Прејди на содржината

Игнаци Лукашевич

Од Википедија — слободната енциклопедија
Игнаци Лукашевич
Роден(а)8 март 1822
Задушники, Австриска Империја
Починал(а)7 јануари 1882(1882-01-07) (возр. 59)
Чорковка, Авсроунгарија
НационалностПолско
ОбразованиеВиенски Универзитет (МА)
ЗанимањеФармацевт, инженер, претприемач, изумител, филантроп

Игнаци Лукашевич (роден на 8 март[1][2] или на 23 март[3] 1822 година во Задушники, починал на 7 јануари 1882 година во Хоркувка) — полски фармацевт и претприемач, основач на првиот светски бунар за нафта, откривач на керозинската ламба, пионер на нафтената индустрија во Европа, револуционер и активист за независност. Потекнувал од сиромашно, но благородничко семејство, од родот на Лада [uwaga 1]

Споменикот на Лукашевич во Горлице на ул. Кошќушко
Комеморативна плоча во Јасло
Првата улична керозинска светилка во светот, во градот Горлице

Тој бил првиот во светот кој ги искористил придобивките од суровата нафта во индустриски размери. Многу ефикасен организатор, кој со текот на времето заработил големо богатство на нафтата. Активен учесник во општествениот живот. Пропагирал формирање на судови, изградба на патишта и мостови, училишта, болници итн. финансирајќи многу иницијативи и од свој џеб. Се борел против сиромаштијата и алкохолизмот во регионот, создавал фондови за помош како и пензиски фондови. Се трудел да ја развива нафтената индустрија, не фокусирајќи ја само на кон себе, туку убедувајќи и помагајќи други да создадат свои претпријатија. Бил член на галицискиот Сејм во четвртиот мандат (1877–1882).

Биографија

[уреди | уреди извор]

Игнаци Лукашевич е роден во 1822 година во Задушники (област Миелецки), во благородно семејство на интелигенција со ерменско потекло.[4] Неговиот татко бил Јозеф Лукашевич (роден  1836) - сопственик на фарма и војник на Тадеуш Кошќушко, а неговата мајка – Аполонија од семејството Свиетликов. Имал четири браќа и сестри: Марија, Емилија, Александар и Франциц. Во 1830 година, семејството Лукашевич се преселило во Жешов. Во периодот  1832–1836 година, Игнаси учел во гимназија во Жешов, каде завршил 4 паралелки. Во ова училиште тој учел латински и германски јазик. Лошата финансиска состојба на семејството не му овозможила понатамошно образование и го принудила да започне предвреме да работи, но познавањето на овие јазици му го олеснило подоцнежното образование. Во периодот  1836–1840 година работел како чирак во аптеката на Антони Свобода во Ланцут. Тоа за него не претставувала само работа, туку пред се продолжение на неговите студии по хемија и фармација. Во тоа време започнале и неговите активности во демократските и народноослободителни организации, поради што Лукашевич бил регистриран од австриските власти како политички осомничен граѓанин. Во 1840 година го положил стручениот испитот и бил унапреден во асистент аптекар. Следните 6 години работел во Жешов како асистент во аптеката во Едвард Хубел и постојано го надградувал своето образование во фармацијата. Во тој период  паралелно бил активен во движењето за независноста на Полска. Во 1845 година се запознал со Едвард Дембовски и положил заклетва како агент на Централизацијата на полското демократско општество во Жешов - тоа била организација од слична природа на претходните, но овој пат Лукашевич бил многу поактивен. На 19 февруари 1846 година бил уапсен заедно со неговите соработници. Апсењето го спречило избувнувањето на востанието во Жешов. Потоа се преселил во Лавов. Ослободен бил од затвор на 27 декември 1847 година, поради недостаток на докази. Сепак, постојано бил под полициски надзор и му било забрането да го напушти Лавов, со што ми било оневозможило да ја продолжи својата активност во организацијата. Во август 1848 година започнал со работа во аптеката „Под златната ѕвезда“, која била во сопственост на Пјотр Миколаш. Благодарение на неговото посредување, му било дозволено да го напушти градот и ги започнал студиите на Јагелонскиот универзитет, каде што ги положил сите испити освен фармакогнозијата, што го спречило да добие диплома. Магистрирал фармација на Универзитетот во Виена на 30 јули 1852 година.

Внатрешноста на аптеката на Миколаш во Лавов, каде што работел Игнаци Лукашевич

Се вратил во Лавов за да продолжи да работи во аптеката на Миколаш каде заедно својот помошник, Јан Зех, во аптекарската лабораторијата спроведувал истражувања за дестилација на суровата нафта. Со текот на времето, Миколаш се откажал од истражувањета, не гледајќи практична употреба на новите дестилати во фармацевската индустрија. На почетокот на 1853 година, Лукашевич и Јан Зех со методот на фракциона дестилација добиле керозин. Подоцна, Лукашевич се обидел да најде практична примена на керозинот. Дотогаш користените маслени светилки не биле погодни за керозин и морало да бидат редизајнирани. Првата светилка конструирана од Лукашевич го осветлувала излогот на аптеката. 31 јули 1853 година е симболичен, официјален датум на почеток на нафтената индустрија во Полска. Керозинското осветлувањето било употребено во пракса за прв пат за време на итна ноќна операција во општата болница во областа Личакив во Лавов. На почетокот на 1854 година, Лукашевич се преселил во Горлице за да биде поблиску до областите каде што се произведува нафта. Таа година, во областа Завоџие во Горлице, на раскрсницата на улиците Вегиерска и Кошќушки, била запалена првата улична керозинска светилка во светот. Експлоатацијата на нафта, не била новост, но се користела за различни економски цели, како лек за говеда или лубрикант. Лукашевич започнал со работа во локалната аптека на Јан Томашевич. Во исто време, започнал да ги основа првите компании и бунари за нафта со локалните сопственици на областите за производство на нафта, кои биле основани во следниот период во областа Горлице, Јасло и Кросно. Истата година го отворил и првиот бунар за нафта во светот во Бобрка кај Кросно (нафтена компанија Тржециски-Љукасиевич), а бунарот е активен и до денес. Во 1857 година основал рафинерија во Клечани во близина на Нови Сач. Од добиената нафта на ова место произведувал керозин, лубриканти, масла за подмачкување и асфалт. Една година подоцна се населил во Јасло, каде што отворил аптека на плоштадот. 1859 година била трагична во животот на Лукашевич поради смртта на неговата ќерка Маријана. Истата годината повторно се преселил, овој пат во Поланка кај Кросно, каде на местото на изгорената рафинеријата, отворил нова. По избувнувањето на Јануарското востание финансиски ги поддржувал, а подоцна им помагал на бегалците по востанието. Во 1865 година го купил селото Чорковка и соседната фарма Лешниовка, во близина на Кросно, каде што основал модерна рафинерија.

Гробот на Хонората и Игнаци Лукашевич на гробиштата во Зречин

Во периодот помеѓу 1868–1881 година, Лукашевич поттикнува основање на неколку рудници за керозин во Бескид Дукиелски (Ропјанка, Вилснија, Смеречне) и во Горлице (Ропа, Војтова), во Бобрка отворил бања за капење со јод и бром. Заедно со неговиот партнер Клобаса, изградиле црква во неоготски стил, за локалното население на Чорковка и Зречин (во близина на Чорковка). Во меѓувреме, во 1873 година, папата Пиј IX му ја доделил титулата почесен Папски Дворјанин за неговите добротворни активности и му доделил Орден Св. Григориј. Во 1877 година организирал нафтен конгрес во Лавов и го основал Националното нафтено друштво во Горлице. Во периодот 1880–1881 бил првиот претседател на Друштвото.[5] На крајот од својот живот бил избран за член на Галицискиот Сејм (парламент). Починал на 7 јануари 1882 година како последица на тешка пневмонија. Погребан бил на гробиштата во Зречин.

Семејство

[уреди | уреди извор]

На 20 април 1857 година, во Горлице, се оженил со својата внука Хонората Стачерска (1837–1897), која била 15 години помлада од него. Таа била ќерка на Ернест Леополд Дидак и Емилија, помлада сестра на Лукашевич. Тие имале само една ќерка, Маријана (1 февруари 1858 – 7 декември 1859 година) [6] .

Комеморација

[уреди | уреди извор]

За време на својот живот добил почесни државјанства на градовите Јасло (1861) и Кросно [7], а во 1878 година во негова чест бил излеан бронзен медал.[8][9]

Во Бобрка се наоѓа Музејот на индустријата со нафта и гас именуван по Игнаци Лукашевич.[10]

Во 1974 година, Технолошкиот универзитет во Жешов бил именуван по Игнаци Лукашевич.[11]

Монета со ликот на Лукашевич

Во 1983 година била пуштена во оптек монета со ликот на Игнаци Лукашевич на задната страна, со номинална вредност од 50 злоти, дизајнирана од Ана Јарнушкевич и Станислава Ватробска-Фринд [12] со тираж од 611700 парчиња.[13] Во 2003 година, ликот на Лукашевич (дизајниран од Р. Новаковска) бил повторно прикажан на монети, овој пат на колекционерски монети: од злато и сребро по повод „150-годишнината на индустријата за нафта и гас“ со тираж од 2.100 и 43000 парчиња. Освен портретот на Лукашевич, на нив бил запишан и датумот „31 VII 1853“.[14][15] Во истата серија биле издадени 600.000 примероци на монети со номинална вредност од 2 злоти изработени од нордиско злато (легура на бакар, алуминиум, цинк и калај)[16], на кои е прикажан ликот на Лукашевич, керозинска ламба и рафинерија.[8] Во 2022 година, била издадена сребрена монета од 10 злоти со тежина од 31,1 г. со портрет на Лукашевич, бунарот во Бобрка и неговата светилка. Дизајнот на монетата е на Доброчка Сурајевска.[8] Во 1996 година била објавена колекционерска банкнота со ликот на Лукашевич.[8] Во 1982 година била издадена поштенска марка во чест на 100-годишнината од смртта на Лукашевич. А во 2022 година Полска Пошта издала уште една поштенска марка, со вредност од 11,5 злоти ликот на Лукашевич со тираж од 600000.[17]

Лични предмети на Игнаци Лукашевич и копија од прототипот на керозинската ламба, заедно со една од највредните колекции на керозински светилки во Европа и се наоѓаат во Музејот Подкарпацкие во Кросно.

Лукашевич е патрон на бројни училишта, универзитети, институции, улици, плоштади итн. На многу места низ Полска има негови споменици и спомен-плочи.

Во 2009 година бил снимен телевизиски документарен филм за Лукашевич, насловен Осветли ја темнината.

На 22 април 2015 година, во Лацут, улицата помеѓу плоштадот и улицата Валова, каде што се наоѓала аптеката на Игнаци Лукашевич, била именувана по Лукашевич и Зеха.[18]

Од 28 август 2020 година, мостот над реката Јасиолка во Швиерзова го носи неговото име.[19]

Со резолуцијата на Сејмот на Република Полска од 29 октомври 2021 година и со резолуцијата на Сенатот на Република Полска од 26 ноември 2021 година, Игнаци Лукашевич е прогласен за патрон на 2022 година. Било издадено посебно издание на Сејмската хроника посветено на покровители на 2022 година.[20]

На 24 јуни 2022 година, Игнаци Лукашевич бил назначен за патрон на основното училиште бр. 7 во Милец.[21]

  1. Janina Chodera, Feliks Kiryk, уред. (2005), Słownik biograficzny historii Polski, T–Ż (1. изд.), Wrocław: Zakład Narodowy im. Ossolińskich, ISBN 8304048574, OCLC 68099997
  2. Ignacy (Jan Józef Ignacy) Łukasiewicz, Архивирано од изворникот на 2022-12-09, Посетено на 2022-12-09
  3. Jan Dębski, Ignacy Łukasiewicz, Ludowa Spółdzielnia Wydawnicza, Warszawa 1955.
  4. Biogram Ignacego Łukasiewicza w portalu Wiki.Ormianie.
  5. Ignacy Łukasiewicz: Prometeusz na ludzką miarę. Warszawa: PIW. стр. 79–80. ISBN 9788381963510.
  6. Życie i działalność Ignacego Łukasiewicza na tle początków światowego i jasielskiego przemysłu naftowego. (PDF), 2011, стр. 7–28 Занемарен непознатиот параметар |inventor= (help)
  7. Honorowi Obywatele Miasta. Ignacy Łukasiewicz, Архивирано од изворникот на 2019-09-25, Посетено на 2022-12-09
  8. 1 2 3 4 Kalwat W., 2022: Łukasiewicz i monety. Mówią wieki, 9/2022, s. 54.
  9. Liana K., 2022: O ropie nad Ropą. Mówią wieki, 9/2022, s. 62.
  10. Muzeum Przemysłu Naftowego i Gazowniczego im. Ignacego Łukasiewicza
  11. Rozporządzenie Rady Ministrów z dnia 19 września 1974 r. w sprawie przekształcenia Wyższej Szkoły Inżynierskiej w Rzeszowie w Politechnikę Rzeszowską imienia Ignacego Łukasiewicza ({{{title}}}, Dz. U. z {{{year}}} r. poz. {{{number}}} ).
  12. 50 złotych 1983 Ignacy Łukasiewicz – monety Polski (PRL)
  13. Ignacy Łukasiewicz 1822 – 1882
  14. 150 – lecie narodzin przemysłu naftowego i gazowniczego
  15. 150 – lecie narodzin przemysłu naftowego i gazowniczego
  16. Strona NBP .
  17. Strona Poczty Polskiej .
  18. Łańcut, uL. Łukasiewicza i Zeha – nowa nazwa ulicy na str.http://www.lancut.pl/ [dostęp 2015-04-23].
  19. Most w Świerzowej Polskiej ma swojego patrona
  20. Kronika Sejmowa 37 (942) (PDF)
  21. Ignacy Łukasiewicz patronem Szkoły Podstawowej nr 7 w Mielcu (полски) Занемарен непознатиот параметар |inventor= (help)

Библиографија

[уреди | уреди извор]
  1. Herb ten, przypisywany Łukasiewiczowi, nie występuje jednak z tym nazwiskiem w żadnym herbarzu.
Грешка во наводот: Има ознаки <ref> за група именувана како „uwaga“, но нема соодветна ознака <references group="uwaga"/>.