Звонимир Вукелиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Звонимир Вукелиќ
Роден 5 април 1942
Бања Лука,  Кралство Југославија, денес  Босна и Херцеговина
Починал 17 март 2016
Скопје, Македонија Македонија
Занимање инженер и професор

Звонимир Вукелиќ (српски: Звонимир Вукелић; 5 април 1942, Бања Лука, Босна и Херцеговина - Скопје, 17 март 2016) — македонски хидротехничар, врвен експерт во делот на водоснабдување, канализација и мелиорации. Професор на повеќе факултети, меѓу кои и Градежниот факултет во Скопје и Факултетот за инженерство на животната средина во Скопје.

Животопис[уреди | уреди извор]

Вукелиќ е роден на 5 април 1942 година во Бања Лука, Босна и Херцеговина. Основно училиште завршил во Мојковац, а средно техничко градежно училиште во Белград. Во учебната 1961/62 година се запишал на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје, каде што и дипломирал во 1966 година на хидротехничката насока. По дипломирањето, до стапувањето на Техничкиот факултет во Приштина во звањето доцент (1975 година), тој работел како проектант во Заводот за студии, проектирање и надзор на Генералната дирекција на Југословенските железници во Белград; раководител на објект во ГП „Пелагонија“ и ГП „Гранит“ во Скопје; главен проектант и раководител на хидрогрупата во претпријатието „Косметпројект“ во Приштина; директор на Водостопанската организација „Косово-хидротехника“ во Приштина; генерален директор на Општото здружено водостопанско претпријатие „Косово“ во Приштина и технички советник во претпријатието „Далмација – цемент“ од Сплит за Македонија. Во 1981 година е избран за вонреден, а во 1986 година за редовен професор на Техничкиот факултет во Приштина, за предметите хидраулика и хидрологија. Од 1987 до 1995 година е вонреден професор на Градежниот факултет во Загреб за предметот хидрологија. Од 1 октомври 1995 година бил редовен професор на Градежниот факултет во Скопје. Во текот на работниот стаж престојувал во странство, и тоа: на специјализација во 1972 година во Water Division of the City of Buffalo, САД; во 1975 година на Градежниот факултет во Москва; во 1979 година на Политехника во Краков; во 1985 година на Политехника во Јаш, Романија; во 1981 година на постдокторски студии на University of Florida, САД и во 1998 година на BOKU во Виена. Во наставната дејност на Градежниот факултет во Приштина, на Градежниот факултет во Гејнсвил, (Флорида, САД), на Градежниот факултет во Загреб, на Геотехничкиот факултет во Вараждин, на Градежниот факултет во Скопје и Факултетот за инженерство на животната средина во Скопје, држи предавања за предметите хидрологија, хидраулика, регулација на водотеци, пловни патишта и пристаништа, хидротехнички мелиорации, стопанисување со водите, комунална хидротехника и моделирање на хидротехниката на додипломските студии и параметарска и стохастичка хидрологија на постдипломски студии. Беше ментор на повеќе магистранти и докторанти. Издал голем број книги: Хидраулика (Приштина,1987), поглавје 2.3 Господарење водама во книгата „Метеорологија у служби човјека“ (Загреб, 1996), поглавје во книгата „Предлог дефиниција учесталих водопривредних граѓевина на отвореним водотоцима“ (Загреб,1996), Хидрологија (Загреб, 1992), Методе прочишќавања и санације отпадних и других вода (Вараждин, 1992), Моделирање у хидротехници и геотехници (Вараждин, 1995), Комунална хидротехника (Вараждин, 1995), Задаци из хидротехнике (Приштина, 1976), Хидротехнички номограми (Приштина, 1976), Чист град – поздрава животна средина (Вукелиќ, З., Спасовски, Н., 1999) и преведена книга Urban Solid Waste Management (Скопје, 1998). Како инженер работел на повеќе студии и проекти за надворешни и внатрешни водоводи и канализации, регулации на водотеците, системи за наводнување и други водостопански објекти. Учествувал во изработка на поголем број научно-истражувачки проекти, како водител на проектите, објавил голем број печатени реферати во списанија и околу 80 објавени реферати на симпозиуми, конгреси, конференции и советувања. Има изработено околу 200 проекти од областа на водовод, канализација, регулација на реки, мелиорации и други водостопански објекти и учествувано во надзор и изведба на различни објекти. Бил член на друштвото за одводнување и наводнување на Македонија (ДОНМ).[1] Починал во Скопје на 17 март 2016 година.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. ДОНМ. Архивирано од изворникот на 2016-08-11. Посетено на 2016-11-19.
  2. Жална вест; Проф. д-р Звонимир Вукелиќ. Архивирано од изворникот на 2017-02-02. Посетено на 2016-11-19.