Западна филозофија

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Западна философија)
Прејди на: содржини, барај

Западната филозофија е целокупноста на филозофската мисла и дело на западниот свет. Поимот е географски и историски определен. Она што го нарекуваме западна филозофска мисла најчесто се однесува на филозофијата во хеленскиот период, врз која се темелат понатамошните филозофски размисли на европскиот и северноамериканскиот континент. Земајќи предвид за односите на Хелада со источните цивилизации, како и современата состојба на светот, каде истокот е под влијание на западот, тешко е да се одредат границите на западната филозофска мисла. Во таа смисла, поимот се однесува на онаа филозофија која се предава на универзитетите во Европа, Северна и Јужна Америка, Австралија и делови од Азија.

Поделбата и развојот на западната мисла е најчесто условена од универзитетските студии низ светот и изгледа вака: хеленско-римската филозофија која го опфаќа периодот на антиката сѐ до падот на римското царство; средновековната и византиската филозофија, кои се јавуваат во Западна и Источна Европа, соодветно; нововековната филозофија во XV век која кулминира со филозофијата на просветителството во XVIII век; и конечно современата филозофија која е грубо поделена на континентална и аналитичка струја.

Во античкиот период во обемот на филозофијата спаѓале мноштво појави кои денес ги сметаме за научни, а во средниот век филозофијата се бавела со проблеми на теологијата, односно религијата, поконкретно христијанството. Денес, во доминантните западни филозофски струи, филозофијата инаку се толкува. Во аналитичката традиција филозофијата се занимава исклучиво со науката, нејзиното логичко верификување и унапредување, додека во континенталната традиција таа е повеќе мета-задача на разгледување и вреднување на сите човекови појави.

Јазикот како главно средство за развивање на човечката мисла е тесно поврзан со филозофијата, така во западниот свет, старогрчкиот и латинскиот јазик се јазици кои најчесто се поврзуваат со западната мисла. Мислители кои пишувале на овие јазици кои и денес се предмет на филозофско и лингвистичко толкување се: старогрчките филозофи Платон и Аристотел, римскиот говорник Кикерон, средновековните мислители Августин и Тома Аквински, британскиот државник и филозоф Френсис Бекон, холанѓанецот Барух Спиноза итн. Во последните неколку векови во западниот свет германскиот, францускиот и англискиот јазик се јавуваат како замена на латинскиот јазик. Доминатноста на овие јазици тесно се поврзува со влијанието на филозофите кои пишуваат на овие јазици. Најистакнати филозофи и филозофски школи кои се поврзуваат со овие јазици се: Рене Декарт, англиските емпиристи, филозофите на германскиот идеализам како Имануел Кант и Г.Ф.Х. Хегел, егзистенцијалистите, Лудвиг Витгенштајн, Бертранд Расел итн.

Историја[уреди | уреди извор]

Античка филозофија[уреди | уреди извор]

Се смета дека западната филозофија се јавува во Античка Грција, со мислата на т.н. претсократовци. Со овој поим се означува период на несинтетизирано знаење, на меѓата помеѓу науката, митологијата и филозофијата. Овие мислители се бават со прашањето за праосновата на светот или „архето“. Талес од Милет, според многумина првиот вистински филозоф, смета дека водата е основа на светот, додека Анаксимандар и Анаксимен сметаат дека основата е ајперонот (неограниченото) и воздухот, соодветно. Питагора смета дека бројот е во основата на се, додека Демокрит зборува за најмалата неделива честичка на сето постојно, која ја нарекува „атом“.

Првиот голем филозоф во историјата чија мисла отвора пат за првите филозофски системи е Сократ. Тој одбивал да ја запише својата мисла, шетајќи по улиците на Атина ширејќи животна мудрост. По неговата смрт, неговиот ученик Платон решава да ја систематизира, дополни, усоврши и промовира мислата на Сократ. Платон ја отвора првата школа на западниот свет, наречена Академија. Платон создава филозофски систем во кој преовладува она што тој го нарекува теорија на идеите. Според него сетилно-достапниот свет е само слика на совршениот, вечен свет на идеите, кои се своевиден образец на сѐ што постои. Овие форми кои ги осознаваме исклучиво преку умот се како некој вид калап на поединечните нешта кои ги сретнуваме во светот. Платоновата мисла е изложена во форма на дијалози помеѓу Сократ и некој Атињанин кој се сметал за експерт на некоја област. Платоновите дијалози отвораат широк спектар на теми, од љубовта и убавината, до разгледби за политиката, науката, јазикот итн.

Аристотел е најпрочуениот ученик на Платон, и вториот филозоф од античкиот свет кој нуди оригинален мисловен систем. Аристотеловите дела кои ни се нам достапни очигледно се пишувани за потесна публика, па се одликуваат со сув, несликовит, аргументативен стил, за разлика од Платоновите далеку попристапни дијалози. Аристотел е создавач на логиката, која останува главен алат на филозофите до денес, а пишува и за етички, политички и научни прашања. Истовремено, Аристотел е еден од првите природно-научници, создавајќи ги ботаниката, зоологијата и физиката. Неговиот природно-научен светоглед се одразува и во неговата филозофска мисла, во која ја нагласува примарноста на сетилниот свет, која како вистински научник ја анализира, прочува и истражува.


Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]