Захарина Димитрова

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Захарина Димитрова
Родена Захарина Велова Димитрова
26 ноември 1873
Ресен, Османлиско Царство (денес Македонија)
Починала 14 април 1940(1940-04-14) (возр. 66)
Пазарџик, Царство Бугарија
Националност Македонка
Позната прва лекарка од Македонија
Занимање лекарка

Захарина Велова Димитрова (26 ноември 1873 во Ресен14 април 1940, Пазарџик) — прва македонска лекарка. Медицина завршила во Нанси (Франција) на 27 февруари 1901 година. За нејзината дисертација „Структурни иследувања на епифизната жлезда” била и наградена. Турските власти не дозволиле да биде лекар во Македонија, поради што останала во Бугарија.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Захарина Димитрова е родена на 26 ноември 1873 година во Ресен, Македонија. Таа е ќерка на Мице Велов, син на познат македонски патриот и деец во црковната борба за обновување на Охридската архиепископија, Вељо Милошев. Захарина завршува средно училиште во женската гимназија во Солун, а потоа образованието го продолжува во Москва каде учи акушерство.

Во време кога голем број на медицински факултети во Европа биле затворени за студирање на жените, Захарина ја задоволува својата желба за знаење и го продолжува своето образование како студентка по медицина во Лозана. Потоа како стипендистка на Егзархијата го продолжува своето образование по медицина на Медицинскиот факултет во Нанси (Франција), кој ги прима првите женски студенти во 1894 година.

Во учебната 1894/1895 година, според списоците на студенти на овој факултет, во првиот квартал студираат 1 од Русија; потоа во вториот квартал: 2 од Русија, 6 од Бугарија, 2 од Турција (Македонија); а во третиот квартал вкупно 10. Меѓу нив се наоѓа и ресенчанката Захарина Велова, за што сведочи заедничката фотографија на студентите по медицина од 1 и 2 година, на која е прва од лево.

Захарина победува на конкурсот по анатомија и хистологија за студентите и е наградена со сребрен медал за време на втората година од студиите. Медицинските студии ги завршува со златен медал за почести во Нанси на 27 февруари 1901 година. Со модерен речник, таа има одличен импакт фактор за нејзината дисертација „Структурни иследувања на епифизната жлезда“, за која била и наградена.

Во текот на владеењето на Османлиската империја со Македонија, на жените им било забрането да практикуваат медицина. Од друга страна, по формирањето на кнежевството Бугарија во 1878 година, бугарското собрание усвоило напреден Устав за тоа време, во кој идејата за високото образование кај жените била прифатена без резерва. Новото кнежевство соработува со Франција која им испраќа кадри потребни за изградба на бугарската држава, како и со факултетот во Ненси, каде се школуваат кадри со стипендии од Бугарија,

Бидејќи турските власти не дозволуваат да биде лекар во Македонија, Захарина Велова како стипендист на Егзархијата оди во Бугарија, каде наоѓа место во Пловдивската и Сливенската болница. Таа останува да живее и работи во Бугарија и подоцна стапува во брак со воениот фармацевт Панајот Димитров.

Со своето доаѓање во Бугарија, Захарина Велова има големо влијание во промоцијата на здравјето, превенцијата на заразните болести и развојот на здравствените установи. За време на Балканските војни во 1912 – 1913 година, таа отвора санитарен одел во Пазарџик.

Покрај лекарската пракса, Захарина Димитрова не ја заборава својата земја и активно се вклучува во помогање на бегалците од Македонија. Станува претседател на македонско Здружение за просвета на жените и за македонска преродба, кое со помош на македонската емиграција го помага образованието на деца без родители од Македонија и се организираат летни кампови.

Захарина Велова Димитрова, првата жена лекар од Македонија, починала на 14 април 1940 година во Бугарија.[2][3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. https://macedonism.org/%D0%9C%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%B0-%D0%95%D0%BD%D1%86%D0%B8%D0%BA%D0%BB%D0%BE%D0%BF%D0%B5%D0%B4%D0%B8%D1%98%D0%B0/%D0%B4%D0%B8%D0%BC%D0%B8%D1%82%D1%80%D0%BE%D0%B2%D0%B0-%D0%B7%D0%B0%D1%85%D0%B0%D1%80%D0%B8%D0%BD%D0%B0-%D0%B2%D0%B5%D0%BB%D0%BE%D0%B2%D0%B0/
  2. Македонска енциколопедија, 2009 г; Simone Gilgenkrantz, Les premières étudiantes étrangères en médecine à Nancy (1894-1914)
  3. „premières étudiantes étrangères à Nancy“. www.professeurs-medecine-nancy.fr. Посетено на 2020-09-30.