Прејди на содржината

Зомби-апокалипса

Од Википедија — слободната енциклопедија
Група глумци облечени како зомбија за филм.

Зомби-апокалипса — фантастичен, катастрофичен жанр на филмови на ужасите, книжевност на ужасите и компјутерски игри: пандемија што ги претвора луѓето во агресивни, канибалски живи мртовци и води до пропаст на цивилизацијата. Од почетокот на 2000-тите години, претставата за зомбијата и зомби-апокалипсата почнала да се користи не само како шема за филмови од одреден жанр, туку и како своевиден сеопфатен модел, применлив во многу жанрови и правци на масовната култура.[1]

Одделни сценарија на измислена зомби-апокалипса ја поврзуваат наездата од зомбија со некој патоген, на пример вирус што се пренесува од човек на човек, изедначувајќи ја зомби-апокалипсата со епидемија на вистинска заразна болест. Други, уште пофантастични сценарија претпоставуваат дека секој починат човек — од која било причина — се претвора во зомби, опседнат со желба да напаѓа живи луѓе. Меѓутоа, каснување од зомби речиси секогаш води до смрт и последователно претворање во зомби, но во некои сценарија постои противотров што може да спречи претворање на каснатиот во зомби. Државните служби, полицијата и војската се неспособни да се справат со заканата, а малкуте преживеани се принудени да се борат за опстанок, опкружени со мноштво зомбија.

Во услови на зомби-апокалипса се предлагаат следниве совети за преживување. Потребно е да се најде оружје и превоз за да се напушти местото со голема концентрација на луѓе и да се насели на пусто место. Се предлага навреме да се обезбеди храна, опрема за лов и риболов, извори на оган, динамо-машини, топла и заштитна облека, како и медикаменти. Како содржина на „куферот за итни случаи“ се предлагаат: вода, храна со долг рок на траење, нож, селотејп, радио на батерии, сапун, крпа, ќебиња и комплет за прва помош.

Интересни факти

[уреди | уреди извор]

Во 2009 г., канадски математичари од Универзитетите Отава и Карлтон објавиле научен труд во зборникот Infectious Disease Modelling Research Progress, посветен на моделирање на зомби-апокалипсата како епидемија од необичен вид. Во него, тие покажале дека самото постоење на хипотетичка зомби-зараза порано или подоцна би довело до пад на цивилизацијата. Во трудот било наведено дека, и покрај очигледната неверојатност на таквото сценарио, работата ја покажува прилагодливоста на начинот на математичко моделирање и неговата применливост во најширок опсег на задачи во биологијата.

До 2014 г., Пентагон разработил план за одбивање напади од зомбија, посветувајќи посебно внимание на плановите за брза евакуација од градот.

Бројни противници на заострувањето на контролата врз прометот со оружје во САД се повикуваат на зомби-апокалипсата, изјавувајќи дека не треба да се ограничува носењето оружје, бидејќи може да биде потребно во итни ситуации, кога „државата нема да биде во состојба да реагира“. Токму за такви случаи, Националното здружение за оружје дури организира собири на кои може да се вежба прецизност при пукање на цели со слика на зомбија. Алтернатива на огненото оружје смислил основачот на компанијата Tesla, Илон Маск — неговите пламенофрлачи можеле да се купат без дозвола, а ако оружјето не проработи во борбата против живите мртовци, Маск ветил дека ќе ги врати парите. Првата и засега единствена серија била распродадена за неколку часа.

  1. „Religious Themes of George Romero's Zombie Movies“ (PDF). www.golemjournal.org. Архивирано од изворникот (PDF) на 2012-09-06. Посетено на 2025-08-31.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]