Ефросина Дукина Каматерина

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Ефросина Дукина Каматерина
Сопружник Алексиј III Ангел
Династија Династија Дука
Татко Андроник Дука Каматер
Роден(а) 1155
Починал(а) 1211

Ефросина Дукина Каматерина (грчки: Ευφροσύνη Δούκαινα Καματερίνα ή Καματηρά, околу 11551211) била византиска царица, сопруга на император Алексиј III Ангел.

Ефросина била ќерка на големиот друнгариј и пансеваст Андроник Дука Каматер († 1176). Според византинологот Дејвид Хјуз, мајката на Ефросина била втора сопруга на Андроник Каматер, сестра на етиопскиот император Гебре Мескел Лалибела.

Ефросина била роднина на императорот Константин X и на Ирина Дукина, сопруга на Алексиј I Комнин. Двајцата нејзии браќа учествувале во бунтот против Андроник I Комнин, при што едниот бил фрлен во зандана, а другиот ослепен.

Во 1169 година Ефросина била омажена за Алексиј Ангел, постар брат на императорот Исак II Ангел. Двајцата имале три ќерки:

На 8 април 1195 година Алексиј го детонизирал својот брат и се прогласил за цар под името Алексиј III Ангел. Во овие настани Ефросина дала голема помош на нејзиниот сопруг, организирајќи група од поддржувачи меѓу големците во аристократијата. На денот на превратот таа лично воспоставила контрола над дворецот, и успеала да ја неутрализира опозициијата преку сила и скапи подароци.

Ефросина Дукина Каматерина била исклучително амбициозна жена со чувство за свесност, што во голема мера и помагало во политиката. Таа всушност започнала да ја управува Византиската империја од името на нејзиниот сопруг, кој претпочитал да се забавува отколку да ги води административните работи. Власта на Ефросина се зголемила во толкава мера што таа имала сила да ги менува содржините на оние декрети кои биле издадени лично од Алексиј III, кои не ги задоволувале нејзините ставови. Често Алексиј III и неговата сопруга биле критикувани поради страста кон луксузот и поради практиката да ги збогатуваат своите најблиски преку државната каса.

Во 1196 година Ефросина Дукина Каматерина била обвинета од својот брат, Константин Каматер, и од својот зет Андроник Констостефан за интимна врска со еден од министрите - благородник Ватациј. Царот поверувал на обвинувањата и го убил Ватациј, а Ефросина Каматерина била испратена во манастирот Нематареја. Сепак нејзините роднини го убедиле царот да и прости на својата сопруга и седум месеци подоцна Ефросина била повикана назад во палатата.

Во 1203 година синот на Исак II Ангел, Алексиј Ангел заедно со крстоносците пристигнале пред портите на Константинопол, со инсистирање неговиот чичко да се повлече од престолот. Стиснат, Алексиј III успеал да избега од градот, однесувајќи огромно богатство од државната каса и земајќи со себе некои роднини, вклучувајќи ја и ќерка му Ирина. Ефросина сепак била оставена во опколениот град. Откако Алексиј Ангел бил прогласен за император под името Алексиј IV Ангел, Ефросина Каматерина била фрлена во темница. Во јануари 1204 година Алексиј IV бил убиен од Алескиј Дука Мурзуфул, љубовник на ќерката на Ефросина, Евдокија Ангелина. Потоа Алексиј Дука Мурзуфул се прогласил за император под името Алексиј V Дука Мурзуфул. Убиството на Алексиј IV ги разлутило на крстоносците кои очекувале од него отплата за нивната помош. Така витезите се свртиле против новиот император и започнале долготрајна опсада на Константинопол. На 12 април 1204 година, еден ден пред градот да биде освоен од Латините, Ефросина тајно го напуштила главниот град заедно со својата ќерка и нејзиниот љубовник Алексиј V. Тројцата се упатиле кон Мосинопол, каде се наоѓал и Алексиј III. Во Мосинопол Алексиј V се оженил за Евдокија Ангелина, а малку подоцна бил ослепен по наредба на Алексиј III и бил предаден на крстоносците кои го фрлиле од врвот на највисокиот Теодосиев столб во Константинопол.

По овие настани Ефросина и семејството заминале за Солун, а подоцна биле пренудени да заминат кон Коринт. Двајцата сепак биле фатени од солунскиот крал Бонифациј Монфератски и биле фрлени во темница. Околу 1209 година Ефросина и сопругот биле ослободени од епиркиот деспот Михаил I Комнин. Последните години од животот, Ефросина Дукина Каматерина ги поминала во градот Арта, каде починала во околу 1210 - 1211 година.

Литература[уреди | уреди извор]

Ефросина Дукина Каматерина
Роден(а): 1155} Починал(а): 1211
Претходник
Маргарита Унгарска
Византиска царица
1195–1203
Наследник
Маргарита Унгарска