Ивица Зориќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ивица Зориќ
Роден 1948
Белград,  Србија
Занимање диригент

Маестро д-р Ивица Зориќ, е македонски диригент, роден во Белград во 1948 година. Основно образование завршил во Тетово, а средно музичко училиште во Битола. Дипломирал, магистрирал и докторирал на ФМУ во Скопје, како прв Доктор од областа на интерпретација во Република Македонија. Во 1977 година го основа детскиот хор "Лале", а во 1981 година го основа и женскиот младински хор "Менада" во Тетово.

Кариера[уреди | уреди извор]

Од 1980 до јули 2007 година бил директор на ОМУ "Тодор Скаловски - Тетоец" од Тетово, под чие раководство учениците од оваа училиште освоиле 180 републички и 50 меѓународни награди. На репертоарот со хоровите со кои работи поставил повеќе од 450 композиции од различни стилови и епохи на 18 јазици. Во македонската и меѓународната културна јавност познат е пред сè како реномиран хорски диригент. Со хоровите "Лале" и "Менада" има остварено повеќе од 1000 настапи во земјава и странство. Како диригент со хоровите настапувал на фестивали, коцертни турнеи и конкурси во 17 земји: Албанија, Бугарија, Србија, Грција, Словенија, Турција, Романија, Италија, Австрија, Германија, Чешка, Полска, Шпанија, Шведска, Холандија, Данска и Португалија.

Награди[уреди | уреди извор]

Како учесник на меѓународните хорски натпревари во странство ги освоил следните награди: Прва награда во Добрич, Бугарија; две втори награди во Литомишл, Чешка; една прва и една втора награда во Гисен, Германија; една втора и една трета награда во Цеље, Словенија; една втора и една трета награда во Превеза, Грција; две први награди и "Гран при" во Бад Ишл, Австрија. На меѓународниот хорски фестивал "Драган Шуплевски" во Скопје во 2002 година ја освои третата награда, а на фестивалот во Хајновка, Полска во 1999 година доделена му е наградата за најуспешен диригент на фестивалот. На републичкиот натпревар во Кавадарци со хоровите "Лале" и "Менада" освоил 21 прво место и 2 втори места, како и повеќепати награда за диригент и награди за праизведба. Повеќе македонски композитори посветиле композиции за маестро Ивица Зориќ и за хоровите со кој работи. Како музички истражувач, теоретичар и педагог од областа на хорската музика учествувал со свои трудови на домашни и меѓународни собири и трибини. Во организација на Хорскиот фестивал "ТЕХО" вклучен е од самиот почеток, денес е претседател на Управниот одбор на оваа, кај нас, единствена меѓународна хорска манифестација.

Како општественик во областа на културата, организирал повеќе од 1000 концерти на сериозна музика со реномирани домашни и странски уметници. Иницијатор и основач е на "Балканскиот хорски форум", во Тетово во 1998 година во кој членуваат претставници од Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Турција, Србија и Романија.

Во 1979 година ја добива "19 Ноемвриската" награда на Тетово, во 1982 година наградата "Кирил Пејчиновиќ", во 2005 највисоката државна награда на Р Македонија "11 Октомври" и во 2007 година наградата на Здружението на музички педагози за "Повеќегодишна успешна работа во областа на музичката педагогија".

Надворешни врски[уреди | уреди извор]