Прејди на содржината

Економските последици на мирот

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Економските последици на мирот“ (англиски: The economic consequences of the peace) — книга на англискиот економист Џон Мејнард Кејнс од 1919 година.

Содржина

[уреди | уреди извор]

Книгата се состои од седум глави:[1]

  1. Вовед
  2. Европа пред војната
  3. Конференцијата
  4. Спогодбата
  5. Репарациите
  6. Европа по Спогодбата
  7. Решенија

За книгата

[уреди | уреди извор]

Откако започнала Првата светска војна, Кејнс зел отсуство од академската работа и се префрлил во Министерството за финансии, каде бил задолжен за пресметка на воените издатоци за војната. Тој постигнал значаен успех кој резултирал со неговото назначување за финансиски претставник на Министерството за финансии на Париската мировна конференција во јануари 1919 година. Меѓутоа, незадоволен од содржината на мировната спогодба, пролетта 1919 тој поднесол оставка, а потоа, во текот на летото ја напишал книгата „Економските последици на мирот“ која била објавена во декември истата година од издавачката куќа на неговиот другар од Колеџот во Итон, Даниел Макмилан.[2] Книгата наишла на одличен прием кај публиката и се продала во голем тираж, а благодарение на тоа се зголемила популарноста на Кејнс во Британија. Во 1920 година, книгата била објавена во САД, каде исто така постигнала голем успех, а набргу следеле преводите на повеќе јазици, како: кинески, дански, холандски, фламански, француски, руски, романски, италијански, јапонски, германски, шпански, шведски и унгарски. Покрај тоа, книгата добила и позитивни рецензии, меѓу кои и една во тогашното престижно списание „Квартален преглед“ (Quarterly Review), но истовремено, повеќето европски државници ја осудиле книгата, нарекувајќи го Кејнс романтичен интелектуалец.[3]

Во воведот на книгата, Кејнс ја нагласува тешката состојба во која се нашла Европа по завршувањето на Првата светска војна при што себеси се опишува како Англичанец кој „се чувствува како Европјанин“ кој не може да не покаже интерес за „големата историска драма која ќе уништи големи институции, но можеби ќе создаде нов свет“. Во втората глава, тој ги опишува приликите пред војната, кога се чинело дека светот го зафатила речиси целосна интернационализација, а милитаризмот, империјализмот, расните и културните судири, монополите и ограничувањата се само забавни случки во дневните весници. Меѓутоа, зад таа фасада се криеле неколку важни фактори кои ја предизвикале војната: бројното население зависно од сложени и вештачки организации, психолошката нестабилност на работничката и на капиталистичката класа и целосната зависност на Европа од узвозот на храна од Новиот свет. Во третата глава, Кејнс детално ги опишува главните учесници на Париската мировна конференција: францускиот премиер Жорж Клемансо, британскиот премиер Дејвид Лојд Џорџ и американскиот претседател Вудро Вилсон кого го оценува како човек со добри намери, но потполно некомпетентен за таа улога. Во следните три глави, Кејнс ги анализира недостатоците на Мировната спогодба чија главна цел била економски да ја упропасти Германија и да го попречи нејзиниот иден развој. Оттука, во петтата глава, тој го изложува својот став дека пресметката на воените репарации била целосно нереална и дека Германија ниту приближно немала капацитет за исплата на репарациите. Затоа, во последната глава, тој дава свои предлози, како определување далеку помал износ на репарации, меѓусебно поништување на долговите меѓу сојузниците, итн. Тој апелира за економска солидарност кон Германија, која треба да ја игра улогата на економска локомотива на Европа во повоениот период, тврдејќи дека од тоа ќе имаат полза и западните земји.[4]

  1. John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Wordsworth Editions, Ware, Hertfordshire, UK, 2017, стр. 359-538.
  2. Mark G. Spencer, „Introduction“, во: John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Wordsworth Editions, Ware, Hertfordshire, UK, 2017, стр. xiv.
  3. Mark G. Spencer, „Introduction“, во: John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Wordsworth Editions, Ware, Hertfordshire, UK, 2017, стр. xviii-xix.
  4. Mark G. Spencer, „Introduction“, во: John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Wordsworth Editions, Ware, Hertfordshire, UK, 2017, стр. xiv-xix.