Зајко, бегај

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

„Зајко, бегај“ (англиски: Rabbit, Run) — роман на американскиот писател Џон Апдајк од 1960 година.

Мото[уреди | уреди извор]

Пред почетокот на главното дејство е ставено мотото на романот: „Движењата на Милоста, закоравеност на срцето; надворешните околности. (Паскал, „Мисли“, 507)[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од четири дела:

  • Хари Ангстром е 26-годишен маж од градот Бруер, во сојузната држава Пенсилванија, САД. Уште од детството, него го нарекуваат со прекарот Зајко (Rabbit). Тој е оженет со Џенис, која е алкохоличарка, иако е бремена со нивното второ дете. Зајко не може повеќе да ја поднесе својата сопруга, која не му се допаѓа ниту физички, а ниту карактерно. Едно мартовско попладне, тој се враќа дома од работата и ја затекнува Џенис пијана. По кратката расправа со неа, Зајко оди да го земе малолетниот син, кого Џенис го оставила кај неговите родители. Меѓутоа, кога пристигнува пред куќата на родителите, тој не влегува внатре, туку го зема својот автомобил и го напушта градот. До доцна во ноќта бесцелно вози по околните патишта, а изутрината се враќа во родниот град. Наместо да си оди дома, тој застанува пред спортскиот клуб и преспива кај својот поранешен тренер Тотеро. Утредента, тие излегуваат на вечера во друштво на две млади жени. Кога Тотеро си заминува заедно со неговата љубовница, Зајко останува со другата жена (Рут) за која дознава дека се проституира. Тој ѝ дава пари и двајцата одат во станот на Рут каде водат љубов. Зајко одлучува да остане да живее кај неа и утредента го посетува својот дом со намера да си ја земе облеката. Таму, тој го запознава свештеникот Еклс, кој го кани на една партија голф. Зајко се колеба, но сепак ја прифаќа поканата, а за време на играта, Еклс се обидува да го наговори Зајко да му се врати на семејството.[2]
  • Со помош на Еклс, Зајко започнува да работи како градинар кај старата госпоѓа Смит. Тој продолжува да живее со Рут, но постепено меѓу нив се раѓа прикриена нетрпеливост. Откако на средбата со еден свој поранешен познаник дознава дека тој ѝ бил љубовник на Рут, љубоморниот Зајко ја принудува Рут на орален секс. Истата ноќ, Еклс му соопштува на Зајко дека Џенис се наоѓа на болница, каде се пораѓа.[3]
  • Зајко веднаш заминува во болницата каде ја посетува Џенис, која родила ќеркичка. Исто така, случајно во болницата го среќава и Тотеро, кој преживеал мозочен удар. Додека Џенис се наоѓа во болницата, Зајко и синот Нелсон се враќаат во нивната куќа. Зајко се помирува со родителите на Џенис, ја напушта работата кај госпоѓата Смит и се вработува во фирмата на таткото на Џенис. Потоа, во нивниот дом доаѓаат Џенис и бебето Ребека. Утредента, Зајко оди во црквата во која служи Еклс. Таму ја здогледува сопругата на Еклс и се враќа дома возбуден, обидувајќи се да ја наговори Џенис на сексуален однос, но таа го одбива. Налутен, тој ја напушта куќата, а Џенис ја минува ноќта сама и разочарана. Чекајќи го сопругот, таа се опива и додека се обидува да го искапе бебето, тоа се дави во кадата.[4]
  • Еклс дознава за смртта на бебето и му соопштува на Зајко, кој ноќта скитал низ градот. Тој веднаш се враќа дома, а Џенис се наоѓа кај нејзините родители. На погребот, Зајко ја обвинува неа за убиството на бебето, а потоа бега во блиската шума, оставајќи ги присутните во шок. Потоа, ја посетува Рут, која е бремена, носејќи го неговото бебе, а тој ѝ ветува дека ќе остане да живее со неа. Потоа, Зајко излегува надвор за да купи храна од блиската продавница, но чувствувајќи потреба да се ослободи од дотогашниот живот, тој почнува да бега...[5]

Главни ликови[уреди | уреди извор]

  • Хари Ангстром - Зајко: Ликот на Хари Ангстром - Зајко е анализиран од голем број книжевни критичари. Од една страна, Зајко бил прекарот на Апдајк во детството, а тоа наведува на помислата дека ликот има автобиографски карактер. Од друга страна, се наведува дека како прототип на овој лик послужил школскиот другар на Апдајк, Џералд Потс (Gerald Gerry Potts), но во едно писмо упатено до Потс, Апдајк ја негирал оваа претпоставка. Според некои критичари, името Хари Ангстром упатува на „забрзано и загрижено момче“ (hurried and anxious youth), додека презимето се толкува на различни начини: физичката мерка ангстрем, како синоним на мерка на невидливото, но второто и поприфатливо толкување е дека презимето асоцира на „ангст“, т.е. егзистенцијалниот страв. Најпосле, може да се работи и само за случајна употреба на американизираната варијанта на едно често шведско презиме, во согласност со потеклото на овој лик (опишано во подоцнежните романи). Прекарот Зајко, пак, упатува на брзината, стравот, подвижноста, но и на сексуалната активност на главниот лик. Меѓутоа, постои и одредена блискост со Џорџ Бебит, ликот од романот на Синклер Луис, како и со ликот на Зајакот Петар Беатрис Потер, а тоа го потврдува и самиот Апдајк, кој во едно интервју објаснува дека во романот „Бегај, Зајко“ се појавува идејата за ликот на Зајакот Петар, иако во замаглена форма и дека приказната за овој лик му предизвикувала трауми во детството.[6] Според едно толкување, ликот на Зајко Ангстром е олицетворение на американскиот Адам - невин, осамен јунак кој се појавува „од никаде“ и кој е изложен на дејствувањето на непријателските сили. Некои критичари, пак, го гледаат Зајко како емерсоновски јунак, неконформист кој сака да го пронајде она „нешто“ за кое верува дека постои надвор од видливиот свет.[7]
  • Џенис Ангстром е слаба жена која е незадоволна од сопругот, а спасот го бара во алкохолизмот. Очајна поради себичноста на Зајко, таа полека ја губи врската со стварноста, а то акулминира со сцената во која дозволува да се удави нејзиното бебе. Оваа сцена, која е една од најсилниет во целокупниот опус на Апдајк, започнува мирно, а потоа се забрзува и прераснува во вистинска кризна состојба. Притоа, раскажувачот има длабок увид во нејзината несигурност која ја транспонира во трето лице без да ја толкува. Џенис се обидува да се утеши со своите визии за иднината и со пиењето, но постепено нејзината перцепција стануав заситена со слики кои не може да ги контролира. така, во тие мигови кога е отсутен нејзиниот сопруг, Џенис чувствува дека е присутен „некој“ кого таа не може да го именува. На почетокот, тој „некој“ го претставува гласот на разумот во нејзината заматена свест, но нејзината агонија поради напуштеноста ја засилуваат телефонските повици од родителите. Низ умот на пијаната Џенис минуваат мисли кои се поврзани со сопствена логика, а не со логиката на решавањето на проблемите. Подоцна, во мигот кога сфаќа дека го удавила своето бебе, Џенис останува заробена во сегашноста и тука завршуваат сите асоцијативни и антиципативни текови.[8]
  • Рут: Ликот на Рут најдобро е отликан во нејзиниот монолог кој е распространет на четири страници во романот, каде таа ги изложува нејзините погледи кон сексуалноста и чувствата кон Зајко, кој е првиот човек во нејзиниот живот во кој има благост, но исто така, тој претставува опасност за неа. На крајот од романот, Рут му соопштува на Зајко дека е бремена и му поставува услов: или тој да се разведе или таа ќе изврши абортус. Токму ова вонбрачно дете има пресудно значење за идните продолжетоци на приказната за Зајко.[9]
  • Мери Ангстром: Мајка му на Зајко доминира над него. Таа љубоморно го чува сеќавањето на некогашната „големина“ на синот и не може да ја прежали неговата врска со Џенис, сметајќи дека со помош на трик го фатила во брачната стапица и го претворила во просечен човек. Уште помало разбирање има за социјалната разлика меѓу Зајко и родителите на Џенис. На тој начин, токму таа е изворот на постојаната потрага на Зајко по нејасното „нешто“, бидејќи таа му го всадила чувството на важност кое го прави себичен и пасивен. Според критичарот Џек Мур, Зајко отсекогаш сакал да биде единствен за саканата жена, како што бил единствен за својата мајка. Неговиот стремеж за тотална љубов е наследство од мајка му .[10]
  • Свештеникот Еклс: Тој се труди со сите сили да го врати Зајко на правиот пат, иако и тој самиот е оптоварен со овоземските дилеми. Неговиот пристап кон религијата ја покажува недоволноста на етичката акција според која е важно да му се служи на Бога, а не да се тежнее да се стане Бог.[11]
  • Свештеникот Фриц Крупенбах е олицетворение на поинаков однос кон верата, зашто смета дека задачата на свештеникот е од себе да направи пример и во него не треба да има ништо друго освен Христос. Меѓутоа, сцената во која тој се појавува во својот дом во долна маица, целиот испотен и опкружен со мирисот на тревата и ручекот, при што му држи страсно предавање на Еклс за верата, е прпеолна со спротивностите меѓу овозменото и надземното.[12]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

„Зајко, бегај“ е вториот роман на Апдајк и првиот роман од серијалот за Хари „Зајко“ Ангстром, кој се состои од четири романи и една новела. Заедничкото издание на сите четири дела се појавило во 1995 година со наслов „Зајко Ангстром: Тетралогија“ (Rabbit Angstrom: A Tetralogy), а во неговиот предговор Апдајк го нарекува серијалот „мега-роман“.[13] Романот „Зајко, бегај“ му донел голема слава на Апдајк, ставајќи го во редот на најзначајните американски писатели. Весникот „Њујорк тајмс“ го оценил романот со следниве зборови: „Брилијантен и потресен роман... Со Апдајковото сочувство и кристално јасната проза, маките на Зајко стануваат и наши сопствени.“[14]

Самиот Апдајк истакнувал дека, додека го пишувал, романот го гледал како филм и дека дури размислувал неговиот поднаслов да биде „Филм“. Сегашното глаголско време во кое е напишан, романот директно го поврзува со седмата уметност, а почетната сцена, „со децата кои играат кошарка околу телефонскиот столб, требало да биде позадина за насловот и за шпицата“. И навистина, во 1970 година бил снимен истоимениот филм во кој главната улога ја игра Џејмс Кан, но филмот поминал многу лошо, а продуцентската куќа „Ворнер брадерс“ претрпела загуба од два милиони долари. Според Апдајк, неуспехот на филмот се должи на тоа што „филмот како медиум... не може да ја покаже сенката на моралната двојност“, зашто токму трајната внатрешна дискусија меѓу писателот и читателите му дава смисла на дејствието, а моралните дилеми и одлуки на книжевниот јунак стануваат предмет на промислување на самите читатели. На тој начин, во многу аспекти од романот се гледа наследството на модернизмот: Хари Ангстром не е лик кој ни се допаѓа на прв поглед, но неговата привлечност лежи во нагонот за слобода.[15] Исто тка, во една прилика, Апдајк изјавил дека овој роман го напишал како одговор на романот на Џек Керуак, „На пат“ со цел да покаже дека нашата слобода често може да ги загрози другите луѓе.[16]

Книжевните критичари забележале дека во ова дело најчесто се присутни сликите на мрежата, кругот, стапицата и зборот „бега“. Исто така, Елизабет Талент воочува дека во целиот роман како злокобен симбол е присутна фабриката за мраз која се појавува уште во првите реченици. Всушност, на тоа може да се додаде сè што е поврзано со мразот. Понатаму, меѓу зборовите што се повторуваат се и: куќа, ѕидови и сенки - зборови кои треба да ја дефинираат состојбата во која се наоѓа Зајко. Меѓутоа, Апдајк ги користел и мотивите со привидно неодредено значење, кои асоцираат на нејасност. На пример, мотивот на жештината е истакнат при средбата на свештениците Еклс и Крупенбах, а овој мотив ја разурнува еднозначноста на овој настан и го поврзува со читава низа подоцнежни настани, со цела мрежа во која неговото значење не е стабилно. Во романот доминираат трите теми кои се провлекуваат низ целото творештво на Апдајк - смртноста, сексуалноста и духовноста. Притоа, авторот е во потрага по „милоста божја“ (grace), иако зборот „grace“ означува и грациозност, а на тоа упатува и мотото на романот. На тој начин, Апдајк ги спојува телесноста и духовноста кои ги посакува Зајко, но не може да ги оствари. Оттука, сексот ја претставува страста, енергијата која ја бара Зајко како еден од патиштата кои водат до исполнувањето на она „нешто“ по кое копнее тој. Притоа, Апдајк морал од првото американско издание на романот да избрише одделни делови за да не биде обвинет за навреда на јавниот морал, но ги вратил во изданието од 1962 година. Подоцна, Алис и Кенет Хамилтон покажале дека „деталните описи на полниот однос, за разлика од многу слични пасажи во современите дела... треба да овозможи употреба на симболизмот со многу пошироки импликации“. Бегајќи од чувството дека е фатен во стапицата на бракот, животот и смртта, Зајко постојано бара екстатично обновување на единственоста во своите еротски искуства, но тие не му носат ниту исполнување ни задоволство.[17]

Инаку, некои од мотивите што се присутни во овој роман претходно се појавиле во расказот „Ас во дупката“ (Ace in the Hole) од 1955 година и во песната „Поранешниот кошаркар“ (Ex-Basketball Player): двете дела почнуваат така што главниот лик се враќа од работа; главниот лик е поранешен кошаркар; сопругите на двата лика се незадоволни од своите мажи; меѓу главните ликови и нивните сопруги постојат социјални разлики; мајките на двата лика се длабоко приврзани со синовите и непријателски расположени кон снаите.[18]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Beograd: Laguna, 2018, стр. 9.
  2. Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Beograd: Laguna, 2018, стр. 11-158.
  3. Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Beograd: Laguna, 2018, стр. 159-224.
  4. Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Beograd: Laguna, 2018, стр. 225-304.
  5. Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Beograd: Laguna, 2018, стр. 305-352.
  6. Biljana Dojčinović, „Zeka Angstrom (opet) beži“, во: Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Laguna, Beograd, 2018, стр. 357-359.
  7. Biljana Dojčinović, „Zeka Angstrom (opet) beži“, во: Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Laguna, Beograd, 2018, стр. 359-360.
  8. Biljana Dojčinović, „Zeka Angstrom (opet) beži“, во: Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Laguna, Beograd, 2018, стр. 372-374.
  9. Biljana Dojčinović, „Zeka Angstrom (opet) beži“, во: Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Laguna, Beograd, 2018, стр. 371-372.
  10. Biljana Dojčinović, „Zeka Angstrom (opet) beži“, во: Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Laguna, Beograd, 2018, стр. 370-371.
  11. Biljana Dojčinović, „Zeka Angstrom (opet) beži“, во: Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Laguna, Beograd, 2018, стр. 366-367.
  12. Biljana Dojčinović, „Zeka Angstrom (opet) beži“, во: Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Laguna, Beograd, 2018, стр. 367.
  13. Biljana Dojčinović, „Zeka Angstrom (opet) beži“, во: Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Laguna, Beograd, 2018, стр. 355-356.
  14. Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Beograd: Laguna, 2018.
  15. Biljana Dojčinović, „Zeka Angstrom (opet) beži“, во: Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Laguna, Beograd, 2018, стр. 364-365.
  16. Biljana Dojčinović, „Zeka Angstrom (opet) beži“, во: Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Laguna, Beograd, 2018, стр. 370.
  17. Biljana Dojčinović, „Zeka Angstrom (opet) beži“, во: Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Laguna, Beograd, 2018, стр. 366-368.
  18. Biljana Dojčinović, „Zeka Angstrom (opet) beži“, во: Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Laguna, Beograd, 2018, стр. 368-370.