Прејди на содржината

Иван Мелников (иконописец)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Иван Мелников
Иван Иустинович Мельников
Роден 1896
Санкт Петербург
Починал 1969
Битола
Националност Русин
Занимање иконописец, сценограф
Татко Јустин
Мајка Наталија

Иван Јустинович Мелников (Иван Иустинович Мельников) — истакнат руски уметник, иконописец и сценограф кој работел во Југославија и САД.[1] Мелников е еден од најплодните руски иконописци во странство, со преку 7.000 сочувани дела.[2]

Животопис

[уреди | уреди извор]

Во Кралска Југославија

[уреди | уреди извор]

Роден е на 27 август 1896 година во главниот град на Руското Царство, Санкт Петербург од татко Јустин, трговец, и мајка Наталија исто така од Санкт Петербург.[3] Дипломирал на Царската академија за уметности.[2] По болшевичката револуција во Русија емигрирал во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците и отворил ателје за иконопис и световно сликарство во Битола. Бил во групата први руски емигранти во Битола.[1][2][3]

Неговиот прв иконостас е живописан во 1921 година за новоизградената црква Свети Никола во Наколец, на брегот на Преспанското Езеро.[2] Во Битола негово дело се иконите на иконостасот на „Рождество Богородица“,[1] „Света Петка“,[2] фрески во „Света Недела “,[2] поединечни икони во Руската црква Света Троица, како и во Битолската митрополија, каде што е автор и на портрети на митрополити.[1] Ги сликал и црквите Свети Никола Дримени во Струга, Свети Анастасиј во манастирот Свети Наум, три иконостаси во манастирот кај Дебар и Свети Теодор Тирон во Долно Српци. Ги живописал и манастирот Калиште, Свети Никола во Сопотница и Свети Илија во Жван.[2]

Работел и во други краишта на Југославија - во црквите „Свети Прокопиј“ и „Свети Ѓорѓи“ кај Чачак, во црквата „Вознесение“ во селото Осечине кај Валево[2] во манастирот „Преображение“ во Овчарско (1940).[2] Заедно со Николај Мајендорф учествувал во возобновувањето на манастирот Жича.[4] За црквата „Св. Сава“ во манастирот, Мелников создал уникатен бисерен иконостас. Автор е и на величествениот иконостас на црквата „Света Богородица“ во Чајниче.[2]

Низ неговата иконописна школа минуваат повеќе од 50 ученици, меѓу кои и познатиот српски иконописец Младомир Тодоровиќ. Мелников бил член на Париското друштво за икони и одржувал врски со Институтот Кондаков во Прага.[2]

На 15 јули 1934 година стапил во брак со Хрисула Васиљевиќ. Венчавката била во манастирот Манастир „Свети Наум“ - Охрид„Свети Наум“, Охридско, а чинот на венчавање го извршил јеромонахот Данило, собрат во манастирот.[5]

Во Федеративна Југославија

[уреди | уреди извор]

По воспоставувањето на комунистичкиот режим во Југославија, во 1946 година започнал да работи како сценограф во Народниот театар Битола, за кој дизајнирал над 60 претстави.[2] Неговото прво дело како сценограф била за претставата на Народниот пратеник од Бранислав Нушиќ од 1948 година. Следат „Еснафи“ од Максим Горки (1949), „Милион маченици“ од Ристо Крле (1949), „Профитери“ од Антон Панов (1950), „Задруга“ од Коле Чашуле (1951), „Сите мои синови“ од Артур Милер (1952), „Кутрата невеста“ од Александар Островски (1953), „Коштана“ од Борисав Станковиќ (1954) и други. Сценографиите на Мелников го надминуваат натурализмот и инспирираат дискретна тенденција за стилизација.[1]

Исто така Мелников бил педагог во битолските училишта. Подолг временски период работел како учител по цртање во Оу „Даме Груев“. Со педагошки такт, благ и уреден кај многу ученици оставил силен впечаток. Еден од нив е и сликарот Панде Петровски.[3]

Во Северна Америка

[уреди | уреди извор]

На повик работел во САД, главно на иконописи.[2] Негови се 40-те иконостасни икони во српската катедрала Свети Сава во Њујорк, насликани во 1962 година.[2][6] Автор е и на иконите на Свети Никола во Џонстаун, Пенсилванија (1965) и на Успение на Богородица во Виндзор, Канада (1968-1969).[2]

Починал во 1969 година.[2]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Ѓоргиевски, Науме (2010). Значајни личности за Битола. НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола. стр. 104. Архивирано од изворникот на 2021-11-26. Посетено на 24 февруари 2022. Укажано повеќе од еден |pages= и |page= (help)
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 „Мельников, Иван Иустинович“. Искусство и архитектура русского зарубежья. Архивирано од изворникот на 2022-02-24. Посетено на 27 декември 2018.
  3. 3,0 3,1 3,2 Стерјовски, Александар (2003). Руската колонија Битола. Битола: Младински културен центар - Битола. стр. 79–81. ISBN 9989-2139-0-9.
  4. „Moskva prikuplja sredstva za restauraciju Žiče“. Sputnik Srbija. 17 јуни 2015. Архивирано од изворникот на 2021-03-04. Посетено на 27 декември 2018.
  5. Стерјовски, Александар (2003). Руската колонија Битола. Битола: Младински културен центар - Битола. стр. 223. ISBN 9989-2139-0-9.
  6. „History of the Cathedral of St. Sava in New York“. Serbian Orthodox Cathedral of Saint Sava - Саборнa црквa Светог Саве. Посетено на 27 декември 2018.