Зодијак (сериски убиец)

Зодијак (англиски: Zodiac) — псевдоним на неутврден американски сериски убиец што дејствувал во Северна Калифорнија од крајот на 1960-тите до почетокот на 1970-тите години.
Убиецот извршил седум потврдени напади во Бениша, Ваљехо, Напа и Сан Франциско, во периодот од декември 1968 г. до октомври 1969 г., од кои пет завршиле со смрт на жртвите. Тој напаѓал млади парови, а извршил и убиство на таксист. За време на злосторствата користел нож и пиштол. Исто така, бил осомничен и за сериски убиства на девојки во Санта Роза.
По вториот напад, злосторникот испратил серија потсмевливи писма до месните весници, во кои како потпис го користел псевдонимот „Зодијак“ и конкретен симбол што потсетува на келтски крст (
). Сличен симбол оставил и на местото на едно од злосторствата. Во писмата, Зодијакот објавил дека „собира робови“ за задгробниот живот, упатил закани за нови убиства и изразил намера да дигне во воздух училиштен автобус. Писмата содржеле четири шифри, во кои, според убиецот, биле шифрирани податоци за него. Две од нив биле успешно дешифрирани, додека дешифрирањето на останатите е исклучително тешко поради нивниот мал обем. Во нив не биле пронајдени лични податоци за убиецот. Зодијак испратил поголем дел од писмата во периодот 1969-1971 г., по што три години не контактирал со никого. Во 1974 г., пристигнало последното писмо за кое е докажано дека е напишано од Зодијак. Слични пораки пристигнале и подоцна, но повеќето стручњаци сметаат дека Зодијакот не бил нивниот автор. Причините поради кои тој ја прекинал преписката се непознати.
Во своите писма, Зодијак постојано тврдел дека има нови жртви, на крајот тврдејќи дека извршил 37 убиства, но степенот на вистинитост на овие тврдења не е јасен. Убиецот можеби го преувеличувал бројот на жртвите поради желба за внимание од медиумите и за да ја збуни истрагата. Полицијата смета дека е докажана неговата вмешаност во смртта на пет лица.
И покрај тоа што преживеаните жртви и сведоците дале подробен опис на сторителот, а на местото на злосторството оставил отпечатоци од прсти, неговата самоличност не била утврдена. Полицијата го објавила името на само двајца осомничени. Главниот осомничен е Артур Ли Ален, и иако бил под сомнение долги години, истрагата не успеала да собере доволно докази за неговата вина. Во 1992 г., Ален починал без никогаш да биде службено обвинет за убиствата на Зодијак. Неговата вина останува предмет на расправа. Вториот осомничен е Гери Френсис Пост, кој е под истрага како осомничен во овој случај од 2014 г. Пост е исто така еден од ретките осомничени што властите ги испрашувале во врска со злосторствата на Зодијак. Интересот за верзијата дека Гери Френсис Пост можеби е Зодијак, се обновил во 2023 г.
Идентитетот на Зодијакот и неговата веројатна вмешаност во други убиства станале предмет на бројни неофицијални теории, вклучувајќи и сомнителни или апсурдни. Како осомничени се разгледувале стотици луѓе, од кои неколку десетици се познати на пошироката јавност. Голем број луѓе изјавиле дека некој од нивните роднини или познаници бил Зодијакот, но не биле обезбедени убедливи докази. Официјално, случајот со Зодијак се смета за нерешен, а самоличноста на сторителот за непозната.[1][2]
Зодијак е еден од најпознатите сериски убијци во историјата на САД. Неговиот лик и дела нашле одраз во масовната култура, вклучувајќи ги и истоимените филмови од 2005 и 2007 г.
Тековна состојба на истрагата
[уреди | уреди извор]Во април 2004 г., Полицискиот оддел на Сан Франциско го префрлил случајот во „неактивен“ статус, повикувајќи се на притисокот од општеството и потребата од ресурси, со што практично го затворил. Меѓутоа, до март 2008 г., случајот бил повторно отворен. Случајот со Зодијак сѐ уште е отворен во окрузите Напа и Риверсајд.[3][4]
Во мај 2018 г., Полицискиот оддел на Ваљехо објавил намера да добие ДНК од Зодијак од задната страна на поштенските марки што ги користел за време на неговата преписка. Се очекувало анализата, спроведена од приватна лабораторија, да користи современа техника што може да ја оддели ДНК-та од лепилото на задната страна на марките. Се појавило надеж дека Зодијакот може да биде фатен слично како „Убиецот од Златната Држава“. Во јуни 2019 г., било соопштено дека „резултатите се очекуваат наскоро“.
На 5 декември 2020 г., шифрата Z340 на Зодијак била дешифрирана од тројца љубителски криптографи од САД, Австралија и Белгија. Тоа биле веб-дизајнерот Дејвид Оранчак од Вирџинија, математичарот Сем Блејк од Австралија и програмерот Јарл ван Ејке од Белгија, кој е автор на една од програмите за дешифрирање. Програмата AZDecrypt одиграла клучна улога во дешифрирањето. ФИБ официјално ја потврдило автентичноста на дешифрираниот текст.
„Се надевам дека не ви е досадно додека се обидувате да ме фатите. Тоа не бев јас во таа телевизиска емисија[...] Не се плашам од гасната комора, бидејќи таа побрзо ќе ме испрати во рајот, бидејќи сега имам доволно робови што работат за мене“, пишува во пораката што убиецот ја испратил до весникот San Francisco Chronicle на 8 ноември 1969 г. Притоа, зборот „рај“, на англиски paradise, бил напишан неколкупати со грешка — „paradice“.
Телевизиската емисија спомната во шифрата е емисијата на Џим Данбар „AM San Francisco“, каде што во октомври 1969 г. гостин во студиото бил адвокатот Мелвин Бели. Тогаш во живо се јавил некој што се претставил како „Зодијак“ и рекол: „Не сакам да одам во гасната комора“. Меѓутоа, подоцна било утврдено дека повикувачот бил пациент од психијатриска болница и немал никаква врска со вистинскиот убиец.
На 4 октомври 2021 г., екипата „The Case Breakers“, составена од повеќе од 40 поранешни истражители на органите на редот, како и новинари и офицери на Воената разузнавачка служба на САД, објавиле дека биле откриени нови подробности за случајот. Се претпоставува дека Зодијакот можеби дејствувал на многу поширока територија отколку што се мислело претходно. Истражителите објавиле дека го утврдиле убиецот Зодијак како Гери Френсис Пост, кој починал во 2018 г. Во текот на годините истражување, екипата пронашла нови докази и фотографии од фотолабораторијата на осомничениот. На една слика од наводниот убиец биле видливи лузни на челото. Токму оваа карактеристична црта била вклучена во описот на убиецот. Меѓутоа, полицијата и ФИБ не ја поддржале верзијата на истражителите, изјавувајќи дека случајот сѐ уште е отворен.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Fagan, Kevin (2021-10-06). „Zodiac Killer case solved? Case Breakers group makes an ID, but police say it doesn't hold up“. San Francisco Chronicle (англиски). Архивирано од изворникот на 2021-10-11. Посетено на 2021-10-11.
- ↑ Kettler, Sara (2019-10-10). „Why the Zodiac Killer Has Never Been Identified“. Biography.com (англиски). Архивирано од изворникот на 2021-11-02. Посетено на 2021-11-02.
- ↑ „Zodiac: The killer who will not die“ (англиски). San Francisco online. 2011-08-24. Архивирано од изворникот на 2011-08-24. Посетено на 2019-06-27.
- ↑ NBC Bay Area Staff. „Los Angeles Man Claims to Have Met Zodiac Killer“ (англиски). NBC Bay Area. Архивирано од изворникот 2016-04-04. Посетено на 2019-06-27.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- „Zodiac Murder Map“ — Google Map ги прикажува потврдените и можните напади на Зодијакот (со подробности).