Западнонилска треска
| Западнонилска треска | |
|---|---|
![]() | |
| Западнонилски вирус | |
| Специјалност | Инфектологија |
| Симптоми | Нема, треска, главоболка, повраќање или дијареа и мускулна болка[1] |
| Компликации | Енцефалитис, менингитис[1] |
| Вообичаена појава | 2 до 14 дена после изложување на вирусот[1] |
| Времетраење | Неколку недели до месеци[1] |
| Причинители | Западнонилски вирус кој се пренесува од комарци[1] |
| Дијагностички метод | Врз основа на симптомите и крвните анализи[1] |
| Спречување | Намалување на бројот на комарци, превенција на убоди од комарци[1] |
| Лекување | Супортивна нега (лекови против болка)[1] |
| Прогноза | 10% ризик од смрт кај потешките случаи[1] |
Западнонилската треска е инфекција предизвикана од западнонилскиот вирус, кој вообичаено се шири од комарци.[1] Кај околу 80% од случаите има благи или воопшто нема симптоми.[2] Околу 20% од случаите развиваат треска, главоболка, повраќање, или осип.[1] Кај помалку од 1% од случаите, се јавува енцефалитис или менингитис, со вкочанетост во вратот, конфузност и епилептични напади.[1] Закрепнувањето може да потрае со недели до месеци.[1] Ризикот од смртност кај оние кај кои е зафатен нервниот систем е околу 10 проценти.[1]
Западнонилскиот вирус (WNV) вообичаено се пренесува од комарци, главно преку инфицирани птици, кои се носители на болеста.[1] Ретко вирусот се пренесува со трансплантација на крв и органи, или од мајка на бебе за време на бременоста, породувањето или доењето,[1] но во други случаи не се пренесува од човек на човек.[3] Ризикот за потежок облик на болеста е поголем кај лицата над 60 години и кај оние со други здравствени проблеми.[1] Дијагнозата се поставува врз основа на симптомите и крвните анализи.[1]
Не постои вакцина за луѓето.[1] Најдобар начин да се намали ризикот од инфекција е да се избегнат убодите од комарци.[1] Намалување на популацијата на комарци може да се постигне со елиминирање на застоени води во садови, олуци, базени и сл.[1] Кога комарците не можат да бидат избегнати, можноста од убоди може да се намали со примена на репеленти и мрежи против комарци.[1][3] Не постои специфичен третман за болеста; лековите против болка може да ги ублажат симптомите.[1]
Вирусот бил откриен во Уганда во 1937, а прв пат бил детектиран во Северна Америка во 1999.[1][3] WNV се јавува во Европа, Африка, Азија, Австралија, и Северна Америка.[1] Во САД годишно се пријавуваат илјадници случаи, а највеќето во август и септември.[4] Можна е појава и на епидемии на болеста.[3] Тешка форма на болеста може да се појави и кај коњите, за кои е развиена и вакцина.[3] Систем за надзор на птиците е корисен за рано откривање на потенцијална човечка епидемија.[3]
Наводи
[уреди | уреди извор]- 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 „General Questions About West Nile Virus“. www.cdc.gov (англиски). 19 October 2017. Архивирано од изворникот 26 October 2017. Посетено на 26 October 2017.
- ↑ „Symptoms, Diagnosis, & Treatment“. www.cdc.gov (англиски). 15 January 2019. Архивирано од изворникот 26 October 2017. Посетено на 15 January 2019.
- 1 2 3 4 5 6 „West Nile virus“. World Health Organization. July 2011. Архивирано од изворникот 18 October 2017. Посетено на 28 October 2017.
- ↑ „Final Cumulative Maps and Data | West Nile Virus | CDC“. www.cdc.gov (англиски). 24 October 2017. Архивирано од изворникот 27 October 2017. Посетено на 28 October 2017.
