Златко Билјановски

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Злате Билјановски)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Zlate Biljanovski.jpg
Роден Златко Билјановски
25 јануари 1920
Пуста Река
Починал 8 март 2009
Скопје
Националност Македонец
Познат народен херој, активист на НОБ, политичар
Занимање политичар, писател


Златко „Злате“ Билјановски , познат под псевдонимот „Михајло“ (Пуста Река, 25 јануари 1920 - Скопје, 8 март 2009) — македонски комунист, учесник во НОВ и повоен политичар. Носител е на Партизанска споменица 1941 и одликуван со орденот Народен херој на Југославија од Македонија.

Биографија[уреди | уреди извор]

Млади години[уреди | уреди извор]

Златко Билјановски бил роден во планинското крушевско село Пуста Река на 25 јануари 1920 година, во сиромашно печалбарско семејство. Раното детство го поминал во селото каде семејно се занимавале со сточарство, додека неговиот татко бил на печалба во Винковци. Основното образование го завршил во родното место.[1]

Во јануари 1931 година, откако го завршил неговото основно образование, тој заминал на печалба во Винковци кај неговиот татко. Таму го изучувал кројачкиот занает. На почетокот тој се снашол одлично, но многу набрзо неговиот татко останал без работа. Поради тоа, се преселиле прво во Вуковар, па во Нови Сад, но никаде не можеле да се снајдат со работа. Сепак, кога пристигнале во Крагуевац, тие наишле на голема македонска печалбарска заедница. Во Крагуевац Златко го завршува кројачкиот занает во периодот од 1931 до 1934 година.[1]

Активизам[уреди | уреди извор]

Златко Билјановски станал член на УРС-овите синдикати мошне млад. Во јануари 1935 година ја изгубил работата и заминал за Белград. Таму не нашол веднаш работа, но земал неделна помош од Синдикатот и тие му нашле привремени работи.[1]

Само што пристигнал во Белград, Златко зел учество во првите судири помеѓу работниците и жандармеријата. После овој настан тој учествувал во скоро сите настани и штрајкови организирани од белградските работници. Подоцна во 1936 година станал и еден од организаторите на таквите настани. Често ги посетувал како гостин школите на чираците и подружниците на текстилните, кожарските и дрводелските работници.[1]

Како член на СКОЈ станал кон крајот на 1936 година. Во тој период тој се стекнал со солидни знаења од областа на дијалектичкиот материјализам и постепено продлабочувајќи ја марксистичко-ленинистичката идеја. Така, следната година станал секретар на скоевскиот актив и голем борец за правата на работниците. Поради своите идеи и делувања, во јуни тој и неговиот пријател Владо Паниќ биле уапсени и притворени во белградскиот затвор. Во затворот го држеле 2 месеца, каде бил малтретиран и бил под притисок даа ги предаде своите комунистички идеали и организација. Златко не попуштил под притисоците и после третиот месец го пуштиле. За ваквата поборност тој добил големо признание од Партијата преку Душко Величковиќ, кој пак уште во затворот му подарил облека и хигиенски прибор. Пораде сето ова, властите го класифицирале како „опасен комунист“, му наредиле да се врати во Пуста Река и му дале забрана за одење во Белград. Сепак и во Македонија продолжил со ист ентузијазам со работа и посветеност кон идејата.[1]

Воен период[уреди | уреди извор]

Во септември 1940 година го започнал отслужувањето на воениот рок во Марибор, каде бил заведен како „Златан Ѓорѓевиќ“. За време на воениот рок бил етикетиран од старешините како „опасен комунист“, но сепак станал најпопуларен меѓу војниците. Така на пример, додека служел војска, се разболел на белите дробови, но поради своите политички убедувања не бил пуштен на домашно лекување.[1]

Кога започнала војната на 6 април, Златко и неговата група војници биле на патот Марибор-Птуј. Додека пешачеле ги нападнале германските сили и скоро сите од војниците биле убиени. Златко со уште неколку војници кои останале живи се криеле покрај Драва, и се упатиле прво кон Крапина, а потоа кон Вараждин. Пред Вараждин тие биле уапсени од германските сили и како заробеник бил испратен во Лукенвалд. Тој бил пуштен од заробеништво во август 1941 година, кога заедно со двајца Македонци заминуваат за Виена, во еден собирен логор на Македонци. По овие тешки периоди, Златко се враќа повторно во Пуста Река.[1]

Во родниот крај Златко се поврзал со партиските организации и добил задача да формира скоевски групи во околните села во крушевско. Поради неговата голема активност бил избран за член на ОК на СКОЈ во Крушево. Во тој период два пати бил апсен. Во септември 1942 година тој се приклучил на Крушевскиот партизански одред и по одреден период станал четен политички комесар. Следната година бил префрлен во Кичево каде бил формиран Мавровско-кичевскиот партизански одред и Златко Билјановски бил поставен за заменик политички комесар. Бидејќи вешто се снашол како борец, тој бил поставен за водач на курирската патрола на Покраинскиот Комитет на Комунистичката Партија за Македонија. Подоцна бил назначен за заменик-командант на Жупскиот одред, а кога станал батаљон, тој бил назнален за политички комесар. Тој учествувал во сите борби на батаљонот до 1944 година.[1]

Билјановски извесно време поминал и во Грција. По враќањето од Грција заминал за Куманово каде е формирана Третата бригада и тогаш е поставен за заменик политички комесар. Во август 1944 година бил шеф на еден отсек на ОЗНА за Македонија, функција која ја вршел до крајот на војната.[1]

Повоен период[уреди | уреди извор]

По Ослободувањето го завршил Економскиот факултет и извршувал разни политички и општествени должности: државен секретар за внатрешни работи на НРМ, член на ЦК на СКМ, член на Владата на НРМ и на Извршниот совет на НРМ, директор на Царинската управа на СФРЈ, претседател на Комисијата за општествен надзор на Сојузното собрание, републички и сојузен пратеник во повеќе свикувања, потпретседател на Собранието на СРМ и претседател на Републичкиот одбор на Сојузот на борци од НОВ на Македонија.[2]

За народен херој бил прогласен на 29 ноември 1953 година.[1]

Творештво[уреди | уреди извор]

Билјаноски е автор на неколку книги:

  • „Крвави траги“ (1969)
  • „Од Козјак до Загреб: Трета македонска народноослободителна ударна бригада“ (1971)
  • „Февруарски бели ноќи“ (1972)
  • „Одредот Питу Гули“ (1973, 1990)
  • „Манчу Метак“ (1975)

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 1,8 1,9 Народни херои од Македонија, Наша книга, Скопје, 1973 г., стр. 59-63
  2. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 151 стр.

Поврзано[уреди | уреди извор]