Записи од мртвиот дом (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Записи од мртвиот дом
корица на македонското издание
АвторФјодор Достоевски
Изворен насловруски: Записки из Мёртвого дома
ЗемјаРусија
ЈазикРуски
ЖанрРеализам
Издадена
186-1861
Медиумпечатено издание

Записи од мртвиот дом (руски: Записки из Мёртвого дома) - роман на рускиот писател Фјодор Михајлович Достоевски од 1860-1861 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот ги содржи следниве делови:[1]

  • Вовед

Прв дел

  • I Мртвиот дом
  • II-IVПрви впечатоци
  • V-VI Првиот месец
  • VII Нови познанства - Петров
  • VIII Решителни луѓе. Лучка
  • IX Исај Фомич. Бањата. Расказот на Баклушина
  • X Божиќ
  • XI Претставата

Втор дел

  • I Болница
  • II-III Продолжение
  • IV Маж ѝ на Акбљка (расказ)
  • V Летно време
  • VI Затворските животни
  • VII Претензија
  • VIII Другари
  • IX Бекство
  • Излегувањето од затворот

Критички осврт кон романот[уреди | уреди извор]

Романот „Записи од Мртвиот дом“ претставува оаза во новата идејна ориентација на Достоевски.[2] Епската линија во него е поизразена отколку во кое било друго дело од постсибирскиот период: романот претставува детална, објективна слика на затвореничкиот живот со сите негови хронолошки подробности - од стапувањето во ќелијата, преку затворската бања, болницата, секојдневноста, тажните затворски празници, сѐ до пуштањето на слобода. Описот на затворот открива галерија ликови со извонредни човечки својства. Никој дотогаш толку потресно и беспоштедно не ја беше насликал вистинската состојба и животот во царистичката зандана. Но тежиштето на реалистичното набљудување е одново врз субјектите на затвореничкиот круг. Достоевски не штеди зборови укажувајќи на високото чувство за справедливост и на огромната енергија скриена и неискористена во луѓето што од разни причини се нашле на робија.[3]

Книгата на Достоевски е ,пред сѐ, потресно сведоштво за една малку позната стварност, за која литерaтурата дотогаш, дури и онаа најдобрата (Иго, Балзак) имаше само снисходлива насмевка, сликајќи преувеличени, романтизирани херои. Во центарот на писателовото внимание се одново обичните луѓе, зад чија скромна надворешност и неупадливост се кријат силни карактери, кревки души, необични истории. Романот вонредно го потврди насетувањето и онаа душевна ведрина со која Достоевски тргна на робија, пишувајќи му на брата си: „Не сум малодушен и не паднав со духот. Животот е насекаде живот, животот е во нас самите, а не во надворешното. Околу мене ќе бидат луѓе, и, да се биде човек помеѓу луѓето и да се остане таков засекогаш, во какви-годе несреќи да не очајуваш и да не паднеш - ете во што се состои животот, неговата задача...“. Херцен ги споредуваше „Записите од Мртвиот дом“, со „Пеколот“ на Данте, со фреските на Микеланџело.[4]

Книгата содржи при сето тоа една силна и дискретно проткаена катарза: во мрачната куќа на Мртвиот дом Достоевски догледува живи луѓе во дното на животот и ја доловува светлата радосна нишка што тлее во дното на секој човек. Крајот на Записите е ведар и оптимистички: секаде каде што минува човекот, дури и во Мртвиот дом постои една светла и радосна трага што го осветлува патот.

Изданија на Македонски јазик[уреди | уреди извор]

Во 1955 година, романот бил објавен од издавачката куќа „Кочо Рацин“ во рамките на библиотеката „Светски класици“, а во превод на Цветко Мартиновски. Книгата има 521 страница и не е каталогизирана, ниту пак ја поседува меѓународната ознака ISBN. Технички уредник на книгата бил Кочо Пендов, а таа била испечатена во погонот I на печатницатаГоце Делчев“ во Скопје во декември 1954 година, во тираж од 3.000 примероци.[1]

Влијание[уреди | уреди извор]

Една песна на полскиот полскиот поет Збигњев Херберт е насловена „Господин Когито - Записи од мртвиот дом“.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Фјодор Достоевски, Записи од мртвиот дом. Скопје: Кочо Рацин, 1955.
  2. Joseph Frank, „Introduction to The House of the Dead and Poor Folk“, Barnes and Noble, 2004.
  3. Фјодор Достоевски. Енциклопедија Британика. Енциклопедија Британика онлајн. Енциклопедија Британика, 2011 (пристапено на 23 октомври 2011).
  4. Фјодор Достоевски. Memoirs From the House of the Dead. Oxford: Oxford University Press, 1956.
  5. Zbignjev Herbert, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg – Čigoja štampa, стр. 189-194.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]