Зандана

Зандана (турски: zindan) или темница[1][2] — ќелија или просторија во која затворениците се држат, претежно под земја; подземен затвор.[3][4]
Најчесто се поврзуваат со средновековните замоци, иако асоцијацијата со мачењето веројатно повеќе се должи на ренесансниот период. Ублиетот е вид зандана до која може да се пристапи само преку отвор на најгорниот дел од таванот. Сликата за темни, влажни зандани како сцена на долготрајна осаменост и ужасна суровост исклучително многу се користи во денешно време.
Историја
[уреди | уреди извор]Мал број нормански донжони во англиските замоци на почетокот имале и затвор, но тие се почести во Шкотска. Затворањето во зандани не било честа казна во текот на средниот век, па така повеќето затвореници чекале нерешени случаи или извршување на пресуда, или биле затворени поради политички причини.
Затворениците со висок статус, како на пример благородниците, во суштина не биле држени во зандани, туку живееле до одреден степен удобно во соби низ замоците. Лондонската кула е познат затвор за политички затвореници, а во замокот Понтефракт престојувале Томас Ланкастерски (1322), Ричард II (1400), Џејмс I Шкотски (1405 — 1424) и Шарл, војводата Орлеански (1417 — 1430).
Наменски изградени затворски ќелии во замоците се среќаваат сѐ почесто по XII век, кога се граделе во објектите околу портите, при што често под нив имало и големи ублиети.
Карактеристични црти
[уреди | уреди извор]Иако многу вистински зандани претставуваат едноставно празна соба со тешка врата или влезен отвор, нивното користење за мачење, како и нивната асоцијација со општочовечкиот страв од затворање во темнина и под земја, ги прават занданите силна метафора за голем број контексти. Занданите се поврзуваат со подземни комплекси од ќелии и соби за мачење. Како последица на тоа, бројот на затворските простории во замоците често се преувеличува за да се разбуди интересот на туристите. Многу од собите, опишани како зандани или ублиети, се всушност складишта, цистерни за вода, па дури и тоалети.
Пример за популарниот поим „ублиет“ (фр. oubliette, „заборавено место“) е исклучително клаустрофобичната ќелија во занданата на Цезаровата кула на замокот Ворик, Средна Англија. Пристапот до ќелијата претставува дупка во таванот, затворена со метална решетка. Дури и да се свртиш (или воопшто да се движиш) би било речиси невозможно во оваа минијатурна соба.
Наводи
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]| „Зандана“ на Ризницата ? |