Елкар

Од Википедија — слободната енциклопедија
Елкар
Жолт и син елкар во Источен Тимор
Неоценет (МСЗП 3.1)
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Прстенести црви
Класа: Многучетинести црви
Ред: Цевкари
Семејство: Бигорни цевкари
Род: Елкари
Вид: Елкар
Научен назив
Spirobranchus giganteus
(Pallas, 1766)[1]

Елкар (науч. Spirobranchus giganteus) — вид многучетинест црв од семејството на бигорните цевкари (Serpulidae). Познат е по својот необичен облик и ужива општопознатост меѓу подводните фотографи и акваристите.

Анатомија и морфологија[уреди | уреди извор]

Разни елкари

Црвот е наречен „елкар“ поради тоа што има по две пипки налик на елка. Научниот назив Spirobranchus се однесува на двете обоени завојни строежи на телото што служат како дишни органи.[2][3]

Видот дели многу сличности со останатите црви што прават цевчести дупки. Има валчесто расчленето тело наредено со четинки, кои помагаат во подвижноста. Бидејќи не изглегува од цевката, црвот нема наменски краци предвидени за движење или пливање.

Ова се високоизменети приусни додатоци. Секој завој се состои од перјести пипки наречени радиоли што се мошне разресени и имаат улога на стапица за плен, кој потоа се пренесува во устата. Ресите воедно служат за дишење.

Главна разлика помеѓу елкарите и блискосродните перјести црви (Sabellida) е тоа што вторите немаат додаток на телото со кој би ја затвориле дупката кога ќе се вовлечат во неа; елкарите пак, имаат изменета радиола за оваа намена.

Како прстенест црв, елкарот има целосен систем за варење, добро развиен крвоток и нервен систем со главен мозок и голем број придружни ганглии, вклучувајќи ги ножните ганглии, присутни само кај четинестите црви. Црвот има и наполно развиен нефридиум за излачување на измет. Се размножуваат со испуштање на гаметите во водата, каде што јајцата (и сперматозоидите) се мешаат со зоопланктонот и патуваат со струите.

Распространетост[уреди | уреди извор]

Елкарите се застапени во тропските мориња ширум светот, од Карипското Море до Индискиот и Тихиот Океан.[1]

Екологија[уреди | уреди извор]

Единките живеат всадени во цели глави на крупни каменести корали како поритите и мозочните корали. Како и другите членови на семејството, излачуваат варовни цевки околу телото кои имаат улога на заштитна обвивка, откако најпрвин ќе ја ископаат дупката во коралот.

Бидејќи не се подвижни, елкарите се хранат претежно со филтрација, зафаќајќи микроорганизми од водата во своите гранчиња.

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 ten Hove, H. (2010). G. Read & K. Fauchald (уред.). Spirobranchus giganteus (Pallas, 1766)“. World Polychaeta database. Светски регистар на морски видови. Посетено на 2011-12-26.
  2. „Spirobranchus gigantea corniculatus“. Обединет таксономски информативен систем. Посетено на 24 January 2007. (англиски)
  3. Spirobranchus gigantea gigantea“. Обединет таксономски информативен систем. Посетено на 24 January 2007. (англиски)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]