Жил и Џим (филм од 1962)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Жил и Џим“ (француски: Jules et Jim) — француски филм од 1962 година, во режија на Франсоа Трифо, неговиот трет и, според критичарите, најдобар филм. Филмот претставува адаптација на истоимениот полубиографски роман на Анри-Пјер Рош. Главните улоги ги толкуваат: Оскар Вернер, Анри Сере и Жана Моро.[1] [2]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Дејството на филмот се случува во периодот меѓу 1912. и 1933. година. Германецот Жил (го игра Вернер) и Французинот Џим (го игра Сере) се сродни души кои се вљубљубуваат во насмевката на лицето на една скулптура која ја гледаат за време на нивниот одмор во Грција. По враќањето во Париз, истата насмевка ја гледаат на лицето на девојката Катрин (ја игра Моро). Тројцата стануваат неразделни пријатели кои се решени да го живеат животот со полна пареа наспроти Првата светска војна која беснее наоколу. Кога Жил објавува дека е вљубен во Катрин, Џим го поддржува во намерата да ѝ се додворува, иако и тој самиот ги има истите чувства кон неа.[3] Набргу започнува Првата светска војна во која Жил и Џим се борат на спротивните страни. По војната, Жил се жени со Катрин и добиваат девојче, но кога Џим ги посетува открива дека нивниот брак е распаднат, зашто Катрин не го сака Жил и има љубовник. Исто така, за време на својот престој, Џим се вљубува во Катрин и тие започнуваат љубовна врска која Жил ја одобрува, плашејќи се да не го напушти Катрин. Џим и Катрин сакаат да имаат бебе, но таа не успева да забремени и Џим се враќа во Париз кај својата девојка. Таму, тој продолжува да се допишува со Катрин и повторно ја посетува, но нивната врска е осудена на пропаст и тој пак се враќа во Париз. По некое време, Џим случајно го среќава Жил и дознава дека тој и Катрин се преселиле во Франција. Џим ја посетува Катрин, но таа останува со својот љубовник Албер. По некое време, тие пак се среќаваат и Катрин го кани Џим да се повозат со автомобилот, но намерно паѓа од мостот во реката. Така, Катрин и Џим умираат, а Жил ги кремира нивните тела.

Наводи[уреди | уреди извор]