Златна кула

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Златната кула

Златна кула (арапски: بُرْج الذَّهَب; бурџ ад дахаб) — воена стражарска кула со дванаесетаголна основа којашто се наоѓа во Севиља. Кулата била изградена во првата третина на 13 век од страна на Алмохадската династија за да се надгледува пристапот до градот преку реката Гвадалкивир. Во неа денес е сместен Поморскиот музеј на Севиља.[1]

Кулата била прогласена за национален споменик во 1931 година и била обновувана повеќепати низ историјата. Последните зафати биле извршени во 1900, од 1991 до 1992, во 1995 и во 2005 година. На 13 август 1992 година, Златната кула била збратимена со Белемската кула во Лисабон заради чествување на Светската изложба којашто истата година се одржала во Севиља.[2]

Во непосредна близина на Златната кула се наоѓа Сребрената кула којашто се претпоставува дека била изградена во истиот период.

Потекло на името[уреди | уреди извор]

Кулата името го добила по златниот отсјај којшто го прави во реката поради материјалите од коишто е изградена, односно малтер, креч и втиснато сено.

Архитектура[уреди | уреди извор]

Градбата на кулата се состои од три дела. Првиот е со дванаесетаголна основа и бил изграден во 1220 година по наредба на алмохадскиот управител на Севиља Абу Лула. Вториот дел исто така е со дванаесетаголна основа и бил изграден од страна на Педро I Кастиљски во 14 век, што е претпоставка потврдена со археолошки истражувања. Третиот и најгорен дел има кружна основа и бил додаден откако претходниот најгорен дел бил оштетен во лисабонскиот земјотрес од 1755. Обновување на третиот дел го извршил бриселскиот воен инженер Себастијан ван дер Борхт во 1760 година.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]