Жерминал
![]() | |
Автор | Емил Зола |
---|---|
Изворен наслов | Germinal |
Земја | Франција |
Јазик | француски |
Жанр | роман |
Издадена | 1885 |
„Жерминал“ (француски: Gemrinal) — тринаесеттиот роман онафранцускиот писател Емил Зола, кој се смета за негово најпознато дело и за класик на француската литература. Романот, кој раскажува за штрајкот на копачите на јаглен од северна Франција во 1860-тите, е преведен на повеќе од 100 светски јазици, а петпати бил поставен на филмското платно. Зола го пишувал „Жерминал“ од април 1884 до јануари 1885 година, а романот излегувал во продолженија во француското списание „Жил Блас“ помеѓу ноември 1884 и февруари 1885 година. Конечната верзија на романот била отпечатена во март 1885 година. Насловот на книгата означува пролетен месец според францускиот републички календар, а зборот жермен на латински значи семе, метафора за подобра иднина на рударите.[1]
Содржина
[уреди | уреди извор]- Прв дел (6 глави): Ноќе, Етјен Лантје, машинист на возраст од околу 20 години кој останал без работа и веќе неколку дена скита наоколу, пристига во рудникот за јаглен во селото Воре. Првиот човек со кого се среќава е Венсан Мае, кој веќе 50 години работи во рудникот, а исто така, и сите работоспособни членови на многубројното семејство Мае работат во рудникот. Изутрината, Етјен го примаат на работа и тој е распореден во групата заедно со таткото Мае, неговите двајца синови и ќерката Катарина. Етјен веднаш ги согледува тешките услови за работа, а Катарина несебично му помага и кај нив се раѓа меѓусебна привлечност. Татко ѝ на Катарина му помага на Етјен да најде сместување и така тој одлучува да остане во селото.[2]
- Втор дел (5 глави): Семејството Мае нема пари, а залихата на храна им се потрошила, па мајката оди кај богатото семејство Грегоар за да бара заем. Откако таму е одбиена, таа успева да се задолжи кај еден трговец, иако семејството веќе има стар неподмирен долг. Ноќта, вознемирениот Етјен скита низ околината на селото и ја здогледува Катарина, заедно со младиот рудар Шавал, кој ја наведува да водат љубов, а сето тоа предизвикува бес кај Етјен.[3]
- Трет дел (5 глави): Минуваат неколку месеци и Етјен прераснува во добар и вреден рудар. Катарина ја продолжува љубовната врска со Шавал, а Етјен не може да се помири со тоа. Тој се спријателува со рускиот бегалец Суварин, кој е социјалист и анархист, а покрај тоа се допишува со својот поранешен претпоставен Плишар кој го поттикнува да се заинтересира за работничкото движење и за Интернационалата. Така, Етјен започнува да чита револуционерна литература и во него се будат борбените идеи. Набргу, тој започнува да агитира меѓу рударите и ги убедува да основаат солидарна каса, а тие го прифаќаат како свој водач. По женидбата на најстариот син на Мае, Етјен се вселува како потстанар во неговата куќа и таму секојдневно е во близина на Катарина. Иако двајцата копнеат еден за друг, никој не се осмелува да го направи првиот чекор. Кога рудникот им исплаќа пониски плати, рударите одлучуваат да стапат во штрајк. Тогаш, во рудникот се случува несреќа во која погинува еден рудар, а на помладиот син на Мае, Жанлен, му се скршени двете нозе. Тогаш, Катарина ја напушта куќата и заминува да живее со Шавал. Така, семејството Мае останува само со платата на таткото, зашто и дедото не работи поради болест.[4]
- Четврти дел (7 глави): Штрајкот започнува, а рударите испраќаат делегација кај директорот Анбо. Бидејќу управата на рудникот ги одбива барањата на рударите, штрајкот продолжува, но набргу парите од солидарниот фонд се трошат и целата рударска населба ја зафаќа глад. Сепак, тоа само ја зголемува одлучноста на рударите и тие одржуваат состанок на кој доаѓа до судир меѓу Етјен и кафанџијата Расенер, а на состанокот доаѓа и Плишар, кој ги зачленува рударите во Интернационалата. Тогаш, доаѓаат жандармите со намера да го растурат состанокот, но рударите успеваат навреме да избегаат. Штрајкот се оддолжува и рударите ги зафаќа очај поради гладот. За да обезбеди малку храна за семејството Мае, Етјен стапува во кратка љубовна врска со рударката Мукета, а Жанлен и другарите почнуваат да крадат по околината, а тој го крие пленот во едно напуштено рударско окно. Една ноќ, тајно во шумата се одржува состанок на кој присуствуваат неколку илјади рудари со нивните семејства, кои носат одлука да го продолжат штрајкот и да ги спречат другите рудари да работат. На состанокот, Расенер претрпува неуспех како говорник, а присутните застануваат зад Етјен.[5]
- Петти дел (6 глави): Рударите од соседниот рудник, каде работат Шавал и Катарина, одлучуваат да работат, па штрајкувачите го напаѓаат рудникот во обид да ги спречат рударите да излезат од окното. Сепак, во последен миг, тие успеваат да излезат надвор, но штрајкувачите ги земаат Шавал и Катарина како заробеници. Притоа, тие го злоставуваат Шавал како предавник, но Катарина застанува во негова одбрана. Исто така, штрајкувачите ги напаѓаат и сите околни рудници, спречувајќи ги тамошните рудари да работат и уништувајќи ја опремата. Неколку илјади бесни луѓе талкаат наоколу и најпосле ја обиколуваат куќата на директорот Анбо, кој е преокупиран од сопствените проблеми – неверствата на сопругата и несреќниот брак. Штрајкувачите ја злоставуваат Сесила, ќерката на семејството Грегоар, а потоа, водени од гладот, ја напаѓаат соседната продавница. Во таа прилика, во несреќен случај погинува омразениот продавач врз чиј труп се изживуваат насобраните жени. Тогаш, дотрчува Катарина за навреме да ги предупреди рударите за доаѓањето на жандармите кои ги повикал Шавал.[6]
- Шести дел (5 глави): Целата околина ја запоседнуваат полицијата и војската кои безуспешно го бараат Етјен, кој се крие во една напуштена рударска јама во која се крие и Жанлен. Во меѓувреме, штрајкот се проширува и во околните рудници кои трпат голема загуба, а пропаѓаат и многу фабрики. Во една прилика, во кафеаната на Расенер доаѓаат Катарина и Шавал при што започнува тепачка меѓу него и Етјен. Жанлен убива еден војник и заедно со Етјен го фрлаат неговото мртво тело во напуштената рударска јама. Управата на рудникот носи белгиски рудари, а рудникот постојано го чува војската. Штрајкувачите го опколуваат рудникот и ги каменуваат војниците, а тие пукаат во рударите и во таа прилика погинува Мае.[7]
- Седми дел (6 глави): Последиците од престрелката се ужасни: 25 ранети и 14 мртви меѓу кои и две деца, а за тоа пишуваат сите опозициски весници во Париз. Етјен ја враќа Катарина дома, а целата рударска колонија се свртува против него, сметајќи го за виновник за несреќата и за неуспехот на штрајкот. Во една прилика, луѓето го каменуваат Етјен, а во последен миг го спасува Расенер. Суварин дава отказ од работата и се збогува со Етјен, цврсто решен да го напушти Воре, но претходно тајно слегува во рудникот и ги оштетува потпорните ѕидови. Изутрината, заедно со повеќе други рудари, и Катарина се враќа на работа, а нејзе ѝ се придружува и Етјен. Тогаш попуштаат потпорните ѕидови и повеќето рудари во паника го напуштаат рудникот, но една група, вклучувајќи ги Катарина, Шавал и Етјен, останува заробена во јамата која набргу е поплавена. По веста за несреќата, целата рударска колонија се собира околу рудникот, а Суварин од далечината мирно набљудува како цлеиот рудник пропаѓа во земјата, а набргу попушта и насипот и на местото на рудникот се создава мало езеро. Тогаш, Суварин го напушта Воре, а сите париски весници пишуваат за несреќата, додека управата на рудникот се труди да ја забошоти работата. Набргу започнува потрагата по затрупаните рудари, но поради експлозија на гас се повредени неколку спасители, а тогаш погинува најстариот брат на Катарина. Семејството Грегоар носи милостиња во домот на семејството Мае и тогаш стариот Мае ја дави Сесил Грегоар. Во меѓувреме, Етјен и Катарина сами се пробиваат низ рудникот, а во еден тунел го среќаваат Шавал при што Етјен го убива. Етјен и Катарина остануваат заглавени во еден мал ров, гладни и исцрпени, но кога ги слушаат ударите на спасителите, сепак им се враќа надежта. Така минуваат повеќе дена и тогаш тие водат љубов за прв и последен пат зашто набргу умира Катарина. Утредента, спасителите го извлекуваат Етјен, заедно со мртвите тела на Катарина, Шавал и неколку други рудари. Етјен минува шест недели на болница, а потоа е отпуштен од рудникот и добива покана да му се придружи на Плишар во Париз. Пред заминување, тој навраќа во рудникот за да се збогува со мајката Мае, која му простува за смртта на своите најблиски. Потоа, Етјен си заминува со надеж дека работничката класа ќе зајакне и ќе ја уништи буржоазијата, а во светот ќе завладее правдата.[8]
Историски контекст
[уреди | уреди извор]Насловот „Жерминал“ означува пролет и седмиот месец од францускиот календар и потсетува на слики на ’ртење, нов раст и плодност. Соодветно на тоа, Зола го завршува романот со забелешка за надеж од оној што му дал инспирација:
„Под врелото Сонце, во тоа утро на нов раст, селата заѕвонија со песна, луѓето растат во подготвеноста за жетви да се дојде до еден ден наскоро нивното созревање и разбивање на самата земја.“
На погребот на Зола се собраале работници, и навивале со извици: „Жерминал! Жерминал!“. Од тоа време, книгата ја симболизира работничката класа и до ден-денес го задржува посебното место во францускиот рударски фолклор. „Жерминал“ е најпродаваниот роман на Зола, како во Франција така и на меѓународно ниво.
Зола секогаш бил многу горд на „Жерминал“ и секогаш бил подготвен да се брани против обвинувањата за хиперболизирање и претерување (од конзервативците) или за клевета против работничката класа (од социјалистите). Неговото истражување било необично темелно, особено деловите кои вклучуваат долги набљудувања и посети во северниот дел на француските рударски градови во 1884 година, каде што бил сведок на обиди за штрајк и од прва рака ги видел рударите во Анзин и што всушност се случува долу во јамата за јаглен.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Germinal, by Emile Zola, (1885) Part 7, Chapter 6
- ↑ Емил Зола, Жерминал. Новости, Београд, 2005, стр. 5-61.
- ↑ Емил Зола, Жерминал. Новости, Београд, 2005, стр. 62-112.
- ↑ Емил Зола, Жерминал. Новости, Београд, 2005, стр. 113-164.
- ↑ Емил Зола, Жерминал. Новости, Београд, 2005, стр. 165-244.
- ↑ Емил Зола, Жерминал. Новости, Београд, 2005, стр. 245-309.
- ↑ Емил Зола, Жерминал. Новости, Београд, 2005, стр. 310-360.
- ↑ Емил Зола, Жерминал. Новости, Београд, 2005, стр. 361-437.