Зад ридовите

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Зад ридовите“ (англиски: Beyond the Hills) — филм на романскиот режисер Кристијан Мунгиу (Cristian Mungiu), снимен во 2012 година.

Основни податоци за филмот[уреди | уреди извор]

Филмот „Зад ридовите“ е снимен во 2012 година, во режија на познатиот романски режисер Кристијан Мунгиу, кој во 2007 година се прославил со филмот „Четири месеци, три недели и два дена“ за која ја добил наградата „Златна палма“ на филмскиот фестивал во Кан. „Зад ридовите“, исто така, постигнал голем меѓународен успех, освојувајќи две награди „Златна палма“ на филмскиот фестивал во Кан во 2012 година, и тоа: за најдобро сценарио и за најдобра женска улога.[1]

Филмот трае 155 минути. Сценариото е дело на Кристијан Мунгиу според книгата на Татјана Никулеску Бран (Tatiana Niculescu Bran), директор на фотографијата е Олег Муту (Oleg Mutu), додека улогите во филмот го играат: Валериу Андруица (Valeriu Andriuta) во улогата на игуменот, Кристина Флутур (Cristina Flutur) како Алина, Козмина Стратан (Cosmina Stratan) како Војкица, Дана Тапалага (Dana Tapalaga) како главната сестра, Каталина Харабаџиу (Catalina Harabagiu) како сестра Антонија, Џина Тандура (Gina Tandura) како сестра Јустина, Луминица Георгиу (Luminița Gheorghiu), Дору Ана (Doru Ana), Нора Човали (Nora Covali), Јонут Гинеа (Ionut Ghinea), Лилјана Мочану (Liliana Mocanu), Дионисие Вицу (Dionisie Vitcu), Алина Берзунтеану (Alina Berzunteanu), Вича Агаке (Vica Agache), Костаке Баби (Costache Babii) итн.[2][3] Филмот се одликува со долги кадри, со бавен ритам и извонредно реалистична глума на главните ликови. „Зад ридовите“ е филм со кој Мунгиу дефинитивно го потврдил своето место помеѓу водечките европски режисери на почетокот на XXI век.

Содржина[уреди | уреди извор]

Основната тема на филмот е егзорцизмот, при што филмот е снимен според вистински настан кој се случил во еден манастир во Молдавија, во 2005 година, опишан во книгата на Татјана Никулеску Бран. Дејството не филмот се случува во романски православен женски манастир, а дејството го носат два женски лика - Војкица и Алина - две другарки, кои израснале во дом за сираци каде што имале и лезбејска врска. Нивното пријателство било прекинато кога Алина заминала во Германија во потрага по подобар живот, додека Војкица станала калуѓерка во еден женски манастир. Подоцна, Алина се враќа во Романија со намера да ја наговори Војкица да го напушти манастирот и да започнат заеднички живот. Од друга страна, Војкица настојува да ја убеди Алина да остане во манастирот и да стане калуѓерка. Игуменот на манастирот се спротивставува на идејата за замонашување на Алина, но дозволува таа привремено да остане во манастирот. За време на престојот во манастирот, Алина покажува знаци на нервоза и меланхолија, кои набргу преминуваат во хистерични напади. Алина ја носат во градската болница, но таму не успеваат да ја излечат по што таа повторно се враќа во манастирот. Тогаш, игуменот и сестринството одлучуваат да ја спасат Алина од психичкото растројство со помош на егзорцистички ритуал, кој завршува трагично. Поради смртта на Алина, во манастирот доаѓа полиција, која ги приведува игуменот, заедно со неколку калуѓерки.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Игор Иванов, „Зад ридовите“, Економија и бизнис, година 16, број 178, април 2013, стр. 74.
  2. Rottentomatoes
  3. A. O. Scott, The Power of Faith, for Good and Ill - ‘Beyond the Hills,’ Directed by Cristian Mungiu, New York Times, 7 March 2013.