Прејди на содржината

Животот и времето на Мајкл К

Од Википедија — слободната енциклопедија
Пејзаж во близина на Стеленбош во провинцијата Западен Кејп

Животот и времето на Мајкл К (англиски: The life and times of Michael K) - роман на јужноафриканскиот писател Џон М. Куци од 1983 година.

Содржина

[уреди | уреди извор]

Романот се состои од три дела. Првиот дел е најобемен и во него се опишани доживувањата на Мајкл К., раскажани од него. Мајкл К. се родил со аномалија - зајачка уста. Неговата сиромашна мајка, Ана К., не можела да се грижи за него и тој го поминал детството во институција за деца со пречки во развојот. Кога ја напуштил институцијата, Мајкл работел како ноќен чувар и како работник во градскиот парк, но кога се разболела мајка му, тој дал отказ од работата и се посветил на нејзината нега.
Токму во тој период, додека мајка му лежела болна, во околината каде што таа живеела избувнале немири, така што сите куќи во соседството биле искршени и ограбени. Сепак, немајќи друго место за живеење, Мајкл и мајка му останале во тесната просторија во подрумот на зградата. Болната Ана посакала да се врати во Принц Алберт, местото каде го поминала детството, но подолго време таа и Мајкл залудно ја чекале полициската дозвола потребан за да го напуштат Кејптаун. Затоа, Мајкл направил количка во која ја натоварил мајка си и тие се упатиле пеш кон Принц Алберт. Меѓутоа, состојбата на Ана се влошила и таа била примена во една болница, каде набргу починала. По неколку дена поминати во скитање низ градот, Мајкл го продолжил патот сам, но кога пристигнал на влезот на еден попатен град, бидејќи немал дозвола за патување, тој бил затворен од страна на полицијата.
По еден ден поминат на принудна работа, Мајкл успеал да избега и по неколку дена пеш стигнал до Принц Алберт од каде се упатил до фармата во која израснала неговата мајка. Фармата била напуштена, така што Мајкл останал да живее таму, сосема сам, токму онака како што посакувал. Исто така, таму тој ја закопал пепелта на мајка му, чија последна желба била да се врати на фармата од нејзиното детство. Сепак, по одредено време, на фармата пристигнал внукот на сопствениците и затоа, Мајкл избегал во блиските планини, каде поминал неколку дена во една пештера. Сепак, гладен и исцрпен, тој повторно се вратил во Принц Алберт. Набргу, Мајкл бил приведен од полицијата и одведен во логор за бездомници и луѓе без постојано место на живеење. Таму, Мајкл живеел пасивно и по цели денови спиел, без волја за дружење со останатите жители на логорот, ниту пак за какви и да било активности.
Мирните денови во логорот биле нарушени кога една ноќ бунтовниците извршиле диверзија во градот Принц Алберт. Набргу, во логорот пристигнала полицијата, која за експлозиите ги обвинила затворениците и, во знак на одмазда, го уништила логорот. Набргу, Мајкл избегал од логорот и повторно се вратил на фармата, но немал волја да живее во куќата, чувствувајќи дека тој не припаѓа на тоа место. Воден од желбата да живее во единство со природата, Мајкл си направил примитивна колиба во блиските ридови, каде со денови гладувал, без никакви активности, плашејќи се да не биде откриен од полицијата. На крајот, од постојното гладување, неговата здравствена состојба се влошила. Еден ден, на фармата пристигнала војската, која го пронашла изнемоштениот Мајкл. Под сомнение дека ги помагал бунтовниците, тој бил уапсен и одведен во еден логор.
Вториот дел од книгата го опишува престојот на Мајкл во логорот, раскажан од логорскиот лекар. Поради влошеното здравје и постојаното одбвање на храната, Мајкл речиси целото време го поминал лежеќји во логорската болница. Лекарот веднаш сфатил дека Мајкл е безопасен и дека нема никаква врска со бунтовниците, па затоа, искрено се трудел да му помогне, но Мајкл воопшто не покажувал никаква желба да соработува и упорно одбивал да јаде. Во меѓувреме, низ односите со Мајкл, логорскиот лекар започнал да се преиспитува, восхитувајќи се на совршената рамнодушност на Мајкл, кој немал никакви потреби и не барал ништо посебно од животот. Копнеејќи по својата слобода, и покрај лошата здравствена состојба, една ноќ, Мајкл мистериозно избегал и од тој логор. За да го заштити, лекарот го убедил управникот на логорот да состават лажен извештај за смртта на Мајкл.
Во последниот дел од романот се опишуваат настаните непосредно откако Мајкл избегал од логорот, повторно раскажани од самиот Мајкл. Тој се вратил на морскиот брег, во местото каде живеел со мајка му. Додека изнемоштен лежел на плажата, сретнал непознати луѓе, кои му дале храна и алкохол, а една млада жена имала орален секс со него. Романот завршува така што Мајкл се сместил во подрумската просторија во која живеела неговата мајка, сеќавајќи се на настаните од својот живот и сонувајќи повторно да се врати во природата.[1]

За романот

[уреди | уреди извор]

Романот „Животот и времето на Мајкл К“ предизвикал големо внимание уште при неговото објавување, побудувајќи лавина од позитивни критики. Како последица на тоа, за ова дело, Куци ја добил „Букеровата награда“ во 1983 година. Притоа, во 2002 година, весникот „Ајриш тајмс (Irish Times)“ напишал дека тоа „најголемиот роман кој воопшто ја добил Букеровата награда“, а писателката Надин Гордимер за „Њујорк ривју оф букс (New York Review of Books)“ изјавила дека романот е „извонредно достигнување... дело што зборува со глас скриен во читателот“. Најпосле, во образложението за доделувањето на Нобеловата награда на Куци било наведено: „Мајкл К е невино суштество кое го набљудува светот од бесконечна оддалеченост. Изложен на насилство и тиранија, тој преку пасивноста достигнува неверојатен степен на слобода... од едноставна причина што не посакува ништо: ни војна ни револуција, ни моќ ни пари.“[2]

  1. Dž. M. Kuci, Život i vremena Majkla K. Beograd: Paidea, 2005.
  2. Dž. M. Kuci, Život i vremena Majkla K. Beograd: Paidea, 2005.