Иверски манастир

Од Википедија — слободната енциклопедија
Иверски манастир
Поглед кон манастирот.
Информации
Манастир на:порано Грузиска православна црква
сега Цариградска патријаршија
Основанbetween 980-983 AD
Посветен наУспение на Богородица
Личности
Основач (и)Георгиј Иверски и Торник
МонасиНатанаел
Важни личностиГеоргиј Иверски, Торник, Јован Иверски, Евтимиј Атоски
Место
МестоГрција Света Гора, Грција
Отворен за јавностаединствено мажи

Иверски манастир или Иврион (грузиски: ივერთა მონასტერი, iverta monast'eri; грчки: Μονή Ιβήρων, Monḗ Ibḗrōn) — источноправославен манастир во монашката држава Света Гора во северна Грција.

Историја[уреди | уреди извор]

Ивирон е основан кон крајот на 10 век на местото на стариот Климентов манастир, малку по основањето на манастирите Голема Лавра и Ватопед. Манастирот бил изграден под надзор на двајца грузиски монаси, Јован Иверски и Торник помеѓу 980-983 и во него живееле грузиски свештеници[1]. Иверски (Иврион) буквално значи „на Иберијците“ на грчки јазик. Името потекнува од древното грузиско Кралство Иберија. Во 14 век манастирот пострадал од честите напади на каталонските пирати и од приврзаниците на унијата со Римокатоличката црква. Сепак манастирот успеал да опстане, благодарение на помошта од страна на византиските цареви од династијата на Палеолозите и од кралевите на Србија и Грузија.

Манастирот е рангиран на третото место во хиерархијата на Атонските манастири. Манастирската библиотека содржи 2.000 ракописи, 15 литургиски свитоци и 20.000 книги на грузиски, грчки, хебрејски и латински.

Манастирот има мошти на повеќе канонизирани светци од било кој друг на Света Гора. Панагија Портаитиса, позната икона од 9 век, исто така се наоѓа во Иверскиот манастир.

Манастирот има околу 30 монаси, од кои ниту еден не е Грузиец.

Објекти[уреди | уреди извор]

Двата параклиса посветени на Пресвета Богородица и на Јован Крстител се од најраниот период на манастирот. Во центарот на дворот на манастирот се наоѓа главниот храм (католикон), изграден во првата половина на 11 век и обновен во 1513 година од игуменот Ѓорѓи Варасвацис. Католиконот е посветен на Успението на Пресветата Богородица. Празникот на манастирот е на 15 август.

Реликви[уреди | уреди извор]

Иверскиот манастир е познат по многуте архитектонски одлики, како столбовите во главниот брод на католиконот, поствизантискиот дрвен иконостас, вратата на ходникот со убава резба и фреските. Особено е извонреден сребрениот лустер подарен од архимандритот Кирил за својот манастир од страна на народот на Москва во 1818 година. Исто така, зачувувани се многу вредни црковни облеки, чинии, евангелие донирано од Петар Велики, мошти на околу 150 светци. Манастирот е најбогат во целата заедница на Света Гора.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. The mind of the Orthodox Church, Vlachos, Hierotheos.