Западни Инди

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Карта на Западните Инди

Западни Инди — регион во Северниот Атлантски Океан и Карибите кој ги опфаќа островските земји и околните води на три големи островски групи: Големите Антили, Малите Антили и Лукајскиот Архипелаг.[1]

Во регионот влегуваат сите острови во околу Карипското Море, како и Бахамите и островите Туркс и Кајкос, кои се во Атлантскиот Океан. Во извесни случаи кон нив се вбројуваат и некои земји од северот на Јужна Америка кои имаат културно-историски врски со западноиндиските острови.

Историја[уреди | уреди извор]

Карта на Западните Инди од 1736 г.

Западните Инди во подалечното минато биле населени од домородни народи. Првиот Европеец кој стапнал во регионот е Кристофер Колумбо, пристигајќи на во Бахамите 1492 г. Оттогаш во Европа почнал да се употребува поимот Западни Инди, како негово разликување од Источните Инди во Јужна и Југоисточна Азија.[2]

Кон крајот на XVI век, во Карипското Море почнале да пловат француски, англиски и холандски трговци и гусари, напаѓајќи ги шпанските и португалските товарни бродови во крајбрежните подрачја. Честопати се засолнувале на места кои биле неосвоиви за Шпанците како островите на Малите Антили, северниот брег на Јужна Америка и устието на Ориноко, како и атлантскиот брег на Средна Америка. Во Малите Антили успеале да воспостават свои упоришта по колонизацијата на Свети Кристофер (1624) и Барбадос (1626) г. Со процутот на шеќерното стопанство, колонијалните сили довеле робови од Африка како евтина работна сила во насадите. Доведените Африканци извршиле темелни демографски промени, истиснувајќи ги домородните Карипци и европските доселеници кои работеле како неслободни договорни слуги.

Борбата помеѓу северноевропските трговци и Шпанците се проширила на југ од средината до крајот на XVII век. Со надоаѓањето на колонисти од Англија, Холандија, Франција и Шпанија, најпрвин се заземени Гвајаните (под француска, англиска и холандска власт) и долината на Ориноко (под шпанска власт). Холанѓаните се осојузиле со Карипците од поречието на Ориноко и направиле пробив длабоко во Јужна Америка, најпрвин борејќи се со другите сили во крајречните делови, а потоа и долж северното течение на реката Амазон.

Средна Америка останала во голем дел незаземена од ниедна европска сила, па така англиските сили од Јамајка решиле да склучат сојуз со Брегот на Комарците (Мискитско Кралство, Никарагва и Хондурас), а потоа ја развиле стопанската сеча на дрво во крајбрежните делови на денешно Белизе. Ова била трговската и дипломатска состојба која го одликувала западнокарипското подрачје во почетокот на XVIII век. Брегот на Комарците претрпел големи демографски промени со подемот на мискитските замбоси, потомци на робовите преживеани во бродски бунт од 1640-тите. Англиските колонисти довеле повеќе робови од Африка во овој крај и во Белизе, со што бројот на лица од африканско потекло се изедначил со оној на карипските острови. Од XVII до XX век, Западните Инди биле поделени на повеќе колонијални области: Француски, Британски, Дански, Холандски и Шпански под управа на компании (друштва) со кралска повелба.[3]

Во 1916 г. Данска ја продала својата западноиндиска територија на САД[4] по цена од 25 милиони долари во злато, согласно Договорот за Данските Западни Инди. Оваа група денес е позната како Американски Девствени Острови.

Од 1958 до 1962 г. Обединетото Кралство ги преуредило сите западноиндиски островски територии (освен Британските Девствени Острови и Бахамите) во една Западноиндиска Федерација со надеж дека ќе стане целовидна и независна држава. Сепак, таа се покажала како нефункционална и истата е распуштена во 1963 г.; девет нејзини покраини станале самостојни држави, а четири останале британски прекуморски територии.

Земји и територии по матичен архипелаг[уреди | уреди извор]

Големи Антили[уреди | уреди извор]

Мали Антили[уреди | уреди извор]

Лукајски Архипелаг[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Координати: 17°23′ СГШ; 74°59′ ЗГД / 17.38° СГШ; 74.98° ЗГД / 17.38; -74.98