Еколошки протести во Србија (2024)
| Еколошки протести во Србија (2024) | |||
|---|---|---|---|
| Датум | 29 јули 2024 – денес (1 година, 5 месеци, 2 недели и 3 денови) | ||
| Место | Шабац, Барајево, Краљево, Љиг и Аранѓеловац во Србија | ||
| Повод | Враќање на рударската лиценца на Рио Тинто, договор на Европската унија за пристап до српски суровини | ||
| Цели | Трајно запирање на сите рударски операции во Јадар | ||
| Начини | Демонстрации, граѓански отпор | ||
| Страни во судирот | |||
| |||
| Предводници | |||
Еколошки протести во Србија (2024) — серија еколошки протести кои започнале во јули 2024 година. Тие биле против Јадарскиот рудник, проект за ископ на литиум поддржан од Европската Унија и одобрен од српската влада. Проектот бил предложен од англо-австралиската компанија Рио Тинто за развој на најголемиот рудник за литиум во Европа во западно-српскиот регион Јадар, предизвикувајќи големи протести поради потенцијалната еколошка штета и експлоатацијата на локалното население за економска и геополитичка корист.[1]
Позадина
[уреди | уреди извор]Литиумот е значаен елемент потребен за производство на батерии што се користат во електрични возила и мобилни уреди, а значително се зголемила неговата побарувачка во 2020-тите поради глобално преминување кон обновливи извори на енергија и електричен транспорт, а особено во автомобилската индустрија. Европската унија и САД го назначиле литиумот како „стратешки важен ресурс“.[1]
Србија е дом на еден од најголемите европски резерви на литиум, кој се наоѓа во регионот на Јадарската долина во западна Србија со население од околу 18.000 луѓе. Регионот содржи широко распространети и разновидни шумски екосистеми, земјоделско земјиште и водни ресурси од Јадарската река. Многу земјоделци живеат и работат во долината поради нејзината плодна почва, а неколку семејства живеат во регионот со генерации. Мултинационалната рударска компанија Рио Тинто го истражуваше регионот неколку години и сакаше да започне со напори за ископување на неговата голема резерва на литиум за да ја задоволи глобалната побарувачка за литиум.[2]
Кандидатурата на Србија за влез во Европската унија беше компликувана поради нејзините тешкотии при исполнувањето на еколошките стандарди, при што Србија се смета за една од најзагадените нации во Европа.[1]
Прелудиум
[уреди | уреди извор]Во 2021 до 2022 година, широко распространетите еколошки протести низ Србија, кои вклучувале блокирање на неколку патишта и мостови со голем сообраќај во Белград и во други региони, довеле до суспензија на проектот на Рио Тинто за ископ на литиум во регионот. Тогашната српска премиерка Ана Брнабиќ изјавила дека „се е завршено“ и дека проектот е „откажан“.[3] Сепак, на почетокот од јули во 2024 година, уставниот суд на Србија го отфрлил претходното откажување на проектот вреден 2,4 милијарди американски долари. Судот тврдел дека првичната одлука „не била во согласност со Уставот или законот“ и ја вратил лиценцата на компанијата за рудирање во регионот.[1][2]
На 19 јули 2024 година, по притисок од ЕУ,[4] претседателот на Србија Александар Вучиќ, канцеларот на Германија Олаф Шолц и шефот за енергетика на Европската унија Марош Шефчовиќ се состанаа и потпишаа договор во врска со пристапот на Европската унија до „критичните суровини“ минирани во Србија, претставувајќи понатамошен чекор кон остварување на проектот во Јадар. Договорот претставуваше обид на Европа да ја намали својата зависност од Кина за основните минерали како што е литиумот, како и поблиску усогласување на Србија со ЕУ наместо со Русија и Кина, особено во контекст на руската инвазија на Украина и дипломатското и економското партнерство на Кина со Русија.[2] Вучиќ тврдеше дека рудникот „нема да загрози никого и ништо“, а на локалното население планира да им даде „нови работни места и подобри плати“.
Протести
[уреди | уреди извор]Враќањето на дозволата за рударство на Рио Тинто предизвика нов бран на огорченост и протести низ Србија. Многу екологисти тврдеа дека ископувањето ќе предизвика неповратна еколошка штета на земјоделски плодната долина Јадар, а истовремено ќе понуди ограничени придобивки за српските граѓани, особено локалното население во регионот. Многумина ја истакнаа важноста од зачувување на природните ресурси и екосистемите на Србија во споредба со краткорочните економски придобивки, при што Билјана Степановиќ, претставник на организацијата за права Проглас, изјави дека „не можеме да живееме без чист воздух и вода, но можеме да живееме без литиумски батерии и електрични автомобили“. Локалните жители и сопствениците на бизниси стравуваа дека проектот ќе биде егзистенцијална закана за локалните заедници во регионот.[1][2]
Една од еколошките групи наречена „Не дамо Јадар“ строго се спротивстави на плановите и почна да организира локални протести почнувајќи од јуни 2024 година. Претставникот на групата и локален фармер Златко Кокановиќ изјави:[3]
„Планот е главната фабрика за преработка да биде тука - на само неколку стотини метри од нашата црква. Таму дневно ќе се дробат помеѓу 4.000 и 5.000 тони карпест материјал, ќе се третира со 1.000 тони сулфурна киселина и ќе се измие со огромни количини вода, која потоа ќе заврши во реката Јадар.
– Златко Кокановиќ, изјава за Дојче веле (DW)
Групата стравуваше дека добиените депонии и загадувањето ќе го опустошат екосистемот, ќе го отрујат водоснабдувањето на реката, ќе го уништат земјоделското обработливо земјиште и ќе внесат токсични честички во воздухот, предизвикувајќи значително зголемување на стапката на болести и рак.[3]
Тој, исто така, ја осуди улогата на Германија во туркањето на проектот напред на сметка на српските земјоделци и локалното население, возвраќајќи:[3]
„Во Германија има три пати повеќе литиум, господине Шолц, и го има во подземните термални води каде што е многу поедноставно за експлоатација и каде што би имало многу помало влијание врз животната средина. Повели, копај си го твојот литиум во Германија“.
„Ние нема да ги бркаме низ Белград и немаме намера да ја трошиме нашата сила и енергија затоа што јасно е дека планот и целта на оваа влада е да не уапси и да не стави зад решетки. Нема да им дозволиме да го направат тоа.– Златко Кокановиќ, изјава за Дојче веле (DW)
Политичка опозиција
[уреди | уреди извор]Пратеникот и екологист од опозицијата , Александар Јовановиќ Ќута, одобрениот план за рударство го нарече „епско злосторство против луѓето и природата“. Тој го нарече германскиот канцелар Олаф Шолц „мала американска марионета“ која се задоволувала со раселувањето на граѓаните што живеат во Горна Недељица кои „ја хранат Србија“. Тој понатаму изјавил:
Шолц и Шевчовиќ нека дојдат кај Златко Кокановиќ и нека му кажат: „Види Златко, сакам литиум. Услов за тоа е вие и вашите 100.000 литри млеко да исчезнете, а вие да се преселите од својата нива". Може ли тоа да му го каже на германски земјоделец?
„Имаме работа со компанија која ниту една нормална земја не би ја прифатила, но затоа го нашле Александар Вучиќ, голем силен борец, кој нема храброст да го брани својот народ, туку се ставил во служба на Рио Тинто."– Александар Јовановиќ Ќута, изјава за Дојче веле (DW).
Тој ја предупреди владата дека ако не ги забранат рударските операции и идната експлоатација на суровини, дека локалното население ќе започне „бунт“.[3]
Демонстрации
[уреди | уреди извор]На 29 јули 2024 година, илјадници демонстранти се собраа во градот Шабац, кој се наоѓа на приближно 50 километри североисточно од предложената локација за рудникот. Демонстрантите во Шабац маршираа низ градот, со многу развиорени српски знамиња.[2]
Демонстрации истовремено се случија во централните српски градови Бараево, Краљево, Љиг и Аранѓеловац. Во Краљево, активистот Небојша Кованџиќ ги собра демонстрантите околу тврдењето дека српската влада им дава приоритет на своите интереси за економски и дипломатски можности пред интересите на граѓаните. Многу еколошки групи се заканија дека ќе ги ескалираат идните протести, објавувајќи ги плановите за блокирање на главните железници и крстосници во август 2024 година како форма на граѓанска непослушност.[1]
Одговор
[уреди | уреди извор]Германскиот канцелар Олаф Шолц се обиде да ги увери демонстрантите сугерирајќи дека проектот ќе продолжи само доколку е во согласност со еколошките стандарди на ЕУ, што генерално беше проследено со скептицизам од демонстрантите и еколошките групи.[1]
Како одговор на ескалацијата на протестите, српскиот претседател Вучиќ најави дека владата ќе организира референдум за проектот до крајот на 2025 година.[1] Вучиќ, исто така, изјави дека ниту еден дел од проектот нема да започне пред 2028 година и дека ќе се погрижи строго да ги следи еколошките упатства пред да започне изградбата.[2][5]
Наводи
[уреди | уреди извор]- 1 2 3 4 5 6 7 8 „Thousands in Serbia rally against Rio Tinto mine project“. Reuters. 29 July 2024. Посетено на 29 July 2024.
- 1 2 3 4 5 6 „Thousands protest Serbia's deal with the European Union to excavate lithium“. AP News (англиски). 29 July 2024. Посетено на 30 July 2024.
- 1 2 3 4 5 Kljajic, Sanja (19 July 2024). „Serbia: Protests on the cards if lithium mining goes ahead“. DW (англиски). Посетено на 30 July 2024.
- ↑ Higgins, Andrew (2024-08-18). „'Bad Blood' Stalks a Lithium Mine in Serbia“. The New York Times (англиски). ISSN 0362-4331. Посетено на 2024-08-18.
- ↑ „Serbians protest EU lithium excavation deal“. Euronews (англиски). 30 July 2024. Посетено на 30 July 2024.