Емпорија

Емпорија — архитектонски елемент во цркви, издигнат на катот над нартексот или страничните бродови. Традиционално служела за одвојување на жените за време на богослужбите, но и како простор за хорови издигнати трибини или галерии на столбови или аркади во ентериерите на средновековните западноевропски и византиски цркви.[1]
Со текот на времето, емпориите на западниот ѕид на храмот (спроти олтарот) почнале да се користат како место за пејачи и музичари, како и место за оргули.
Во Македонија
[уреди | уреди извор]
И во македонската црковна архитектура емпоријата претставува подигната отворена галерија, најчесто поставена над западниот или страничните бродови во црквите. Традиционално служела за издвојување на женскиот дел од верниците за време на богослужбите или како место за хорот.
Историја
[уреди | уреди извор]Емпоријата како архитектонски елемент во Македонија се развивал низ две клучни раздобја - византиско-средновековно и преродбенско.
Во византиското и средновековното раздобје
[уреди | уреди извор]Во средновековните цркви, градени под силно влијание на византиската архитектура, емпориите биле градени од цврст материјал (камен и тула). Честопати се среќаваат во монументални градби со крстообразна основа каде галеријата се протега над западниот нартекс.
Во црквата „Св. Софија“ во Охрид, архитектонскиот елемент со три аркади на катната висина кој гледа непосредно кон наосот (главниот брод) го образува предниот дел на емпоријата. Изграден е токму за да овозможи визуелна и просторна комуникација меѓу галеријата и средишниот дел на црквата. Овој кат служел како катна катедрала / приватен простор за архиепископот и високите црковни достоинственици за време на литургиите во XI век. Таму се наоѓа и посебно насликаниот циклус фрески со Мачеништвото на апостолите.
Од ова раздобје и црквата „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, исто така има емпорија во овој стил.
Во преродбенското раздобје
[уреди | уреди извор]
Во текот на 19 век, со економскиот подем и развојот на прочуената македонска резбарска и градителска традиција, концептот на емпоријата еволуирал. Таа станала еден од визуелно највпечатливите и најраскошните делови на ентериерот.
За разлика од средновековните камени конструкции, преродбенските емпории биле изработувани од дрво (често резбарени) и потпрени на дрвени столбови. Овие дрвени галерии се одликуваат со богата орнаментика, каде мајсторите-резбари вметнувале мотиви од флората и фауната. Емпориите често биле украсувани и со иконопис.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Эмпоры“. Енциклопедиски речник „Брокхаус и Ефрон“ : во 86 тома (82 тома и 4 доп.). Санкт Петербург. 1890–1907.