Играчи на карти (Сезан)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Играчи на карти
Les Joueurs de cartes
Творец Пол Сезан
Година 1890-тите
Вид слика, масло на платно
Димензии 47,5 x 57
Место Музеј Орсе

Играчи на карти (француски: Les Joueurs de cartes) – низа уметнички дела на францускиот сликар Пол Сезан. Тоа е низа од 5 слики, сликани во техника масло на платно, кои настанале во периодот пред смртта на Сезан, во раните 1890-ти години и му припаѓаат на постимпресионистичкиот стил.

Постојат 5 познати верзии на сликата кои варираат по големина и по бројот на насликани играчи. Се чуваат во Музејот Орсе, Институтот на уметноста Куртланд, Музејот Метрополитен во Њујорк и во фондацијата Барнс во Филаделфија. Најновата верзија се наоѓала во приватната колекција на Гркот Џорџ Ембрикос сè до 2011 година кога ѝ била продадена на кралското семејство од Катар за рекордни 259 милиони американски долари, искачувајќи се на прво место на најскапо продадени слики сè до ноември 2017 година[1].

Кратка биографија на авторот[уреди | уреди извор]

Сезан е роден во 1839 година во Екс ан Прованс, во Франција, а умрел во 1906 година во својот роден град. Бил еден од најзначајните личности на француското и европското сликарство, со пресудно влијание на неговиот понатамошен развој. Неговото дело претставува премин меѓу импресионизам и кубизам, па историчарите на уметноста го сместиле во постимпресионизмот. Во текот на својот живот не бил сметан за голем уметник, бидејќи неговата уметност била нова и несфатена. Дури пред самиот крај на неговиот живот почнува да биде познат, а неговите дела дури посмртно почнале многу да се ценат. Негови најзначајни дела се Сина ваза, Портрет на госпоѓата Сезан, Поглед на Естак, Момчето во црвен елек и Планината Сент Виктоар.

Анализа на уметничкото дело[уреди | уреди извор]

Иако е познато за 5 верзии од низата слики Играчи на карти, последните три се многу слични во композицијата, како и по бројот на играчи (двајца). Точните датуми и редоследот на творење на овие слики не се познати. Иако долго се претпоставувало дека Сезан почнал од поголеми кон помали платна, истражувањата во последните години ја оспоруваат оваа претпоставка.

Секоја слика содржи провансалски селани целосно преокупирани со пушење на нивните лулиња и играње карти. Глумците, сите мажи, се прикажани задлабочени во своите карти, со поглед насочен надолу, следејќи ја играта. Мотивот за овие слики Сезан го пронашол кај холандските и француските сликари од XVII век. Меѓутоа, додека тие прикажувале груби игри на пијани коцкари во кафаните, тој ги заменил со трговци со сталожен изглед, камени лица и во поедноставено опкружување. Кај жанровските сликари од XVII век се прикажува моментот на драма, портретите на Сезан се препознатливи токму по немањето драма, немањето пијалак, пари за коцкање како и конвенционален разговор.

Физички одлики[уреди | уреди извор]

Сликарската техника користена за Играчи на карти е масло на платно. Најголемата верзија е со димензии 134,6 на 180,3 сантиметри и се чува во фондацијата Барнс. Во Музејот Метрополитен се наоѓа делото со димензии 65 на 81 сантиметар, додека во Музејот Орсе делото е со димензии 47,5 на 57 сантиметри.

Верзии[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Peers, Alexandra (January 2012). „Qatar Purchases Cézanne's The Card Players for More Than $250 Million, Highest Price Ever for a Work of Art“. Vanity Fair.