Зеф Љуш Марку

Од Википедија — слободната енциклопедија
Портрет на Зеф Љуш Марку.
Извештај за пронаоѓањето на мртвото тело на Марку.

Зеф Љуш Марку (18852 декември 1920) — албански комунист, член на КПЈ. Тој бил прва жртва на „белиот терор“ во Југославија.

Животопис[уреди | уреди извор]

Роден е во април 1885 година во Призрен. Во родното место завршил основно училиште и два класа гимназија, а потоа се преселил во Скопје. Таму најпрво работел како работник во Државниот монопол, а по Првата балканска војна, во 1912 година работел во Српско-француската банка. Во текот на тие години стапил во работничкото движење на Југославија и станал еден од главните активисти за ширење на социјалистичките идеи.

Станал член на КПЈ од нејзиното основање во 1919 година. Како делегат на Обласниот совет на КПЈ за Скопје, на 19 ноември 1920 година дошол во Ѓаковица, за да помогне на тамошната партиска организација во вршење на агитација за престојните избори за Уставотворното собрание на Кралството СХС, закажани за 28 ноември. Набрзо бил уапсен и бил убиен во затворот во Ѓаковица ноќта меѓу 2 и 3 декември 1920 година. По неговото убиство КПЈ организирала протести и демонстрации во Скопје и Белград.

Убиството на Зеф Љуш Марку се смета како прва жртва на „белиот терор“ во Кралство Југославија, кој станал уште посилен по донесување на „Обзнаната“, во декември 1920, и со Законот за заштита на државата од август 1921 година.

Според него е наречена една гимназија во Скопје.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Хронологија Радничког покрета и СКЈ 1919-1979 (књига прва). „Институт за савремену историју“ Београд и „Народна књига“ Београд, 1980.
  • Рамиз Абдули, „Зеф Љуш Марку - истакнат поборник на работничкото движење во Македонија и на Косово (1885-1920)“ во „Историја: списание на Сојузот на историските друштва на СР Македонија“, Год. 36, бр. 1-2 (2000), стр. 49-60.
  • Македонска енциклопедија (книга прва). „МАНУ“ Скопје, 2009, 584 стр.