Иван Грозни 2 (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Иван Грозни 2 - (руски: Иван Грозный - Вторая серия: Боярский заговор) советски филм од 1958 година, во режија на Сергеј Ејзенштајн. Филмот претставува продолжение на истоимениот филм за царот Иван Грозни од 1944 година. Главните улоги ги толкуваат: Николај Черкасов, Серафима Бирман, Михаил Названов, Михаил Жаров, Амвроси Бухма, Михаил Кузнецов, Павел Кадочников, Андреј Абрикосов итн. Овој филм е последниот во опусот на Ејзенштајн, но бидејќи бил сметан за имплицитна критика на Сталиновиот режим, тој бил забранет до 1958 година, иако снимањето завршило уште во 1946 година. Во 1962 година, филмот влегол во изборот на десет најдобри светски филмови на сите времиња, направен од британското списание Sight & Sound.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Царот Иван (го игра Черкасов) се враќа во Москва, засилувајќи ја својата власт со помош на верната гарда. Тој повторно влегува во судир со болјарите, кои бараат да им се вратат старите права. Исто така, Иван стапува во судир и со црквата. Затоа, болјарите и високото свештенство прават план да го убијат царот и да го постават малоумниот кнез Владимир (го игра Кадочников) за нов цар, а организатор на заверата е тетката на Иван, Ефросина (ја игра Бирман).
Меѓутоа, царот Иван ја предвидува заверата и го кани Владимир на гозба. Таму, Владимир се опијанува и му признава на царот дека болјарите планираат да го убијат. Тогаш, Иван Грозни го седнува Владимир на престолот, го облекува во царска облека и му ја става царската круна на главата, а потоа, царот и неговата свита, предводени од Владимир, одат во црквата. Таму, веќе чека убиецот, кој по грешка го убива кнезот Владимир. Мислејќи дека е убиен царот, Ефросина прогласува дека Русија има нов цар, но кога открива дека убиениот е нејзиниот син Владимир, таа паѓа во очај. Така, Иван Грозни го крши отпорот на болјарите, по што прогласува дека е подготвен да ја брани Русија од надворешните непријатели.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]