Естер Дуфло

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Естер Дуфло (француски: Esther Duflo; 25 октомври 1972) — француско-американска економистка, добитник на Нобеловата награда за економија во 2019 година, за придонесот во „разбирањето на процесот на развојот и на ублажувањето на сиромаштијата“, т,е, во методологијата на емпириската анализа на сиромаштијата и во дизајнирањето политики за ублажување на сиромаштијата и за поттикнување на економскиот растеж и развој.[1]

Биографија[уреди | уреди извор]

Естер Дуфло е родена на 25 октомври 1972 година. Таа работи како професорка на Институтот за технологија на Масачусетс (МИТ).[2]

Творештво[уреди | уреди извор]

Анализирајќи ја сиромаштијата во помалку развиените земји, Дуфло забележува дека ниската продуктивност во овие земји е резултат на големите внатрешни разлики во продуктивноста, т.е. на големиот број фирми и пеодинци кои употребуваат нископродуктивни начини на производство. Во соработка со нејзиниот сопруг Абиџит Банерџи, Дуфло ги истражувала ефектите од ангажирањето наставни асистенти кои работеле со слабите ученици во училиштата во Индија. Нивните експерименти покажале дека ангажирањето вакви асистенти (тутори) имало значаен позитивен ефект врз зголемувањето на резултатите на децата од сиромашните заедници. Понатаму, во соработка со Мајкл Кремер, Дуфло ги испитувала и причините на недоволната мотивација на учителите во Индија при што дошле до следниве сознанија: ангажирањето дополнителни учители кои работеле по договор (привремено вработување) значително ги подобрило резултатите на учениците; намалувањето на бројот на учениците по еден учител немало позитивен ефект врз резултатите од учењето. Дуфло и Банерџи ги анализирале и ефектите од воведувањето мобилни клиники за вакцинација при што покажале дека тоа предизвикало пораст на стапката на вакцинирање од 6% на 18%, а доделувањето бесплатни кесички со леќа на родителите довеле до зголемување на стапката на вакцинација на 39%.[3]

Понатаму, Дуфло и Кремер го истражувале однесувањето на ситните земјоделци во Супсахарска Африка, особено во врска со употребата на вештачки ѓубрива. Притоа, тие дошле до сознанија дека недоволните информации и недоволното знаење не се главната причина за нивната недоволна употреба. Како дел од експериментите на Дуфло и Кремер, на земјоделците им биле понудени два типа на субвенции: субвенција распределена во подолг временски период и субвенција која важи краток период. Нивните експерименти покажале дека употребата на вештачки ѓубрива од страна на земјоделците се зголемила за 50%, кога им била понудена мала субвенција (бесплатна испорака на ѓубривата) со ограничен рок во споредба со втората форма на голема субвенција (50% попуст на ѓубривата плус бесплатна испорака) која би им била исплатена подоцна.[4]

Дуфло и Банерџи го истражувале и пошироките развојни ефекти на програмите за микрокредитирање. Нивните експерименти во индискиот град Хајдерабад покажале дека микрокредитите предизвикуваат мали ефекти во однос на потрошувачката по глава на жител и во поглед на издатоците за здравствена заштита и образование на децата на сиромашните луѓе. Исто така, експериментите покажале дека микрокредитите најчесто се користеле за финансирање на постојните бизниси, а помалку за отворање нови бизниси. Така, тие заклучиле дека микрокредитите не се основниот мотор за поттикнување на економскиот развој во сиромашните заедници.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Владимир Филиповски, „Нобеловци по економија за 2019 година: Иновативна методологија на истражување на проблемите на сиромаштијата и економскиот развој“, Економија и бизнис, година 21, број 255, ноември 2019, стр. 28.
  2. Владимир Филиповски, „Нобеловци по економија за 2019 година: Иновативна методологија на истражување на проблемите на сиромаштијата и економскиот развој“, Економија и бизнис, година 21, број 255, ноември 2019, стр. 28.
  3. Владимир Филиповски, „Нобеловци по економија за 2019 година: Иновативна методологија на истражување на проблемите на сиромаштијата и економскиот развој“, Економија и бизнис, година 21, број 255, ноември 2019, стр. 29.
  4. Владимир Филиповски, „Нобеловци по економија за 2019 година: Иновативна методологија на истражување на проблемите на сиромаштијата и економскиот развој“, Економија и бизнис, година 21, број 255, ноември 2019, стр. 30-31.
  5. Владимир Филиповски, „Нобеловци по економија за 2019 година: Иновативна методологија на истражување на проблемите на сиромаштијата и економскиот развој“, Економија и бизнис, година 21, број 255, ноември 2019, стр. 31.