Златен Град

Од Википедија — слободната енциклопедија

Златен Град или Градот на воините кој датира од крајот на 5 век, и се наоѓа во непосредна близина на с. Коњух. Мештаните од околните села имаат сопствено усно предание или легенда за местото. Овде, многу одамна, живеел моќен крал со неговата кралица. Тие си имале само една ќерка, која била позната по својата итрина, бистрина и цврстина во карактерот. Арно ама, при еден од оброците, кралската ќерка се задушила, при што доживеала состојба која денеска е позната под терминот „клиничка смрт“, а своевремено луѓето не биле запознаени со овој феномен, така што ја прогласиле за мртва. Кралот и кралицата, во големата жалост, наредиле набрзина да се подготви многу богат погреб во месноста „Мала Кралица“, во непосредна близина на наоѓалиштето „ Големо Градиште“ – с. Коњух. Гробарите, вечерта по погребот, се вратиле да го ограбат гробот. Зеле многу од накитот, даровите, златните и сребрените пари, при што, кога еден од гробарите пришол да го земе ѓерданот од кралската ќерка, кога го потегнал, на свое големо изненадување, видел дека кралската ќерка е жива. Тоа ги ставило во мисла гробарите, дали да ја остават жива или да ја убијат, затоа што таа ги видела како го ограбуваат гробот. По долго размислување, дошле до решение да не ја убиваат, туку да ја однесат во друго кралство, за да не ги издаде на кралот и кралицата. Нејзините родители останале со сознанието дека нивната ќерка е мртва. Тие тргувале со многу богати земји од Исток и Запад. При едно од нивните отсуства, заради трговска размена за друти стоки, нивното кралство било ограбено, а кралскиот град горел во пламен. Тие со свои очи го виделе пожарот во градот, при што заплакале, а денеска, меѓу народот, местото е познато под името „Плакало“. Бидејќи загубиле сè што им било драго, поради добрите односи со градот Солун, одлучиле да се преселат во него, со целата своја сопственост, а до ден денес спомен на тоа има во т.н. „ Коњушко Маало“ во Солун.