Ен Геди

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Ен Геди - природен резерват во Израел, основан во 1972 година.

Местоположба и опис[уреди | уреди извор]

Природниот резерват Ен Геди е сместен на источниот дел на Јудејската Пустина, на брегот на Мртвото Море. Резерватот покрива територија од 3.587,5 акри. Низ резерватот се протегаат две долини: Вади Давид на север и Вади Аругот на југ. Низ него постојат четири извори: Давидовиот извор кој тече низ Вади Давид; изворот Аругот кој тече низ Вади Аругот; како и изворите Шуламит и Ен Геди кои течат меѓу двете долини. Заедно, овие четири извори создаваат околу три милиони метри кубни вода, годишно. Изворите се хранат од дождовите кои паѓаат во Јудејските Планини, по што водата се собира во подземјето и тече источно, влевајќи се во резерватот. Вади Давид ја собира водата од околната површина со обем од 18 километри, додека долината Вади Аругот, која е долга околу 40 километри, ја собира водата од површина од 200 километри, досегајќи до планината Хеброн.[1]

Флора[уреди | уреди извор]

Оазата Ен Геди се одликува со најгустата концентрација на тропски растенија во Израел, од кои некои се исклучително ретки. Во 1920-тите, Ботаничарот Мајкл Зохари запишал дека Ен Геди се одликува со густа вегетација во која доминирале џуџуби (Ziziphus), Акација (Acacia), како и растенијата Maerua и Cordia. Најважните тропски растенија што растат во резерватот се:[2]

  • „Џуџуби од Христовата грмушка“ (Ziziphus spina-christi), наречена според верувањето дека круната на Исус Христос била направена од гранките на оваа грмушка.
  • Acacia raddiana, со едно стебло и заоблени гранки.
  • Acacia tortillis, со карактеристичниот облик на чадор.
  • „Балсамот од Ерихон“ (Balanites aegyptiaca), засаден во резерватот во 1962 година, од семето земено од Ма'оз Хаим, во северниот дел на долината на реката Јордан. Пред 1940 година, во резерватот растеле други видови на оваа грмушка.
  • Cordia sinensis, со најголема концентрација на ова растение во Израел.
  • Maerua crassifolia, многу ретко дрво од кое во Израел постојат само десет примероци од кои пет се во резерватот Ен Геди.
  • Moringa peregrina, исто така, многу ретко растение.
  • Salvadora persica, полу-дрво и полу-грмушка.
  • „Јаболкото од Содома“ или „Јаболкото од Мртвото Море“ (Calotropis procera) е многу распространето во Ен Геди, а се споменува во еврејските свети книги Мишна и во Талмуд.
  • Grevia villosa, многу ретко растение, донесено во Ен Геди од Кибуц Мицпех Шалем
  • Oxystelma alpini, многу редок ползавец кому му се заканува исчезнување (во 1990-тите, во Ен Геди постоел само еден примерок од ова растение, во Вади Аругот).
  • Epipactis veratrifolia, орхидеја откриена во изворот Анева во Вади Зеелим во 1944 година, од страна на природонаучникот Тувја Кушнир, многу ретко растение кое расте во пукнатините меѓу карпите во Вади Давид и Вади Аругот.

Покрај тропските растенија, во Ен Геди се среќава и мочуришна вегетација, како:[3]

  • Кипарска трска (Arundo donax)
  • Обична трска (Phragmites australis)
  • Висока шеќерна трска (Saccharum ravennal)
  • Typha domingensis
  • Pluchea dioscoridis
  • Tamarix paaestina
  • Salix acmophylla
  • Populus euphratica
  • Adiantum capillus

Во Ен Геди се среќава и пустинска флора, како:[4]

  • Zygophyllum dumonum
  • Gymnocarpus decander
  • Erodium
  • Rumex cyprius
  • Erucaria rostrata

Цицачи[уреди | уреди извор]

Ен Геди е дом на повеќе видови цицачи, како:[5]

Од влекачите кои живеат во Ен Геди, вреди да се споменат:[6]

  • Црната отровница (Trastaspic engaddinsis)
  • Echis coloratus, вториот вид отворвни змии во резерватот
  • Coluber rhodorhachis, која е неотровна змија
  • Синајската агама
  • Пустинската агама

За време на сезонскиет преселби, во Ен Геди доаѓаат над 200 видови птици, а покрај нив Ен Геди е дом на повеќе видови постојани птици:[7]

  • Тристрамовата гракачка (Onychognathus tristramii)
  • гавранот Corvus rhipidurus
  • птицата-пејачка Turdoides squamiceps
  • Cercomela melanura
  • црната житарка со бела круна (Oenanthe leucopyga)
  • Ammoperdrixhey
  • Грифоновиот мршојадец (Gyps fulvus)
  • Египетскиот мршојадец (Nephron percnopeterus)
  • Бонелиевиот орел (Hieraaetus fasciatus)
  • соколот Falco pelegrinoides
  • Stryx butleri

Во Ен Геди живеат и бројни водоземци, како што е речната жаба (Rama ridibunda), а меѓу инсектите особено се истакнуваат: мравите Polyrhacis simplex), жолтите бумбари Xylocopa, пеперутките Colotis fausta и Colotis phisadia. Исто така, во реките се среќаваат речната краба (Potamon potamios) и речниот полжав (Melanopsis) [8]

Ен Геди низ историјата[уреди | уреди извор]

Ен Геди се споменува уште во старите свети книги, каде се зборува за вкусните смокви (Бен Сира, 24:4) и за ароматичните растенија што служеле како мирис (Санхедрин, 109,71) или за боење на косата, забите и ноктите (Песна на песните, 1:14). Особено биле ценети растенијата од кои се произведувале мириси: Така, Марко Антониј ги конфискувал насадите во Ерихон и во Ен Геди за да ѝ ги подари на Клеопатра, Ирод пак ги зел на заем од неа, додека Тит и Веспазијан ги изложиле овие растенија за време на нивните победнички маршеви во Рим. Според записите на Плиниј Постариот, за време на востанието против римската власт, Евреите сакале да ги откорнат овие растенија, но римската војска се борела за секое дрво посебно и успеала да ги одбрани.[9]

Од археолошките истражувања е познато дека првите населби во Ен Геди датираат од пред 5.000 години, кога во Ен Геди бил изграден главниот храм во кој се одржувале церемонии посветени на водата. Во Вади Мишмар (јужно од Ен Геди) биле пронајдени 429 обредни садови од бакар и слонова коска, кои се чуваат во Израелскиот музеј во Ерусалим. Околу 1.000 години п.н.е., Давид се криел во Ен Геди, бегајќи од кралот Саул (Самуил, I 23:29), но оваа приказна не е поткрепена со археолошки докази. Меѓутоа, археолошките докази потврдуваат дека во Ен Геди имало постојана еврејска населба од 7 век п.н.е., која била уништена во 6 век п.н.е. од страна на Вавилонците. Населбата била обновена во 5 век п.н.е., по што повторно била напуштена за пак да се обнови во хеленистичкиот период (2 век п.н.е.). Во местото Горен Хилок се најдени остатоци од садови и печки кои укажуваат на можноста дека таму се произведувале мириси. Развојот на еврејските населби во Ен Геди повторно започнал во хасмонискиот период (152-37 п.н.е.) и траел континуирано до 550 година, за што сведочат бројните цистерни, каскади и аквадукти. Кралевите Јоханан Хорканус и Александар Јанај го претвориле Ен Геди во главен град и од тој период потекнува тврдината која се наоѓа на врвот на Горен Хилок. Подоцна, според пишувањето на Плиниј Постариот, во Ен Геди се населиле членовите на сектата Есени, за што сведочат откриените базени и ќелии. Во 68 година, племињата од Масада го нападнале Ен Геди убивајќи 700 жени и деца. По задушувањето на еврејското востание, една римска центурија (воена единица од 100 војници) се населила во Ен Геди, со цел да го одржува мирот во таа област, а од тој период е откриена една римска бања. За време на востанието на Бар Кохба (130-135 година) римската војска го уништила Ен Геди, а населението се отселило, но во 3 век повторно се воспоставила еврејска населба, кога била изградена синагога чии мозаици биле откриени во 1965 година. Населбата била опожарена во средината на 6 век, а населението се разбегало. Во мамалучкиот период (13-14 век), во Ен Геди постоело мало село, кое потоа било напуштено и до војната за ослободување на Израел од 1947 година, во Ен Геди немало постојана населба. Сепак, познато е дека, почнувајќи од средината на 19 век, во Ен Геди имало привремени населби на Бедуините од Рашида кои таму ја поминувале зимата. На 9 март 1949 година, една чета под команда на Шмарија Гутман направила обид да воспостави населба во Ен Геди, во 1953 друга воена чета се населила тука, а во 1956 година населбата прераснала во кибуц.[10]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Israel Nature and Parks Authority, En Gedi - Nature Reserve
  2. Israel Nature and Parks Authority, En Gedi - Nature Reserve
  3. Israel Nature and Parks Authority, En Gedi - Nature Reserve
  4. Israel Nature and Parks Authority, En Gedi - Nature Reserve
  5. Israel Nature and Parks Authority, En Gedi - Nature Reserve
  6. Israel Nature and Parks Authority, En Gedi - Nature Reserve
  7. Israel Nature and Parks Authority, En Gedi - Nature Reserve
  8. Israel Nature and Parks Authority, En Gedi - Nature Reserve
  9. Israel Nature and Parks Authority, En Gedi - Nature Reserve
  10. Israel Nature and Parks Authority, En Gedi - Nature Reserve