Еклектизам

Од Википедија — слободната енциклопедија
Еклектизам во архитектурата на раскрсницата на авенијата Ракоци и Големиот булевар во Будимпешта.

Еклектизам (старогрчки: ἐκλέγω) — пристап кон мисла што се потпира врз повеќе теории за добивање дополнителни сознанија за појави. Терминот бил воведен од александрискиот филозоф од II век Потамон, кој го споменува Диоген Лаертски на крајот од неговиот вовед во расправата „За животот, учењата и изреките на познатите филозофи“.[1] Еклектичкиот правец, во случај кога се приближува кон синкретизмот, односно непринципиелното и неметодично соединување на спротивставени системи, го означува падот на филозофското творештво и се појавува во историјата, обично откако одредено начело ќе ја изгуби својата сила и преовладувачка положба во умовите на луѓето. Еклектизмот во етиката, филозофијата, политиката и религијата е познат како синкретизам.[2] Еклектизмот во психологијата и општествената работа претставува пристап кон суштествувањето според кој многу чинители влијаат на однесувањето и психата, затоа неизбежно е да се земат предвид сите погледи при утврдување, објаснување, одредување и промена на однесувањето.[3]

По Платон и Аристотел, еклектизмот постепено се шири, сè додека конечно, во александриската филозофија не добива општо признание. Истото се гледа и во филозофијата на Кристијан фон Волф во однос на филозофијата на Готфрид Вилхелм Лајбниц. Во XIX век, еклектисти биле Виктор Казен и Теодор Симон Жуфроа, кои се обиделе да ги сврзат начелата на германскиот идеализам со начелата на англискиот емпиризам.[1]

Мерилото за утврдување на вистинитоста на начелата што тие се обидуваат да ги сврзат е обично „здравиот разум“. Иако таквиот правец во филозофијата не се спротивставува на критиката, тоа не значи дека секој еклектизам треба да биде осуден. Секој систем мора да се смета на цврсто утврдени факти со вистинити предлози, без разлика на која филозофска школа припaѓа. Ова било добро изразено од Лајбниц, кој изјавил дека „сите системи на филозофијата се во право за она што го потврдуваат, а погрешни само во она што го негираат“. Искажувањето желба да се пресмета со сите можни насоки и преку критика да се најде грам вистина во нив — еклектизмот, според тоа — може да значи барање за широк поглед во поткрепувањето на сопствениот систем.[4]

Потекло[уреди | уреди извор]

Еклектизмот најпрво бил забележан и употребуван од група старогрчки и римски филозофи, кои не се приврзале на никаков вистински систем, туку ги избрале од постоечките филозофски верувања оние учења што им се чинеле најразумни.[5] Од овој собран податок, тие го составиле својот нов систем на филозофија. Терминот доаѓа од грчкиот ἐκλεκτικός (eklektikos), буквално — „избирање на најдоброто“,[6][7] и од ἐκλεκτός (eklektos), — „избрано, одбрано“.[7] Познати еклектици во грчката филозофија биле стоиците Панетиј и Посидониј и новите академици Карнеад и Филон Лариски. Меѓу Римјаните, Цицерон бил целосно еклектичен, бидејќи ги обединил перипатетските, стоичките и новите академски учења. Наследникот на Филон и учител на Цицерон, Антиох Аскалонски е заслужен за влијанието на Академијата, така што таа конечно преминала од скептицизам во еклектизам.[8] Меѓу другите еклектици биле Варон и Сенека Помладиот. Според Рошкер и Сухадолник, иако еклектизмот имал грчко потекло, терминот ретко се користел — што му било дадено негативно значење од историчарите на грчката мисла — поврзувајќи го со описот за нечисто и неизворно размислување.[9] Научниците како Климент Александриски тврделе дека еклектизмот имал долга историја во грчката филозофија, односно бил поткрепен со подлабоко метафизичко и теолошко убедување во врска со апсолутот/Бог како извор на сите благородни мисли. Така, сите делови од вистината можат да се најдат меѓу различните филозофски системи.[10]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Eclecticism - an overview | ScienceDirect Topics“. www.sciencedirect.com. Посетено на 2022-08-31.
  2. „еклектизам“Дигитален речник на македонскиот јазик
  3. „Eclecticism definition | Psychology Glossary | AlleyDog.com“. www.alleydog.com. Посетено на 2022-08-31.
  4. „Eclecticism - Routledge Encyclopedia of Philosophy“. www.rep.routledge.com (англиски). Посетено на 2022-08-31.
  5.  Chisholm, Hugh, уред. (1911). „Eclecticism“ . Енциклопедија Британика. 8 (11. изд.). Cambridge University Press. стр. 887.
  6. Encyclopædia Britannica – во филозофијата и теологијата, практика на избирање доктрини од различни системи на мисла, без усвојување на целиот суштински систем за секоја доктрина.
  7. 7,0 7,1 ἐκλεκτικός, Хенри Џорџ Лидел, Роберт Скот, A Greek–English Lexicon, на Perseus Digital Library
  8. Zeller, Eduard (2001). Outlines of the History of Greek Philosophy, 13th edition. Oxon: Routledge. стр. 253. ISBN 9781315822976.
  9. Rošker, Jana; Suhadolnik, Natasa (2011). The Yields of Transition: Literature, Art and Philosophy in Early Medieval China. Newcastle upon Tyne: Cambridge Scholars Publishing. стр. 229. ISBN 9781443827140.
  10. Ashwin-Siejkowski, Piotr (2008). Clement of Alexandria: A Project of Christian Perfection. London: T & T Clark. стр. 104. ISBN 9780567032874.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]