Зрна

Од Википедија — слободната енциклопедија
Зрна
АвторРадован Павловски
ЗемјаМакедонија
Јазикмакедонски
Жанрзбирка песни
Издадена
1975

Зрна — збирка од 26 песни од Радован Павловски, објавена во 1975 година.

Поезијата на Радован Павловски е специфична во својата метафорика со изграден посебен култ кон сликата, кон природата, кон навраќање на стварниот и имагинарниот амбиент на поетовиот роден крај наречен Железна Река.

Циклусот песни „Зрна“ го сочинуваат 26 песни во кои зрното претставува многузначен симбол. Во својата основа зрното има вегетативно значење и симболизира раѓање, плодност. Тоа никогаш не умира, а преку неговата бесмртност ја претставува и судбината на човекот[1].

Критички осврт[уреди | уреди извор]

Зрно

Во мене живее житието на народот

А со мене

И судбини по светот се пребројуваат

Да не ми остане семето во темнина

Земјата да не ми огрубее, овенее

И низ камен отвoрам пат

Породот кон сонце го водам

Во невреме јас знам химна да запеам

Потоа кон ѕвездите да се оддалечам

и да бидам вечна светлина

Над шари од жита и народи.


Уште на почетокот на песната го гледаме поистоветувањето на зрното со човекот (со народот). Во поетовото срце е присутен целиот негов народ, од постанокот па до денес, сите Македонци со своите судбини по светот се слични на него. Во продолжение ја изразува својата загриженост за сопственото семе, за наследството, да не остане во темнина и на тој начин земјата да „огрубее, овенее“. Всушност загриженоста е за целиот негов народ и за неговата иднина.

Сепак, во наредните стихови оптимизмот надвладува – „низ камен отвoрам пат“ – зашто тој нема да дозволи семето да се уништи, тој ќе му овозможи пат до сонцето, до животот, до иднината. Знае тој дека ќе има и тешки моменти, невреме, но тој и неговиот народ ќе успеат да ги совладаат. Дури тогаш, кога ќе се ослободи од стравот, кога ќе биде сигурен во успехот, тој ќе може да се упати „кон ѕвездите“, кон „вечна(та) светлина“ и од горе да ја набљудува убавината на неговата земја.

Во наредните песни на циклусот, Павловски ги расветлува разните облици и форми на зрното, го разгледува односот на поединецот кон минатото, сегашноста и иднината („Првородни зрна“), за војната и последиците од неа („Зрно на воинот“), за бунтот против насилството („Бунт на зрното“), за вечното постоење на Македонецот („Зафрлено зрно“) итн.

Секоја песна на Павловски, длабоко произлегува од неговиот живот, од неговата врска со сите времиња на сопствениот народ и неговото битие. Движејќи се по своите патишта, тој во творештвото не само што се открива себеси, туку и македонскиот народ, кој како вечен мит од најдревните времиња до денес, па и во иднина ќе биде светла точка на светската историја[2].

Наводи[уреди | уреди извор]