Женско (тврдина)

Координати: 40°56′33″N 22°44′30″E / 40.9425° СГШ; 22.7416° ИГД / 40.9425; 22.7416
Од Википедија — слободната енциклопедија
Женско
Γυναικόκαστρο
Поглед на остатоците од тврдината
Карта
МестоЖенско, Кукушко
ОбластЕгејска Македонија, Грција
Координати40°56′33″N 22°44′30″E / 40.9425° СГШ; 22.7416° ИГД / 40.9425; 22.7416
Видтврдина
Историја
Изграденo1334
НапуштеноXVII век
Раздобјесреден век
Прогласено заспоменик на културата

Женско (грчки: Γυναικόκαστρο, Гинекокастро) — средновековна тврдина (утврден град) над истоименото село Женско во Кукушко, Егејска Македонија, денес во Грција.[1][2][3] Преданието вели дека го добила името поради тоа што била толку силно утврдена, што можеле да ја бранат жени.[4]

Историја[уреди | уреди извор]

Местото уште многу одамна служело како населба, веројатно поради возвишената положба. На јужните и југоисточните падини на ридот се најдени населба и некропола од железно време. Ова наоѓалиште во 1994 г. е прогласено за заштитено културно-историско наследство.[5]

Тврдината е изградена од византискиот цар Андроник III Палеолог, најверојатно во 1334 г. со промената на византиско-српската граница. Имала за цел да го штити Солун од нападите на српската држава која била во подем.[4]

За време на Византиската граѓанска војна (1341–1347) во 1342 г. во Солун избувнал антиаристократскиот бунт на Зилотите. По раскажувањето на византискиот цар-совладетел и историчар Јован Кантакузин, неговиот близок пријател, управникот на Солун Теодор Синадин пребегнал во утврдениот град Женско заедно со ред благороднчки семејства, броејќи вкупно околу 1000 луѓе. Истата година во Женско пристигал и самиот Јован Кантакузин заедно со двајцата синови Мануил и Матеј и армијата од каталонски наемници на чело со Жоан Пералта. Летото таа година Кантакузин склучил договор со српскиот цар Стефан Душан, но и покрај српската поддршка, не успеал да си го поврати Солун и го напуштил Женско, кое во 1443 г. било заземено од велевојводата Алексиј Апокавк, поддржувач на Јован V Палеолог во граѓанската војна.[3]

Уште пред 1350 г. Женско било потчинето од Србија. Таа година за управник на силната тврдина е назначен извесен Велко.[3]

По смртта на Стефан Душан и распадот на Српското Царство, од 1355 до 1371 г. Женско имало улога на главна тврдина на кнежевството на Богдан.[6]

По Маричката битка во 1371 г. тврдината ја покорил солунскиот деспот Мануил Палеолог во име на Византија. Есента 1373 г., и покрај силниот отпор, Женско падналo во рацете на османлискиот војсководец Евренос-бег. Според истакнатиот османлиски историчар и патник Ќатип Челебија (Хаџи Калфа), одбраната ја предводела жена по име Марулија, иако веројатно ја има помешано со историската личност Марула, која раководела со одбраната на Лемнос.[3] Ова сепак сведочи за распространетоста на мислењето за женската улога во одбраната која ѝ го дала името на тврдината.

Во османлискиот период населбата никната околу тврдината на турски се нарекувала Аврет Хисар, што е превод на името „женска тврдина“ и од XV до XVII век била седиште на вилает, а потоа и на Авретхисарската (Кукушка) каза. XVII век тврдината е напуштена и служела како извор на градежен материјал за жителите на истоименото македонско село Женско во нејзиното подножје. Во Втората балканска војна, први своето настапување, грчката војска го запалила селото, а нејзиното население пребегнало преку границата во Струмица и во Бугарија.[7] 1923 г. во на местото на македонското население грчката држава доселила Грци доведени од Мала Азија. Овие исто така се служеле со тврдината како извор на материјал за изградба на куќите, за која цел биле поставени железни шини дури до Горниот Град.[3]

Меѓу 1984 и 1993 г. во тврдината се извршени археолошки ископувања, востановувајќи ја средишната кула и дел од ѕидините.[3]

Во 1987 г. тврдината е прогласена за заштитено археолошко наоѓалиште.[1]

Опис[уреди | уреди извор]

Тврдината од запад.

Од тврдината Женско денес постојат делови од бедемот, како и ѕидините на Горниот Град со полукружни и правоаголни кули. Двокатната средишна кула на Горниот Град со двојни цистерни во подрумот е зачувана во релативно добра состојба. Се гледаат и местата на двете порти на Горниот Град — средишната (југоисточна) и една помала. Зачувани се темелите и на други градби, како и еден бунар.[3]

Во почетокот на 1913 г. селото го посетил бугарскиот археолог и политичар Богдан Филов и напишал за тврдината:

Потоа се качивме на калето, кое се наоѓа на еден стрмен карпест врв на југозапад од селото. Уште се зачувани доста остатоци од ѕидините и највисоката кула. Ѕидините се градени од кршени камења и малтер без ќерамиди. На некои, веројатно подоцнежни места, има и парчиња од тули и ќерамиди. Кулата има пластови од тули во 4 реда. Најдолниот кат бил засводен. Добро изгледа стариот пат кој водел во калето. Бедемот покрај него од внатрешниот ѕид има слепи лакови. На врвот има многу длабок (околу 20 метри) бунар, а под калето има „змиска дупка“: природна триаголна, многу длабока хоризонтална дупка меѓу карпите. Во подножјето на калето на западната страна се наоѓала некрополата: тука се откриени многу гробови со разни старини.[8]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „ΥΑ ΥΠΠΟ/ΑΡΧ/Β1/Φ34/11050/275/11-5-1987 - ΦΕΚ 313/Β/22-6-1987“. Διαρκής κατάλογος κηρυγμένων αρχαιολογικών τόπων και μνημείων. Архивирано од изворникот на 2023-01-23. Посетено на 28 јуни 2018.
  2. „Γυναικόκαστρο“. Κάστρα, Πύργοι και Φρούρια της Ελλάδας. Посетено на 28 јуни 2018.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 „το Γυναικόκαστρο“. Protostrator. 14 април 2011. Посетено на 28 јуни 2018.
  4. 4,0 4,1 Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Гинекокастро“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 358. Text "series " ignored (help)
  5. „ΥΑ ΥΠΠΟ/ΑΡΧ/Α1/Φ43/46902/2465/7-10-1994 - ΦΕΚ 840/Β/11-11-1994“. Διαρκής κατάλογος κηρυγμένων αρχαιολογικών τόπων και μνημείων. Архивирано од изворникот на 2021-03-04. Посетено на 28 јуни 2018.
  6. Падане на българските държави под осмaнска власт, Атлас по История, МНП 1983 г. стр. 8
  7. Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. II дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 92.
  8. Филов, Б. Пътувания из Тракия, Родопите и Македония 1912 - 1916, София, 1993, стр. 51.