Прејди на содржината

Ерогуро

Од Википедија — слободната енциклопедија
„Саисабуро ја убива Охаги“ (1867) — еден од првите примери на ерогуро во јапонската уметност.

Ерогуро (јапонски: エログロ, од еротика + гротеска), познато и само како гуро — јапонски псевдоанглизам (васеи-еиго), кој опишува правец во јапонската книжевност и уметност што се појавил во 1920-тите години. Ерогурото се одликува со сцени што предизвикуваат одвратност кај повеќето луѓе — необични, апсурдни и надвор од вообичаените рамки. Најчесто тоа се еротски сцени со раскинати или распорени тела, крвопролевање, канибализам, отсекување екстремитети, изопачени убиства, некрофилија и пластични операции.[1] Многу често овие теми се комбинираат и се надополнуваат со фантастична средина.

Историја

[уреди | уреди извор]

Ерогурото се појавило во Јапонија во 1920-тите години, како одговор на економската депресија. Овој правец се поврзувал со декадентното влијание на Западот и со градската култура. Токискиот кварт Асакуса станал синоним за ерогуро, особено по објавувањето на книгата на Јасунари Кавабата „Веселите девојки од Асакуса“ (1929). Движењето го прифатиле и писатели како Едогава Рампо. Во неговиот роман „Црниот Гуштер“ (1934), на детективот Акечи му фрла предизвик таинствена жена со прекар Црниот Гуштер, чија пресметка на крајот го води јунакот во нејзиниот „музеј“. Во музејот не се чуваат само врвни уметнички дела, туку и луѓе собрани од сите краишта на светот, кои живеат во кафези или се претворени во живи восочни фигури. Случајот на Сада Абе (1936), која го задушила и го кастрирала својот љубовник, со години станал заштитен знак на жанрот ерогуро.

До 1940-тите години, јапонскиот милитаризам го запрел развојот на овој жанр и практично го искоренил. Општествените интереси се вртеле околу воените случувања, а прикажувањето изопачени еротски вкусови се сметало за непатриотски чин. Меѓутоа, по завршувањето на Втората светска војна, мрачните сеќавања на поразот на Јапонија и декадентното расположение во општеството довеле до расцут на хедонизмот и до појава на нов бран интерес за „современи“ забави. Особено силно влијанието на ерогуро се одразило во анимето и мангата.[2]

Ерогурото во аниме и манга

[уреди | уреди извор]

Во анимето и мангата, ерогурото постои како поткласа на хентаито. За негово означување често се користи поимот „жесток хентаи“ или „насилен хентаи“. Во денешно време, во Јапонија се издаваат неколку десетици списанија за ваква тематска манга, меѓу кои позначајно е Garo. Неговите тиражи често изнесувале само околу 7 илјади примероци месечно (за споредба, тиражот на машкото списание за манга Weekly Young Magazine изнесува околу 900 илјади примероци).

Елементи на ерогуро содржи и анимето Mnemosyne: Mnemosyne no Musume-tachi.[3]

Манга-уметници што работат во овој жанр

[уреди | уреди извор]
  1. Silverberg, Miriam Rom (2005-12-12). „By Way of a Preface: Defining Erotic Grotesque Nonsense (PDF). Erotic Grotesque Nonsense: The Mass Culture of Japanese Modern Times (англиски). Архивирано од изворникот (PDF) на 2006-11-14. Посетено на 2009-10-08.
  2. McLelland, Mark. „A Short History of «Hentai»“ (PDF) (англиски). University of Queensland. Архивирано од изворникот (PDF) на 2012-02-20. Посетено на 2009-08-13.
  3. Hess, Adrianne. (February 28 февраля 2008). Mnemosyne no Musume-tachi (Volume 1) Review“ (англиски). Mania.com. Архивирано од изворникот на 2009-05-21. Посетено на 2009-07-19. The series is full of female nudity, violence and yuri scenes which go from gentle fondling to full blown S&M torture. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)