Закон за општата управна постапка

Од Википедија — слободната енциклопедија

Закон за општата управна постапка – највисок правен акт од областа на управното право во Република Македонија. Со него се уредува постапката за заштита на правата на правните и физичките лица, како и заштита на јавниот интерес по кој се должни да постапуваат државните органи и институции (министерства, органи на државната управа, органи на општините, лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања) кога постапуваат, решаваат и преземаат други управни дејствија.[1]

Законот од 2015 година[уреди | уреди извор]

Новиот закон за општата управна постапка бил објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 124/2015 на 23 јули 2015 година, а започнал да се применува на 31 јули 2016 година. Со него биле воведени бројни новини во управно-правната постапка, како што се: Во членот 17 од законот било утврдена и прецизирана активната помош на странката во управно-правната постапка. Со овој член, на јавните органи им била утврдена обврската да ги известува странките за законските прописи од важност за решавање на управните работи, за нивните права и за сите информации поврзани со постапката, како и да ги предупреди за последиците на нивните дејствија или пропусти. Притоа, законот овозможува и пристап до јавниот орган по електронски пат.[2]

Еден од најважните новитети на овој закон било воведувањето на т.н. „постапка преку еден јавен орган“, која се применува кога некоја управна постапка може да се спроведе преку еден јавен орган при што по барање на странката сите управни дејствија се извршуваат преку тој орган. Со законот, јавниот орган што ја води управната постапка е должен да му ги даде на барателот сите информации за управното дејствие што се бара и да му обезбеди пристап до сите бази и регистри на податоци и до сите правни лкеови против одредено управно дејствие; да комуницира со странката за време на управната постапка; сите поднесоци да ги препраќа до надлежниот јавен орган итн.[3]

Исто така, со овој закон значајно место се посветува и на правната помош која може по електронски пат да ја побара секој јавен орган кога му се потребни факти, исправи или други докази кои ги поседува друг јавен орган или кога не може самиот да го спроведе потребното управно дејствие. Јавниот орган, пак, од кого е побарана помош е должен да постапи по барањето без одлагање, а најдоцна во рок од седум дена и по електронски пат да ги достави бараните факти и докази.[4]

Електронската комуникација е воведена со членот 37 од овој закон, кој пропишува дека комуникацијата меѓу јавните органи може да се изведува писмено, усно или електронски. Притоа, актите во управната постапка може да се достават до странката по електронски пат само кога таа се согласила на овој начин на комуникација. Во продолжение, ставот 3 од членот 37 пропишува дека електронската комуникација е задолжителна во комуникацијата меѓу јавните органи.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Никола Главинче, „Нов закон за општата управна постапка“, Економија и бизнис, година 18, број 217/218, јули/август 2016, стр. 70.
  2. Никола Главинче, „Нов закон за општата управна постапка“, Економија и бизнис, година 18, број 217/218, јули/август 2016, стр. 70.
  3. Никола Главинче, „Нов закон за општата управна постапка“, Економија и бизнис, година 18, број 217/218, јули/август 2016, стр. 70-71.
  4. Никола Главинче, „Нов закон за општата управна постапка“, Економија и бизнис, година 18, број 217/218, јули/август 2016, стр. 71.
  5. Никола Главинче, „Нов закон за општата управна постапка“, Економија и бизнис, година 18, број 217/218, јули/август 2016, стр. 71.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]