовинските текови од инвестициските активности ги опфаќаат приливите и одливите на готовина, кои настануваат врз основа на вложувања во или продажба на постојани средства, како и вложувања во долгорочни хартии од вредност и нивна продажба.

Готовинските текови од финансиски активности произлегуваат од активностите поврзани со обезбедување на потребните финансиски средства и сервисирањето на обврските кои произлегуваат од овие активности. Станува збор за приливите по основ на долгорочни кредити, емисија на хартии од вредност, исплата на дивиденда за емитуваните акции, како и исплата на главница на достасаните долгорочни кредити и обврзници.

Изработка на извештајот за парични текови[уреди | уреди извор]

Изработката на извештајот за парични текови се одвива во четири чекори:

  1. Утврдување на паричните текови од оперативни активности;
  2. Утврдување на паричните текови од инвестициски активности;
  3. Утврдување на паричните текови од финансиски активности;
  4. Составување на извештајот за парични текови.

Утврдување на паричните текови од оперативни активности[уреди | уреди извор]

Извештајот може да се изработи на два начина: со примена на директниот или индиректниот метод. Двата метода се разликуваат во поглед на постапката за утврдување на готовинските текови од оперативните активности, додека кај утврдувањето на тековите од инвестициските и финансиски активности методите не се разликуваат.

Директниот метод дава повеќе информации од индиректниот. За него е карактеристично тоа што при утврдувањето на тековите од оперативни активности се врши идентификување на ефектите кои приходите и расходите од билансот на успех ги предизвикуваат врз готовинското салдо на претпријатието.

Индиректниот метод е полесен за примена. Тој започува од нето добивката и на неа го додава износот на амортизација. Потоа, се утврдуваат приливите и одливите од краткорочните средства и обврски. При тоа, зголемувањето на средствата е паричен одлив, нивното намалување е прилив, зголемувањето на обврските е паричен прилив, а намалувањето на истите е одлив. Накратко, утврдувањето на готовинските текови од оперативни активности според индиректниот метод може да се прикаже на следниот начин:

Нето добивка за тековна година + Амортизација ± Намалување/Зголемување на обртните средства ± Зголемување/Намалување на краткорочните обврски = Готовинските текови од оперативни активности.

Утврдување на паричните текови од инвестициски активности[уреди | уреди извор]

При утврдувањето на тековите од инвестициските активности се следи истиот принцип дека зголемувањето на средствата е одлив, додека нивното намалување-прилив, и обратно кај обврските. На пример, набавката на нова машина претставува паричен одлив, додека продажбата на зграда претставува паричен прилив.

Утврдување на паричните текови од финансиски активности[уреди | уреди извор]

И за утврдување на тековите од финансиски активности се применува истиот принцип бидејќи станува збор за ставки од билансот на состојба. Така, издавањето нови акции се бележи како паричен прилив, земањето кредит, исто така, е паричен прилив, додека отплатата на кредитите и откупот на сопствените акции се парични одливи.

Составување на извештајот за парични текови[уреди | уреди извор]

Откако ќе се пресметаат готовинските текови од секоја од наведените активности, тие се собираат и на тој начин се доаѓа до вкупниот нето готовински тек. Ова салдо одговара на состојбата на ставката "парични средства и парични еквиваленти" од билансот на состојба на претпријатието.

Значење на извештајот за паричен тек[уреди | уреди извор]

Значењето на извештајот за готовински текови произлегува од информациите кои може да се добијат преку неговата анализа. Најпрво, доколку извештајот се спореди со билансот на успех може да се согледа колкав дел од приходите се наплатени, т.е колку од расходите се платени. Потоа, од него се добива информации за квалитетот на приливите односно, за кои цели се направени одливите. Исто така, се согледува дали нето приливите од оперативните активности се доволни за да се покријат инвестициските и финансиски одливи.[3]

Извештај за паричните текови на банките[уреди | уреди извор]

Извештајот за готовинските текови на една банка е приказ на сите приливи и одливи на парични средства во и од банката во текот на одреден временски период. Покажува по кои основи банката остварила парични средства и за која намена ги употребила нив. И банката остварува парични текови по три основи:

  • Од основната дејност;
  • Од инвестициската дејност и
  • Од финансиската дејност.

Утврдувањето на паричниот тек од основната дејност на банката се врши на тој начин што на добивката пред оданочување ѝ се додаваат расходите, а се одземаат приходите прикажани во билансот на успех на банката за тековната година. Добивката се корегира за приливот од наплатената камата, односно за паричниот одлив од каматата која банката им ја исплаќа на своите депоненти и кредитори. Исто така, добивката се корегира и за зголемувањето на средствата како одлив, нивно намалување како прилив и обратно за обврските на банката.

Паричниот тек од инвестициската дејност на банката ги опфаќа приливите и одливите кои произлегуваат од инвестирањето во хартии од вредност, набавката или продажбата на одредени материјални и нематеријални средства. И тука важи принципот дека зголемувањето на обврските и намалувањето на средствата е паричен прилив за банката, додека зголемувањето на средствата и намалувањето на обврските е паричен одлив.

Кога станува збор за паричниот тек од финансирање, издавањето на сопственички и должнички хартии од вредност е прилив за банката, односно откупот на акции и исплатата на дивиденда за акционерите се јавува како паричен одлив.

Нето паричниот тек на банката се добива кога ќе се агрегираат одделните готовински текови на банката. Износот на нето готовинскиот тек треба да соодветствува со промената на состојбата на паричните средства и паричните еквиваленти на банката во текот на финансиската година.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Сашо Арсов, Финанскиски менаџмент, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 31.
  2. Т.Русевски,Б.Недев,З.Божиновска, Основи на сметководство, Скопје: Економски факултет, 2004, стр. 29.
  3. Сашо Арсов, Финанскиски менаџмент, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 31-40.
  4. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 43-45.