Енциклопедија на мртвите (расказ)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Енциклопедија на мртвите (Цел живот) (српски: Енциклопедија мртвих (Читав живот)) - расказ на српскиот писател Данило Киш, првобитно објавен во белградското списание „Книжевност“ (Књижевност) во бројот од мај-јуни 1981 година.[1] а во 1983 година бил отпечатен во збирката раскази „Енциклопедија на мртвите“. Расказот ја носи посветата „За М.“.

Содржина[уреди | уреди извор]

Една жена била во Шведска, на покана на Институтот за театарски истражувања. Еден ден, нејзината домаќинка, Кристина Јохансон, ја оставила гостинката во Кралската библиотека и таа, разгледувајќи ги книгите, се сетила дека станува збор за познатата Енциклопедија на мртвите во која се дадени биографиите на обичните, непознати луѓе. Отворајќи ја книгата под буквата М, жената ја прочитала биографијата на нејзиниот татко Ѓ. М., кој починал пред десетина дена. Во книгата бил опишан целиот живот на татко ѝ, вклучувајќи ги најстините детаљи од неговиот живот: неговото детство, раната смрт на мајка му и преженувањето на татко му Марко, преселбата во Рума, гимназиските денови во Загреб, студиите во Белград, работата како геодет во повеќе места на Србија, средбата со неговата идна жена и свадбата, воената служба во Марибор и првата средба со Јадранското Море, раѓањето на децата, животот за време на Втората светска војна, работата во државниот катастар во повоениот период, раѓањето на внуците, неговото хоби да собира поштенски марки, старечкото незадоволство од животот, патувањето во Трст, како и неговата смртоносна болест и смртта. На крајот од неговата биографија во Енциклопедијата на мртвите било нацртано цвеќе, со забелешката дека Ѓ. М. започнал да црта цвеќиња кога дознал дека боледува од сарком. По враќањето дома, жената му го покажала цртежот на лекарот кој го оперирал татко ѝ, а тој потврдил дека саркомот изгледал токму како на нацртаниот цвет.[2]

Осврт кон расказот[уреди | уреди извор]

Во пост-скриптумот кон збирката, Киш објаснува дека расказот за првпат бил објавен во белградското списание „Книжевност“, во бројот за мај-јуни 1981 година, а на 12 јули 1982 година се појавил и во New Yorker, во превод на Амелија Алкалај. Исто така, авторот наведува дека расказот е посветен на личноста М. која го сонувала кошмарниот сон што е опишан во расказот.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Post scriptum“ во: Danilo Kiš, Enciklopedija mrtvih. Beograd: Arhipelag, 2015, стр. 164.
  2. „Enciklopedija mrtvih“ во: Danilo Kiš, Enciklopedija mrtvih. Beograd: Arhipelag, 2015, стр. 35-59.
  3. „Post scriptum“ во: Danilo Kiš, Enciklopedija mrtvih. Beograd: Arhipelag, 2015, стр. 164.