Економски и монетарен сојуз на Европската Унија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Економски и монетарен сојуз на Европската Унија (ЕМУ) претставува општ израз кој ја опфаќа групата на политики насочени кон конвергентност на економиите на сите членки на Европската Унија.

Историја[уреди | уреди извор]

Идејата за воспоставување на економски и монетарен сојуз во Европа датира уште од средината на минатиот век. Првите обиди да се креира економски и монетарен сојуз се опишани во Вернеровиот извештај (Werner Report) од 1970 година, кој предвидувал комплетирање на сојузот во три фази до 1980 година. Во 1979 година, државите-членки на тогашната Европска заедница, едногласно донеле одлука за воспоставување на Европскиот монетарен систем (ЕМС). ЕМС претставувал систем на фиксни но проенливи девизни курсеви (интервалите на дозволените флуктуации биле поставени на +/- 2,25%) на европските валути, концентрирани околу централната едница наречена ЕЦУ (European Currency Unit). Ваквиот систем се темелел на механизмот на девизни курсеви (Exchange Rate Mechanism), според кој, меѓусебните флуктуации на курсевите на европските валути биле строго ограничени во многу тесен распон, додека нивното движење на светските пазари било оставено да се формира слободно. Овој механизам популарно бил нарекуван „змија“.[1][2] Сепак, ЕМС бил повеќе од механизам на девизни курсеви, бидејќи го опфаќал и прилагодувањето на монетарни и економски политики како инструменти за остварување на стабилност на девизните курсеви. Како резултат на тоа, стапките на инфлација брзо се намалувале, при што следело подобрување на целопкупните економски резултати на земјите-членки и била обезбедена заштита на интра-европската трговија.[3]

Фази во спроведувањето на ЕМУ[уреди | уреди извор]

Нови посериозни обиди за создавање на Економски и монетарен сојуз следеле во 1986 година, со поставувањето на темелите на единствениот пазар, кога се согледала потребата од единствена валута за земјите-членки. Сепак, можеби најбитниот момент во историјата на Европската Унија е поврзан со тогашниот претседател на Европската комисија, Жак Делор и извештајот што го изготвил неговиот комитет, познат како „Делоровиот извештај“. Во јуни 1988 година, Европскиот совет иницирал предлагање чекори за воведување на заедничка валута, но исто така и за понатамошна имплементација на Европскиот монетарен договор. Ова барање резултирало со усвојување на Планот на Делор на состанокот на Европскиот совет во Мадрид, во 1989 година. Планот на Делор препорачал три фази за формирање економски и монетарен сојуз:[4]

  • Во првата фаза, (1 јули 1990 - 1 ноември 1993 година) била извршена либерализацијата на капиталните движења, со отстранување на повеќето преостанати ограничувања (до крајот на 1990 година). Единствениот европски пазар беше создаден на 1 јануари 1993 година, со зголемена координација на економските политики и интензивирање на соработката помеѓу централните банки на земјите-членки. Потоа била фиксирана кошницата со валути (1 ноември 1993 година), врз основа на која била пресметана вредноста на ECU. На овој начин бил формиран Европскиот монетарен систем.
  • Во втората фаза (1 јануари 1994 - крајот 1998) биле поставени главните основи на ЕМУ. Бидејќи во оваа фаза се предвидувало хармонизирање на економијата на ЕУ, се утврдила помош за помалку развиените членки (Шпанија, Грција, Португалија и Ирска). За таа цел бил создаден Кохезионен фонд за кој биле обезбедени средства од постојните фондови: регионални, аграрни и социјални. Во Франкфурт бил основан Европскиот монетарен институт (ЕМИ) и била договорена постапката за усогласување на економските политики на ниво на ЕУ. Европскиот монетарен институт е наследник на Европскиот монетарен фонд, а неговата цел била да ги подготви условите за започнување на третата фаза на ЕМУ. Иако во 1992 година било предвидено дека ЕКУ (ECU) ќе биде идната единствена валута, во декември 1995 година била донесена одлука единствената валута да се вика „евро“ и бил донесен календар за неговото воведување. Во јуни 1998 година била основана Европската централна банка (ЕЦБ) со седиште во Франкфурт чија главна задача била да ја имплементира единствена монетарна политика.
  • Третата фаза (1 јануари 1999 - 1 јануари 2002 година) значела конечно воспоставување на монетарниот сојуз. Ова подразбирало пренесување на овластувањата на националните централни банки кон Европската централна банка и воведување на единствената валута - еврото.

Имплементацијата на Делоровиот план започнала на 1 јули 1990 година, со целосна либерализација на капиталните текови и зајакнување на координацијата на економските, фискалните и монетарните политики на членовите на ЕЕЗ. Сепак, спроведувањето на втората и третата фаза барало некои измени во Договорот за основање на Европската заедница. Поради овие причини, на 4 февруари 1992 година бил потпишан Договорот од Мастрихт со кој биле опфатени нови поглавја за економската и монетарната политика. Договорот од Мастрихт ги дефинирал основите за воспоставување на Економската и монетарниот сојуз, како и чекорите и роковите за нејзино конечно спроведување во сите земји-членки на ЕУ. Во Договорот и Мастрихт, исто така, биле утврдени и критериумите за воведување на единствената валута. Затоа, земјите-членки на ЕУ, кои имале намера да ја воведат единствената валута, имале обврска да ги исполнат критериумите за конвергенција, како предуслов за воведување на еврото.

Со создавањето на Европскиот монетарен институт, на 1 јануари 1994 година, започнала втората фаза од развојот на Европската монетарниот сојуз. Европскиот монетарен институт бил посветен на подготовка и утврдување на деталите за ефикасно спроведување на целите, задачите, стратегиите и инструментите на Заедничката европска монетарна политика на Заедничката европска монетарна политика. Значењето на втората фаза од развојот на ЕМУ се одразило во создавањето на сите потребни предуслови за лесно прифаќање на монетарниот сојуз, со зајакнување на независноста на националните централни банки. Нивната независност првенствено се манифестирала во забраната за финансирање на буџетскиот дефицит од примарната емисија, како и усогласување на целите на националните централни банки со целите на идната Европска централна банка. Во втората фаза, на самитот на Европскиот совет во декември 1995 година, биле дефинирани конкретни чекори (транзициони сценарија) на патот кон реализација на монетарниот сојуз. Исто така, било најавено дека третата фаза на ЕМУ ќе започне на 1 јануари 1999 година, како и името на заедничката валута - еврото.

Во текот на втората половина на 1998 година била спроведена анализа на степенот на исполнетост на Мастрихшките критериуми. Потоа била формирана Европската централна банка (како правен наследник на Европскиот монетарен институт) и била донесена одлука за учество на 11 земји-членки кои ги исполниле критериумите во третата фаза од создавањето на ЕМУ. На 1 јануари 1999 година конечно се фиксирале валутите на националните валути на тие земји, а истиот ден било воведено еврото во форма на книговодствени пари. Вредноста на еврото во однос на единицата за европска валута (ЕКУ) било утврдено во однос 1: 1. Еврото, во форма на книговодствени пари, служело за безготовински плаќања. Со него се извршувале трансакции во платниот промет, а исто така служело и за прикажување на вредноста на сите финансиски инструменти. Заедно со воведувањето на кноговодственото евро, Европската централна банка ја презела одговорноста за спроведување на Заедничката монетарна политика на ЕУ во Еврозоната. Во 2000 година, Европскиот совет потврдил дека Грција ги исполнила критериумите за воведување на еврото. Така, од 1 јануари 2001 година, Грција им се придружила на земјите од еврозоната и станала дванаесетта членка на еврозоната. На 1 јануари 2002 година, со воведувањето на банкнотите и монетите на еврото во физичка форма започнала последната потфаза за создавање на Европската монетарниот сојуз. Бидејќи процесот на замена на старите европски валути можел да трае до два месеци, се смета дека од 1 март 2002 година, еврото станало единствениот официјален инструмент за плаќање во сите дванаесет земји од еврозоната.

Најважните чекори кон Европската монетарна унија[5]
Година Опис
1962 Претставен првиот предлог на Европската комисија за економска и монетарна унија (т.н. Marjolin Memorandum)
мај 1964 Основан е Комитетот на гувернерите на централните банки на земјите-членки на Европската Економска Заедница
1971 Со Вернеровиот извештај е поставен планот за остварување на економската и монетарната унија до 1980 година
април 1972 Воспоставен е систем за прогресивно стеснување на опсегот на дозволените флуктуации на девизните курсеви на земјите-членки на Европската Економска Заедница (т.н. „змија“)
април 1973 Воспоставен е Европскито фонд за монетарна соработка
март 1979 Основан е Европскиот монетарен систем
февруари 1986 Потпишан е Единствениот европски закон
јуни 1988 Европскиот совет назначил експертски комитет, под водство на Жак Делор („Делоров комитет“), со задача да направи план за остварување на монетарната унија
мај 1989 „Делоровиот извештај“ е поднесен до Европскиот совет
јуни 1989 Европскиот совет донесол одлука за остварување на економската и монетарната унија (ЕМУ) во три фази
јули 1990 Почетокот на првата фаза од ЕМУ
декември 1990 Меѓувладина конференција за подготовка на втората и на третата фаза на ЕМУ
февруари 1992 Потпишана е Спогодбата за Европската Унија („Мастришката спогодба“)
октомври 1993 Франкфурт е одреден како седиште не Европскиот монетарен институт (ЕМИ) и на Европската централна банка и номиниран претседателот на ЕМИ
ноември 1993 Стапување во сила на Мастришката спогодба
декември 1993 Александар Ламфалуси е поставен за назначен за претседател на ЕМИ
јануари 1994 Почеток на работата на ЕМИ и на втората фаза на ЕМУ
декември 1995 На мадридскиот Европски совет е одредено името на новата валута и сценариото за замена на готовите пари
декември 1996 Пред Европскиот совет се претставени банкнотите на еврото
јуни 1997 Европскиот совет донесол одлука за Пактот за стабилност и раст
мај 1998 Прогласено е дека Белгија, Франција, Германија, Шпанија, Ирска, Италија, Луксембург, Холандија, Австрија, Португалија и Финска ги исполнуваат критериумите за воведување на еврото; назначени членовите на извршниот одбор на Европската централна банка
јуни 1998 Воспоставени се Европската централна банка и Рвропскиот систем на централни банки
октомври 1998 Европската централна банка ги објавила стратегијата и оперативната рамка на единствената монетарна политика
јануари 1999 Почетокот на третата фаза на ЕМУ; почетокот на еврото како заедничка валута; фиксирани стапките на замена на националните валути за еврото; почетокот на заедничката монетарна политика

Критериумите од Мастрихт[уреди | уреди извор]

Критериумите за конвергенција се однесуваат на условите кои секоја земја-членка на ЕУ треба да ги исполни пред да приклучи кон монетарниот сојуз. Постојат четири такви критериуми:[6]

  • Ценовна стабилност. Првиот критериум - ценовна стабилност, се однесува на инфлација, односно на ниво на раст на цени. Според него, се предвидува државата која сака да се приклучи кон монетарниот сојуз, не би требало да го помине агрегатниот просек од три најниски стапки на инфлација остварени од земји-членки на ЕУ за повеќе од 1,5 процентни бодови.
  • Долгорочна номинална каматна стапка. Вториот критериум се однесува на долгорочната каматна стапка, и се бара од државите да не го надминуваат просекот на трите најниски каматни стапки постигнати од државите за повеќе од 2 процентни бода. Со овој критериум се избегнуваат приврмено исполнување на првиот, односно привремено спуштање на нивото на инфлација.
  • Стабилност во девизниот курс. Третиот критериум се однесува на стабилност на девизниот курс и според него се условува членство во Механизмот на девизните курсеви (ЕРМ), и од државите се бара двегодишно членство без флуктуација во девизниот курс на сопствената валута за +/- од 2,25%. Сепак, во пракса како дерогација од оваа правило се сметала флуктуација на валутата за повеќе од +/- 6%. За некои држави овој критериум беше спуштен на ниво од +/- 15%.
  • Стабилна и солидна фискална позиција. Последниот критериум се однесува на стабилни јавни финансии, и според него се одредува нивото на буџетскиот дефицит и јавниот долг. Плафонот е поставен на 3% од БДП за буџетскиот дефицит (германско златно правило), а јавниот долг не треба да надмине 60% од БДП.
  • Обврска за учество во Механизмот на девизните курсеви во најкус рок од две години.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Секуловска-Габер, Билјана, Меѓународни организации и интеграции, Економски Факултет, Скопје, 2003, стр. 149.
  2. The European Central Bank, The Euro system, The European System of Central Banks, Imprimerie Centrale, Luxembourg, 2011, p. 4-7.
  3. Scheller K., Hanspeter, The European Central Bank: History, Role and Functions (2nd Revised Edition), ECB, 2006, p. 19-20.
  4. Michael Faulend i Vedran Šošić, (2010), Europska monetarna unija, Europska unija, MATE, Zagreb, стр. 333.
  5. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, 90.
  6. Scheller K. Hanspeter, The European Central Bank: History, Role and Functions, 2nd Revised Edition, ECB, 2006, стр. 34-37.