Западномакедонска зона

Од Википедија — слободната енциклопедија

Западномакедонската зона ја зафаќа цела Западна Македонија, почнувајќи од македонско-грчката граница на југ до македонско-српската граница на север и западно од Пелагониската зона, сè до македонско-албанската граница. Таа претставува висок планински релјеф, во кој се наоѓаат хорстови, депресии и длабоки раседи. Оваа зона настанала под дејство на интензивните процеси на хоризонталните и вертикалните тектонски движења. Во оваа зона се среќаваат повеќе издигнати хорстови како, на пример, во вид на хорст издигнатиот блок- планина Пелистер-Баба, планините Галичица-Кораб-Шар Планина и др. Структурните облици се формриани со длабоки раседи, но и преку хоризонтални набирања кои настанале за време на алписката орогенеза. Карактеристичен пример на синклинален блок, кој од сите страни е опкружен со длабоки раседи е планината Бистра. Карактеристични котлини-депресии се: Охридско-Струшката котлина, Преспанската, Кичевската, Полошката, Дебарската, Мавровската и котлината Дебрца. И денес во овие котлини е активна радијална тектоника и во значителна мера таа покажува голем интензитет, претставен со сеизмичност, односно со појава на земјотреси.