Ежен Виоле ле Дик
| Ежен Виоле ле Дик | |
|---|---|
Фотографија од Надар | |
| Роден(а) | Eugène Emmanuel Viollet-le-Duc 27 јануари 1814 Париз, Франција |
| Починал(а) | 17 септември 1879 (возр. 65) Лозана, Швајцарија |
| Награди | Кралски златен медал (1864) |
Ежен Емануел Виоле-ле-Дик (француски: Eugène Emmanuel Viollet-le-Duc), (Париз, 27 јануари 1814 - Лозана, 17 септември 1879 ) — француски архитект и автор, познат по обновата на најзначајните средновековни знаменитости во Франција. Неговите главни реставраторски проекти ги вклучувале Богородичната црква во Париз, базиликата Сен Дени, Мон Сен Мишел, Сент Шапел, средновековните ѕидини на градот Каркасон и замокот Роктајад во регионот Бордо.
Неговите дела за декорацијата и за односот помеѓу обликот и функцијата во архитектурата имаа темелно влијание врз цело ново поколение архитекти, вклучувајќи ги сите главни уметници од арт нуво: Антони Гауди, Виктор Орта, Ектор Гимар, Анри ван де Велде, Анри Соваж и Школата од Нанси, Пол Анкар, Ото Вагнер, Ежен Грасе, Емил Гале и Хендрик Петрус Берлаге. Тој, исто така, имал влијание врз првите современи архитекти, Френк Лојд Рајт, Мис ван дер Рое, Огист Пере, Луј Саливан и Ле Корбизје, кои го сметале Виоле-ле-Дик за татко на модерната архитектура.[1] Англискиот архитект Вилијам Бургес тврдел дека „Сите ние сме од Виоле-ле-Дик, иако веројатно ниту еден од десет купувачи не го чита текстот“.[2]
Неговите дела, исто така, влијаеле врз Џон Раскин, Вилијам Морис и движењето „Уметност и занаети“.[3] На Меѓународната изложба од 1862 година во Лондон, естетските дела на Едвард Берн-Џонс, Кристина Росети, Филип Веб, Вилијам Морис, Симеон Соломон и Едвард Појнтер биле непосредно под влијание на цртежите во „Речникот“ на Виоле-ле-Дик.[4]
Младост и образование
[уреди | уреди извор]Виоле-ле-Дик бил роден во Париз во 1814 година.[5] Неговиот дедо бил архитект, а неговиот татко бил висок државен службеник, кој во 1816 година станал надзорник на кралските резиденции на Луј XVIII. Неговиот чичко Етјен-Жан Делеклиз бил сликар, поранешен ученик на Жак-Луј Давид, уметнички критичар и домаќин на книжевен салон, на кој присуствувале Стендал и Сент-Бев. Неговата мајка го организирала својот салон, на кој можеле да присуствуваат и жените, како и мажите. Таму, во 1822 или 1823 година, Ежен го запознал Проспер Мериме, писател кој ќе одигра одлучувачка улога во неговата кариера.[6][7]
Во 1825 година го започнал своето образование во Пансион Моран, во Фонтене-о-Роз. Се вратил во Париз во 1829 година како ученик на колеџот де Бурбон (сега Лицеј Кондорсе). Го положил матурскиот испит во 1830 година. Неговиот чичко го натерал да се запише во Училиштето за ликовни уметности (École des Beaux-Arts), кое било создадено во 1806 година, но училиштето имало исклучително строг систем, целосно заснован на копирање класични модели, а Ежен не бил заинтересиран. Наместо тоа, решил да стекне практично искуство во архитектонските бироа на Жак-Мари Иве и Ашил Леклер, додека голем дел од своето време го посветувал на цртање средновековни цркви и споменици низ Париз.
На шеснаесет години учествувал во Јулската револуција од 1830 година, која го соборила Шарл X, градејќи барикада. По револуцијата, која го довела Луј Филип I на власт, неговиот татко станал началник на бирото за кралски резиденции. Новата влада, за првпат, ја создала позицијата генерален инспектор за историски споменици. Чичкото на Ежен, Делеклиз, се согласил да го поведе Ежен на долга турнеја низ Франција за да види споменици. Тие патувале од јули до октомври 1831 година низ Јужна Франција, а тој се вратил со голема збирка од подробни слики и акварели од цркви и споменици.[6]

По враќањето во Париз, се преселил со семејството во палатата Тилери, каде што неговиот татко сега бил управник на кралските резиденции. Неговото семејство повторно го наговорало да учи во Училиштетот за ликовни уметности, но тој сè уште одбивал. Во својот дневник во декември 1831 година напишал: „École е само калап за архитекти. Сите излегуваат практично истоветни“.[6] Тој бил надарен и педантен уметник; патувал низ Франција за да посетува споменици, катедрали и друга средновековна архитектура, правел подробни цртежи и акварели. Во 1834 година, на дваесетгодишна возраст, се оженил со Елизабет Тамплие, а истата година бил именуван за вонреден професор по украсна декорација на Кралското училиште за декоративни уметности, што му дало поредовен приход.[8] Меѓу неговите први ученици таму бил и Леон Гошерел.
Со парите од продажбата на неговите цртежи и слики, Виоле-ле-Дик тргнал на долга турнеја на спомениците на Италија, посетувајќи ги Рим, Венеција, Фиренца и други места, цртајќи и сликајќи. Во 1838 година, тој претставил неколку свои цртежи на Парискиот салон и почнал да ја работи патната книга, „Сликовити и романтични слики од стара Франција“, за која, помеѓу 1838 и 1844 година, направил речиси триста гравури.[9]
Први архитектонски реставрации
[уреди | уреди извор]
Во октомври 1838 година, по препорака на Ашил Леклер, архитектот кај кого се школувал, бил именуван за заменик-инспектор за проширување на хотелот „Субиз“, новиот дом на Француските национални архиви. Неговиот чичко, Делеклиз, потоа го препорачал на новата Комисија за историски споменици на Франција, предводена од Проспер Мериме, кој штотуку објавил книга за средновековните француски споменици. Иако имал само дваесет и четири години и немал диплома по архитектура, било побарано од него да оди во Нарбон за да предложи план за завршување на тамошната катедрала. Проектот бил отфрлен од месните власти како премногу амбициозен и премногу скап.
Неговиот прв вистински проект била реставрацијата на опатијата Везеле, што многумина го сметале за невозможно. Црквата била ограбена од хугенотите во 1569 година, а за време на Француската револуција фасадата и статуите на фасадата биле уништени. Сводовите на покривот биле ослабени, а многу од камењата биле однесени за други намени. Кога Мериме ја посетил за да ја провери градбата, слушнал како паѓаат камења околу него. Во февруари 1840 година, тој му ја дал на Виоле-ле-Дик задачата да ја реставрира и реконструира црквата за да не се сруши, притоа „точно ги почитува сите изворни диспозиции на црквата во својот проект за реставрација“.[10]
Задачата беше уште потешка бидејќи дотогаш не биле направени научни проучувања за средновековните градежни техники, а немало ни школи за реставрација. Тој ги немал изворните планови по која би ја работел обновата. Виоле-ле-Дик морал да ги открие недостатоците во конструкцијата што предизвикале зградата да почне да се урива на прво место и да изгради поцврста и постабилна структура. Тој го олеснил покривот и изградил нови лакови за да ја стабилизира структурата и малку го променил обликот на сводовите и лаковите. Бил критикуван за овие промени во 1960-тите, иако, како што истакнале неговите бранители, без нив покривот ќе се срушел под сопствената тежина.[10] Заменикот на Мериме, Ленорман, извршил преглед на изградбата и го известил Мериме: „Младиот Ледик изгледа целосно достоен за вашата доверба. Му требаше величествена дрскост за да преземе таков очаен потфат; сигурно е дека пристигна токму навреме, и ако чекавме само десет години, црквата ќе беше куп камења.“[11] Оваа реставраторска работа траела 19 години.
Сент Шапел и Амбоаз
[уреди | уреди извор]Успехот на Виоле-ле-Дик во Везеле довел до голема низа проекти. Во 1840 година, во соработка со својот пријател архитектот Жан-Батист Ласи, ја започнал реставрацијата на Сент-Шапел во Париз, која по Револуцијата била претворена во складиште. Во февруари 1843 година, кралот Луј Филип го испратил во замокот Амбоаз, за да ги реставрира витражите во капелата во која се наоѓа гробот на Леонардо да Винчи. Прозорците за жал биле уништени во 1940 година за време на Втората светска војна.[12]
Во 1843 година, Мериме го повел Виоле-ле-Дик со себе во Бургундија и Јужна Франција, на едно од неговите долги патувања за инспекција на споменици. Виоле-ле-Дик направил цртежи од зградите и напишал подробни извештаи за секое место, илустрирани со негов цртеж, кои биле објавени во архитектонски списанија. Со своето искуство, тој станал најистакнатиот академски научник за француската средновековна архитектура[12], а неговиот средновековен речник, со над 4000 цртежи, ја содржи најголемата иконографија на оваа тема до ден-денес.
Богородична црква во Париз
[уреди | уреди извор]- Фасада околу 1841 година, пред реставрацијата
- Предложена декорација на влезната врата
- Поглед на шилецот на Богородичната црква обновен од Виоле-ле-Дик
- Ризницата на катедралата, дизајнирана од Виоле-ле-Дик за да ја замени уништената резиденција на надбискупот (1849)
- Прозорецот на капелата Сен Клотилд дизајниран од Виоле-ле-Дик (1864)
- Цртеж на внатрешната пречка
- Хорска порта дизајнирана од Виоле-ле-Дик
- Реликвијар дизајниран од Виоле-ле-Дик
- Цртеж на кулата
- Свети Тома на шилецот, налик на Виоле-ле-Дук
Во 1844 година, со поддршка на Мериме, Виоле-ле-Дик, на возраст од само триесет години, и Ласи, тогаш триесет и седум години, победиле на натпреварот за реставрација на Богородичната црква, која траела дваесет и пет години. Нивниот проект првенствено ја вклучувал фасадата, каде што многу од статуите над порталите биле обезглавени или смачкани за време на Револуцијата. Тие предложиле две големи промени во ентериерот: обнова на два од корабите до нивната првична средновековна висина од четири ката и отстранување на мермерните неокласични структури и декорации кои биле додадени на хорот за време на владеењето на Луј XIV. Мериме ги предупредил да бидат внимателни: „Во таков проект, не може да се дејствува со премногу разумност или дискреција... Реставрацијата може да биде покатастрофална за споменикот отколку пустошот од вековите.“[13] Комисијата за историски споменици ги одобрил повеќето од плановите на Виоле-ле-Дик, но го отфрлил неговиот предлог за отстранување на хорот изграден за време на Луј XIV. Самиот Виоле-ле-Дик го одбил предлогот за додавање на две нови шилци на врвот на кулите, тврдејќи дека таков споменик „би бил извонреден, но не би бил Богородичната црква во Париз“.[13] Наместо тоа, тој предложил да се обнови иворниот средновековен шилец и камбанаријата над трансептот, кои биле отстранети во 1786 година бидејќи биле нестабилни на ветер.[14]
Откако проектот бил одобрен, Виоле-ле-Дик направил цртежи и фотографии од постојните декоративни елементи; потоа тие биле отстранети и многу скулптори почнале да изработуваат нови статуи на светци, гаргојли, химери и други архитектонски елементи во работилница што ја основал, работејќи врз основа на неговите цртежи и фотографии од слични дела во други катедрали од истиот период.[14] Тој, исто така, дизајнирал нова ризница во готски стил за да служи како музеј на катедралата, заменувајќи ја резиденцијата на надбискупот, која била уништена во немири во 1831 година.
Ѕвоната во двете кули биле извадени во 1791 година и стопени за да се направат топови. Виоле-ле-Дик излил нови ѕвона за северната кула и изградил нова структура внатре за да ги потпре. Виоле-ле-Дик и Ласи, исто така, ја обновиле сакристијата, на јужната страна од црквата, која била изградена во 1756 година, но била запалена од бунтовниците за време на Јулската револуција од 1830 година. Новата кула била завршена, повисока и поцврсто изградена за да ги издржи временските услови. Била украсена со статуи на апостолите, а лицето на Свети Тома, светец-заштитник на архитектите, имало забележителна сличност со Виоле-ле-Дик.[14] Кулата била уништена на 15 април 2019 година, како резултат на пожарот во Богородичната црква во Париз.
- Јужната фасада на Нотр Дам фотографирана во 1847 година, на почетокот на реставрацијата.
- Западната фасада на Нотр Дам фотографирана во раните 1860-ти кон крајот на реставрацијата. Шилецот е обновен, а статуите на кралевите се само делумно реставрирани.
Сен Дени и Амјен
[уреди | уреди извор]Кога не бил ангажиран во Париз, Виоле-ле-Дик ги продолжувал своите долги патувања низ француските покраини, врешејќи увид и проверувајќи го напредокот на повеќе од дваесет различни реставраторски проекти што биле под негова контрола, од кои седум само во Бургундија. Новите проекти ги вклучувале базиликата Сен-Сернен во Тулуз и базиликата Сен-Дени, веднаш до Париз. Реставрацијата на Сен-Дени ја почнал друг архитект, Франсоа Дебре, кој ја обновил едната од двете кули. Сепак, во 1846 година, новата кула, преоптоварена од ѕидаријата, почнала да пука, па бил повикан Виоле-ле-Дик. Тој не нашол начин зградата да се спаси и морал да го надгледува рушењето на кулата, зачувувајќи ги камењата. Тој се сосредоточил на реставрација на внатрешноста на црквата и успеал да ја реставрира изворната погребна комора на кралевите на Франција.[15]
Во мај 1849 година, тој бил именуван за архитект за реставрацијата на Амјенската катедрала, една од најголемите во Франција, која била градена со векови во различни стилови. Тој напишал: „целта треба да биде да се зачува карактерот на секој дел од споменикот, а сепак да се направи така што обединетите делови нема да се во судир едни со други; и тоа да може да се одржува во состојба што е трајна и едноставна.“[16]
Царски проекти: Каркасон, Венсен и Пјерфон
[уреди | уреди извор]- Градот Каркасон, опкружен со ѕидини (обновен 1853–1879)
- Тврдината на Венсенскиот замок (обновена во 1860-тите)
- Цртеж од Виоле-ле-Дик на замокот Пјерфон пред реставрацијата
- Плановите за Пјерфон од Виоле-ле-Дик
- Замокот Пјерфонд денес
- Многубоен украс во Пјерфон од Виоле-ле-Дик
Францускиот државен удар од 1851 година го донел Наполеон III на власт и ја преобразил Франција од република во царство. Државниот удрар ги забрзал некои од проектите на Виоле-ле-Дик, бидејќи неговиот покровител Проспер Мериме го запознал со новиот цар. Тој продолжил со бавната работа на реставрација на Ремската катедрала и Амјенската катедрала. Во Амјен, тој го исчистил ентериерот од француската класична декорација додадена за време на Луј XIV и предложил да се направи готска. Тој му даде обиколка на царот низ својот проект во септември 1853 година, царицата веднаш понудила да плати две третини од трошоците за реставрација. Истата година тој ја презел реставрацијата на Венсенскиот замок, долго време користен од војската, заедно со неговата капела, слична на Сент-Шапел. Како приврзаник на чистата готика, тој ја опишал капелата како „еден од најдобрите примероци на готската уметност во распаѓање“.[17]
Во ноември 1853 година, тој ги обезбедил потребните средства за трошоците и плановите за средновековните бедеми на Каркасон, кои првпат почнал да ги планира во 1849 година. Првите утврдувања биле изградени од Визиготите. Покрај нив, во средниот век, Луј XI, а потоа и Филип Смелиот, изградиле величествена низа кули, галерии, ѕидови, порти и меѓусебно поврзани одбрани кои ги издржале сите опсади до 1355 година. Утврдувањата биле во голема мера недопрени, бидејќи околината на градот сè уште била воена одбранбена зона во 19 век, но кулите биле без врвови и голем број структури биле изградени покрај старите ѕидови. Откако добил средства и ги направил своите планови, тој започнал со уривање на сите структури што биле додадени на бедемите низ вековите и ги вратил портите, ѕидовите и кулите во нивниот изворен облик, вклучувајќи ги одбранбените платформи, покривите на кулите и засолништата за стрелци што би се користеле за време на опсада. Тој открил дека многу од изворните држачи за оружје сè уште се на место. За да ја придружи својата работа, тој објавил подробна историја на градот и неговите утврдувања, со свои цртежи. Каркасон станал најдобар пример за средновековна воена архитектура во Франција, а исто така и важна туристичка знаменитост.[18]
Наполеон III обезбедил дополнителни средства за продолжување на реставрацијата на Богорочната црква. Виоле-ле-Дик, исто така, требало да го замени големиот бестиариум на митски ѕверови и животни што ја украсувале катедралата во 18 век. Во 1856 година, користејќи примери од други средновековни цркви и остатоци од Богородичната црква како модел, неговата работилница произведувала змејови, химери, гротески и гаргојли, како и асортиман на живописни врвови и флерони.[19] Тој се вклучил во нов проект за реставрација на катедралата во Клермон-Феран, проект кој продолжил десет години. Тој, исто така, презел необичен проект за Наполеон III - дизајнот и изградбата на шест железнички вагони со неоготски внатрешен декор за царот и неговата придружба. Два од вагоните сè уште постојат - салонот на почесната кола, со фреска на таванот, се наоѓа во замокот Компиењ, а вагонот-ресторан, со масивен златен орел како средиштен дел од декорот, се наоѓа во Железничкиот музеј во Милуз.
Наполеон III го прашал Виоле-ле-Дик дали може да реставрира средновековен замок за сопствена употреба на царот во близина на Компиењ, каде што царот традиционално ги поминувал септември и октомври. Виоле-ле-Дик прво проучувал реставрација на замокот Куси, кој ја имал највисоката средновековна кула во Франција. Кога ова се покажало премногу сложено, тој се одлучил за замокот Пјерфон, замок започнат од Луј Орлеански во 1396 година, а потоа разрушен во 1617 година по неколку опсади од Луј XIII. Наполеон ги купил урнатините за 5000 франци во 1812 година, а Мериме го прогласил за историски споменик во 1848 година. Во 1857 година, Виоле-ле-Дик започнал да проектира сосема нов замок врз урнатините. Оваа структура не била проектирана да пресоздаде нешто точно што постоело, туку замок кој го вратил духот на готскиот стил, со раскошна неоготска декорација и удобности од 19 век.[20] Пјерфон и неговите внатрешни украси не само што влијаеле врз Вилијам Берџес и неговите замоци во Кардиф и Кох, туку и врз замоците на Лудвиг II од Баварија (замокот Нојшванштајн) и Високиот Кенигсбург на царот Вилхелм II.
Иако поголемиот дел од неговото внимание било посветено на реставрации, Виоле-ле-Дик проектирал и изградил голем број приватни резиденции и нови згради во Париз. Тој, исто така, учествувал на најважниот натпревар од тоа раздобје, за новата Париска опера. На изворниот натпревар, претставен на Париската универзална изложба во 1855 година, биле предложени сто седумдесет и еден проект. Жири од познати архитекти го стесниле бројот на пет, вклучувајќи ги и проектите од Виоле-ле-Дик и Шарл Гарние, на возраст од триесет и пет години. Виоле-ле-Дик конечно бил елиминиран и со тоа се ставило крај на желбата на Виоле-ле-Дик да гради јавни згради. Наполеон III, исто така, го повикал Виоле-ле-Дик за широк спектар на археолошки и архитектонски задачи. Кога посакал да постави споменик за да ја одбележи Битката кај Алезија, каде што Јулиј Цезар ги победил Галите, опсада чие вистинско место било оспорено од историчарите, тој го замолил Виоле-ле-Дик да го определи точното бојно поле. Виоле-ле-Дик вршел ископувања на разни наводни местоположби и конечно пронашол остатоци од ѕидовите изградени во тоа време. Тој, исто така, ја проектирал металната рамка за шестметарската статуа на галскиот водач Верцингеторикс, која ќе биде поставена на местото. Подоцна проектирал слична рамка за многу поголема статуа, Статуата на слободата, но починал пред статуата да биде завршена.[20]
Крај на Царството и на реставрацијата
[уреди | уреди извор]Во 1863 година, Виоле-ле-Дик бил именуван за професор во Училиштето за ликовни уметности (École des Beaux-Arts), училиштето каде што одбил да стане ученик. Во тврдината на неокласичната архитектура бозар (Beaux-Arts) имало голем отпор против него, но тој привлекол двесте студенти на својот курс, кои на крајот со аплауз го поздравиле неговото предавање. Но, додека имал многу поддржувачи, професорите на факултетот и одредени ученици воделе кампања против него. Неговите критичари се жалеле дека, покрај тоа што имал малку формално архитектонско образование, изградил само неколку нови градби. Тој се заморил од судирите и дал оставка на 16 мај 1863 година, и продолжил да пишува и предава надвор од Училиштето. Како одговор на Училиштето за ликовни уметности, тој го поттикнал создавањето на Специјалното архитектонско училиште (<i>École Spéciale d'Architecture</i>) во Париз во 1865 година.
На почетокот на 1864 година, тој го прославил завршувањето на својот најважен проект, реставрацијата на Богородичната црква.[21] Во јануари истата година ја завршил првата фаза од реставрацијата на катедралата Свети Сернен во Тулуза, едно од обележјата на француската романска архитектура. Наполеон III го поканил Виоле-ле-Дик да ги проучи можните реставрации во странство, вклучително и во Алжир, на Корзика и во Мексико, каде што Наполеон го поставил новиот цар, Максимилијан, под француско спонзорство. Тој, исто така, го видел осветувањето на третата црква што ја проектирал, неоготската црква Сен Дени де л'Естре, во париското предградие Сен Дени. Помеѓу 1866 и 1870 година, неговиот главен проект била тековната преобразба на Пјерфон од урнатини во кралска резиденција. Неговите планови за металната рамка што ја дизајнирал за Пјерфон биле изложени на Париската универзална изложба во 1867 година. Тој, исто така, започнал нова област на проучувања, истражувајќи ја геологијата и географијата на подрачјето околу Монблан во Алпите. Додека бил на неговата екскурзија за мапирање во Алпите во јули 1870 година, дознал дека е објавена војна меѓу Прусија и Франција.[22]
Кога започнала Француско-пруската војна, Виоле-ле-Дик побрзал да се врати во Париз и ги понудил своите услуги како воен инженер; бил ставен во служба како полковник на инженери, подготвувајќи ја одбраната на Париз. Во септември, царот бил заробен во Битката кај Седан, нова републиканска влада ја презела власта, а царицата Евгенија избегала во егзил, додека Германците марширале до Париз и го ставиле под опсада. Во исто време, на 23 септември, главниот покровител и поддржувач на Виоле-ле-Дик, Проспер Мериме, починал мирно на југот на Франција. Виоле-ле-Дик ја надгледувал изградбата на нови одбранбени објекти надвор од Париз. Војната била катастрофа, како што напишал во својот дневник на 14 декември 1870 година: „Насекаде неорганизираност. Офицерите немаат доверба во војниците, а војниците немаат доверба во офицерите. Секој ден, нови наредби и нови проекти кои се спротивни на оние од претходниот ден.“ Тој се борел со француската војска против Германците кај Бизенвал на 24 јануари 1871 година. Битката била изгубена, а Французите капитулирале на 28 јануари. Виоле-ле-Дик ѝ пишал на својата сопруга на 28 февруари: „Не знам што ќе стане со мене, но не сакам повеќе да се враќам во администрацијата. Засекогаш сум згрозен од тоа и не сакам ништо повеќе освен да ги поминам годините што ми преостануваат во учење и во најскромниот можен живот.“[23] Секогаш научник, тој напишал подробна студија за ефикасноста и недостатоците на утврдувањата на Париз за време на опсадата, која требало да се користи за одбраната на Верден во 1917 година и изградбата на линијата Мажино во 1938 година.
Во мај 1871 година, тој го напуштил својот дом во Париз, непосредно пред да пристигнат припадниците на националната гарда за да го регрутираат во вооружените сили на Париската комуна, кои подоцна го осудиле на смрт. Тој избегал во Пјерфон, каде што имал мал стан пред да оди во прогонство во Лозана, каде што се посветил на својата страст кон планините, правејќи подробни карти и низа од триесет и два цртежи од алпскиот предел. Додека бил во Лозана, бил замолен и да ја преземе реставрацијата на катедралата.
Подоцна се вратил во Париз откако Комуната била задушена и ги видел урнатините на повеќето јавни згради во градот, изгорени од Комуната во нејзините последни денови. Добил само една нарачка од новата влада на Третата Француска Република. Жил Симон, новиот министер за култура и јавно образование, побара да дизајнира плоча што ќе биде поставена пред Богородичната црква во чест на заложниците убиени од Париската комуна во нејзините последни денови.[23]
Новата влада на Третата Француска Република малку ја искористи неговата експертиза во реставрацијата на главните владини згради што биле запалени од Париската комуна, вклучувајќи ја Палатата Тилери, Палатата на Легијата на честа, Пале Ројал, библиотеката на Лувр, Министерството за правда и Министерството за финансии. Единствената реконструкција за која бил консултиран била онаа на Отел де вил (зградата на општината). Писателот Едмон де Гонкур повикал урнатините на Градската општина да останат точно какви што биле, „урнатини на магичен дворец, чудо на живописноста. Земјата не треба да ги осуди без да се обрати на реставрација на Виоле-ле-Дик“. Владата го замолила Виоле-ле-Дик да организира натпревар. Тој претставил две опции - или да се врати зградата во нејзината првична состојба, со нејзиниот историски ентериер, или да се сруши и да се изгради ново градско собрание. Во јули 1872 година, владата одлучила да ја зачува ренесансната фасада, но другото целосно да се сруши и да се обнови градбата.[23]
Автор и теоретичар
[уреди | уреди извор]Во текот на неговиот живот, Виоле ле Дук напишал над 100 публикации за архитектура, декорација, историја, археологија итн... од кои некои ќе станат меѓународни бестселери: Речник на француската архитектура од 11 до 16 век (1854–1868) (Dictionary of French Architecture from 11th to 16th Century), Entretiens sur l'architecture (1863- 1872) и Histoire d'un Dessinateur: Comment on Apprend à Dessiner (1879).
Во својата книга „Entretiens sur l'architecture“ [24] тој особено се сосредоточил на употребата на железо и други нови материјали, како и на важноста на дизајнирањето згради чија архитектура е приспособена на нивната функција, а не на одреден стил. Книгата била преведена на англиски јазик во 1881 година и стекнала голем број следбеници во Соединетите Американски Држави. Архитектот од Чикаго, Луис Саливан, еден од пронаоѓачите на облакодерот, често ја користел фразата „Обликот ја следи функцијата“.
Лозанската катедрала била неговиот последен голем проект за реставрација; таа била обновена според неговите планови помеѓу 1873 и 1876 година. Работата продолжила по неговата смрт. Неговата реконструкција на камбанаријата подоцна била критикувана - тој ја отстранил изворната осумаголна основа и додал нова кула, која се потпирала на ѕидовите, а не на сводот, како изворната кула. Тој, исто така, додал нова декорација, крунисувајќи ја кулата во средна висина со забатни фронтони, уште еден оригинален елемент, и отстранувајќи ги првичните ќерамиди. Тој бил критикуван и за материјалите и орнаментите што ги додал на кулите, вклучувајќи ги гаргојлите. Неговиот структурен дизајн бил зачуван, но во 1925 година неговите гаргојли и изворната орнаментација биле отстранети, а кулата била обновена со ќерамиди.[25]
Неговиот углед стигнал надвор од Франција. Кулата и покривот на Стразбуршката катедрала биле оштетени од германската артилерија за време на Француско-пруската војна, а градот сега бил дел од Германија. Германската влада го поканила Виоле-ле-Дик да ги коментира нивните планови за реставрација, која вклучувала пограндиозна романска кула. Виоле-ле-Дик го информирал германскиот архитект дека планираната нова кула е целосно несоодветна за изворната фасада и стил на катедралата. Неговиот совет бил прифатен и црквата била обновена во нејзиниот изворен облик.[25]
Во 1872 година, Виоле-ле-Дик бил ангажиран во реконструкцијата на замокот Амбоаз, во сопственост на потомците на поранешниот крал, Луј-Филип. Замокот бил конфискуван од Наполеон III во 1848 година, но му била вратена на семејството во 1872 година. Тоа бил масивен проект за да се претвори во резиденција, во кој понекогаш биле вклучени триста работници. Виоле-ле-Дик ја дизајнирал целата работа до најситните подробности, вклучувајќи ги подните плочки, гасните светилки во салоните, рерните во кујната и електричните ѕвона за повикување слуги.
Во 1874 година, Виоле-ле-Дик поднел оставка од функцијата епархиски архитект на Париз, а него го наследил неговиот современик, Пол Абади.[26] Во последните години од животот, тој продолжил да ги надгледува реставраторските проекти што биле во тек за Комисијата за историски споменици. Се вклучил во полемики за архитектурата во печатот и бил избран во општинскиот совет на Париз.
Статуа на Слободата
[уреди | уреди извор]Додека го планирал дизајнот и изградбата на Статуата на Слободата (Слобода што го осветлува светот), скулпторот Фредерик Огист Бартолди го заинтересирал Виоле-ле-Дик, неговиот пријател и ментор, за проектот.[27] Како главен инженер,[27] Виоле-ле-Дик дизајнирал столб од тули во рамките на статуата, на кој ќе се закотви обвивката.[28] По консултациите со леарницата за метали „Гаже, Готје и Ко.“, Виоле-ле-Дик го избрал металот што ќе се користи за обвивката, бакарни лимови, и методот што се користел за нејзино обликување, репусе, во кој лимовите се загревале, а потоа се удирале со дрвени чекани.[27][29] Предност на овој избор била што целата статуа би била лесна за својата зафатнина, бидејќи бакарот требало да биде со дебелина од само 2,4 мм.
Национален музеј на француски споменици и последните години
[уреди | уреди извор]
Тој се вклучил во планирањето и изградбата на Париската светска изложба од 1878 година . Му предложил на министерот за образование, Жил Фери, дворецот Трокадеро, главната зграда на изложбата на врвот на брдото Шајо, по изложбата да се преобрази во музеј на француски споменици, прикажувајќи модели на архитектура и скулптури од знаменитости низ Франција. Оваа идеја била прифатена. Националниот музеј на француски споменици бил отворен во 1882 година, по неговата смрт. Дворецот била реконструиран во дворец Шајо во 1937 година, но Музејот на француски споменици бил зачуван и може таму да се види и денес.[30]
Во последните години од животот, неговиот син Ежен-Луј станал раководител на Комисијата за историски споменици. Тој се зафатил со само еден нов проект, реставрацијата на манастирот на августинците во Тулуза. Ја завршил својата низа речници за архитектонски раздобја, наменети за пошироката публика. Исто така, посветил повеќе време на проучување на географијата на Алпите околу Монблан. Летата ги поминувал планинарејќи по планините и пишувајќи написи за своите патувања. Покренал јавна кампања за пошумување на Алпите и објавил подробна карта на областа во 1876 година. Поминувал сè повеќе време во Ла Ведет, вилата што ја изградил во Лозана, куќа по модел на савојска колиба, но со минимална декорација, илустрирајќи ја својата нова доктрина за обликот што ја следи функцијата. Тој направил уште една последна посета за да го разгледа Каркасон, чија работа сега била под раководство на неговиот син. По исцрпувачко лето поминато во планинарење на Алпите во 1879 година, тој се разболел и починал во Лозана на 17 септември 1879 година. Бил погребан на гробиштата Ла Салаз во Лозана. Во 1946 година, неговиот гроб и споменикот биле префрлени на гробиштата Боа-ле-Во (оддел XVIII) во Лозана.[31]
Неговите последни десетлетија од работата се сосредоточиле и на геологијата на Алпите, вклучувајќи студии за глацијација и топографија.[32][33]
Семејство
[уреди | уреди извор]Виоле-ле-Дик се оженил со Елизабет Тампие во Париз на 3 мај 1834 година. Двојката имала две деца, но се разделиле неколку години по бракот и поминувале малку време заедно; тој постојано бил на патувања. Писателката Женевјев Виоле-ле-Дик (добитничка на наградата Брокет-Гонен во 1978 година) била негова правнука.
Доктрина
[уреди | уреди извор]Виоле-ле-Дик ја дефинирал реставрацијата во осмиот том од неговиот Dictionnaire raisonné de l'architecture française du XI au XVI siecle од 1858 година: „Да се реставрира зграда не значи да се одржува, поправа или преуреди: туку да се воспостави во целосна состојба која можеби никогаш не постоела во даден миг.“ Потоа објаснил дека мора да се исполнат четири услови: (1) „Повторното воспоставување“ мора да биде научно документирано со планови и фотографии и археолошки записи, што би гарантирало точност. (2) Реставрацијата морала да вклучува не само изглед на споменикот или ефектот што го произведува, туку и неговата структура; морала да ги користи најефикасните средства за да се обезбеди долг век на траење на зградата, вклучително и користење на поцврсти материјали, употребени помудро. (3) Реставрацијата морала да исклучи каква било модификација спротивна на очигледните докази; но структурата можела да се приспособи на посовремени или разумни употреби и практики, што значело измени на изворниот план; и (4) Реставрацијата треба да ги зачува постарите промени направени на зградата, со исклучок на оние што ја нарушиле нејзината стабилност или нејзината конзервација, или оние што сериозно ја нарушиле вредноста на нејзиното историско присуство.[34]
Тој извлекол заклучоци од средновековната архитектура што ги применил во модерната архитектура. Забележал дека понекогаш било потребно да се користи железна рамка при реставрација за да се избегне опасноста од пожари, сè додека новата структура не била потешка од првичната и да се задржи изворната рамнотежа на силите што се среќаваат во средновековните структури. „Спомениците од средниот век биле внимателно пресметани, а нивниот организам е деликатен. Нема ништо претерано во нивните дела, ништо бескорисно. Ако промените една од состојбите на овие организми, ги менувате и сите други. Многу луѓе го сметаат ова за маана; за нас, ова е квалитет што премногу често го занемаруваме во нашата модерна градба... Зошто да градиме скапи ѕидови дебели два метра, ако ѕидови дебели педесет сантиметри [со зајакнати потпори] нудат доволна стабилност? Во структурата на средниот век, секој дел од делото исполнувал функција и поседувал дејство.[35]
Готика vs. бозар
[уреди | уреди извор]Во текот на целата кариера на Виоле-ле-Дик, тој бил вмешан во спор со доктрините на Училиштето за ликовни уметности (École des Beaux-Arts), водечката архитектонска школа во Франција, која одбил да ја посетува како ученик, и каде што предавал кратко како професор, пред да биде принуден да ја напушти. Во 1846 година, тој влегол во жестока печатена размена на мислења со Катремер де Кенси, постојаниот секретар на Француската академија, за прашањето: „Дали е соодветно, во 19 век, да се градат цркви во готски стил?“ Де Кенси и неговите следбеници го осудиле готскиот стил како неповрзан, неуреден, неинтелигентен, декадентен и без вкус. Виоле-ле-Дик одговорил: „Она што го сакаме, господа, е враќање на уметноста која се родила во нашата земја... Оставете му на Рим она што му припаѓа на Рим, а на Атина она што ѝ припаѓа на Атина. Рим не ја сакаше нашата готика (и можеби беше единствениот во Европа што ја отфрли) и тие беа во право, бидејќи кога некој има среќа да поседува национална архитектура, најдобро е да ја задржи.“
„Ако за момент проучите црква од 13 век“, напишал тој, „ќе видите дека целата конструкција е направена според непроменлив систем. Сите сили и тежини се насочени кон надворешноста, распоред што ѝ дава на внатрешноста најголем можен отворен простор. Летачките потпорни столбови и контрафортите сами ја поддржуваат целата структура и секогаш имаат аспект на отпор, на сила и стабилност што ги смирува окото и духот; сводовите, изградени со материјали што се лесни за монтирање и поставување на голема висина, се комбинирани во лесен распоред што ја става целата нивна тежина на столбовите; дека секогаш се користат наједноставните средства... и дека сите делови од овие конструкции, независни еден од друг, дури и кога се потпираат еден на друг, претставуваат еластичност и леснотија потребни во зграда со толку големи димензии. Сè уште можеме да видиме (а ова се наоѓа само во готската архитектура) дека човечките сразмери се единственото фиксно правило.“[36]
Контроверзија
[уреди | уреди извор]Виоле-ле-Дик честопати бил обвинуван од одредени критичари, во негово време и подоцна, дека во некои од неговите реставрации се придржувал кон духот на готскиот стил, наместо кон строга историска точност. Многу историчари на уметноста, исто така, сметаат дека британскиот архитектонски писател Џон Раскин и Вилијам Морис биле жестоки противници на реставрациите на Виоле ле Дик. Но, Раскин никогаш не ја критикувал самата реставраторска работа на Виоле ле Дик, туку го критикувал самото начело на реставрација. Всушност, на почетокот на својата кариера, Раскин имал многу коренито мислење за реставрацијата: „за зградата треба да се грижиме, а ако не, треба да ја оставиме да пропадне“. Ставот на Виоле ле Дик за оваа тема бил понијансиран: „ако зградата не е одржувана, таа треба да се реставрира“.
Постоењето на спротивставеност помеѓу Раскин и Виоле ле Дук во врска со реставрацијата денес е доведено во прашање од ново истражување<[3] засновано на сопствените дела на Раскин: „нема книга за архитектурата во која сè е точно освен Речникот на Виоле ле Дук“.[37] И на крајот од својот живот, Раскин изразил жалење што „никој во Англија не ја завршил работата што Виоле ле Дук ја завршил во Франција“.[38]
Реставрациите на Виоле-ле-Дик понекогаш вклучувале неисториски дополнувања, или за да се обезбеди стабилноста на зградата, или понекогаш едноставно за да се одржи хармонијата на дизајнот. Шилецот на Богородичната црква во Париз, која била изградена околу 1250 година, била отстранета во 1786 година откако била оштетена од ветерот. Виоле-ле-Дик дизајнирал и изградил нов шилец, украсен со статуи, кој бил повисок од изворниот и изменет за да биде отпорен на временските услови, но во хармонија со остатокот од дизајнот. Во 19-тиот и 20-тиот век, неговиот шилец бил мета на критичарите.
Подоцна бил критикуван и за неговите измени на хорот на Богородичната црква, кој бил обновен во стилот на Луј XIV за време на владеењето на тој крал. Виоле-ле-Дик го отстранил стариот хор, вклучувајќи го и олтарот каде што Наполеон Бонапарт бил крунисан за цар и ги заменил со готски олтар и декорација што тој ја дизајнирал. Кога го изменил хорот, тој изградил и нови травеи со мали готски розетни прозорци, моделирани според оние во црквата Шар, во долината Оаз.[14] Некои историчари ги осудиле овие реставрации како неисториски изум. Неговите бранители истакнале дека Виоле-ле-Дик не донел никакви одлуки за реставрацијата на Богородичната црква сам; сите негови планови биле одобрени од Проспер Мериме, инспекторот за историски споменици, и од Комисијата за историски споменици.[39]
Бил критикуван за изобилството на готски гаргојли, химери, флерони и врвови што ги додал на катедралата Нотр Дам. Овие декорации постоеле во средниот век, но во голема мера биле отстранети за време на владеењето на Луј XIV. Последните изворни гаргојли биле отстранети во 1813 година. Тој ги моделирал новите гаргојли и чудовишта врз основа на примери од други катедрали од тоа раздобје.[14]
Подоцна бил критикуван и за витражите што ги дизајнирал и направил за капелите околу приземјето на катедралата, кои се одликуваат со сложени готски дизајни во гризај, кои дозволуваат повеќе светлина во црквата. Современиот поглед на контроверзноста околу неговата реставрација е сумиран на описна табла во близина на олтарот на катедралата: „Големата реставрација, спроведена од Виоле-ле-Дик по смртта на Ласи, внесе нов сјај на катедралата - какви и да се резервите што некој може да ги има во врска со изборите што биле направени. Делото од деветнаесеттиот век сега е исто толку дел од архитектонската историја на Богородичната црква како и она што било преземено во претходните векови.“[40]
Реставрацијата на бедемите на Каркасон била критикувана и во 20 век. Неговите критичари истакнувале дека зашилените капи на кулите што ги изградил биле потипични за Северна Франција, а не за подрачјето каде што се наоѓал Каркасон, во близина на шпанската граница. Слично на тоа, тој додал покриви од северни ќерамиди наместо од јужни глинени ќерамиди, избор што е обратен во поновите реставрации. Неговите критичари исто така тврделе дека Виоле-ле-Дик барал „услов на целосност“ што всушност никогаш не постоел во кое било време. [41] Главниот противаргумент на бранителите на Виоле-ле-Дик бил дека, без неговите брзи реставрации, многу од зградите што ги реставрирал би биле изгубени и дека тој направил најдобро што можел со знаењето што му било достапно тогаш.
Вреди да се наведе записот на Мортимер Вилер за англискиот археолог Чарлс Р. Пирс за Речникот на национални биографии (1971) за неговата критика на Виоле-ле-Дик: „тој [Пирс] ги постави начелата што ја регулираа архитектонската конзервација во Обединетото Кралство и служеа како модел во други делови од светот. Неговото кардинално начело беше да се задржат, но не и да се реставрираат преживеаните остатоци од античка градба; и во овој поглед тој емпатично отстапи од традицијата на Виоле-ле-Дик и неговите наследници во Франција и Италија, каде што бујната реставрација честопати ги замаглуваше доказите врз кои се темелеше...“[42]
Постојни градби проектирани и изведени од Виоле-ле-Дик
[уреди | уреди извор]- Резиденција и студио на Виоле-ле-Дик на улица Кондорсе бр. 68, Париз (1862)
- Куќа Курмон, улица Лиеж 28, Париз
- Улица де Дуе 15, Париз
- Улица Шоша 23, Париз
- Скотс кирк, Авенија де Римин 26, Лозана, Швајцарија (1879)
Делумен список на реставрации
[уреди | уреди извор]- Цркви
- Базиликата Света Марија Магдалена во Везеле
- Свети Мартен во Кламси
- Нотр Дам во Париз
- Сент-Шапел во Париз (под Феликс Дубан )
- Базиликата Сен Дени во близина на Париз
- Сен Луј во Поаси
- Нотр Дам во Семир-ан-Оксоа
- Базилика Свети Назариј и Свети Целзус во Каркасон
- Базиликата „Свети Сернен“, Тулуза
- Нотр Дам во Лозана, Швајцарија
- Општински згради
- Ancien Hôtel de Ville de Saint-Antonin-Noble-Val
- Отел де Вил де Нарбон
- Замоци
- Шато де Роктајад, во Бордо
- Замок Пјерфон
- Утврдениот град Каркасон
- Шато де Куси
- Антоан во Белгија
- Замок Венсен, Париз
- Замок Амбоаз, Амбоаз
Реставрации од Виоле-ле-Дик
[уреди | уреди извор]- Богородичната црква во Париз (реставрирана 1845-1870)
- Тврдината на замокот Венсен (обновена во 1860-тите)
- Градот Каркасон, опкружен со ѕидини (обновен 1853–1879)
- Базиликата Сен-Сернен, Тулуза (обновена во 1860-тите до 1880-тите)
- Шато де Пјерфон (изведено 1857-1885)
- Катедралата во Лозана, Швајцарија (реставрирана 1874–1910)
Публикации
[уреди | уреди извор]
Во текот на својата кариера, Виоле-ле-Дик правел белешки и цртежи, не само за зградите на кои работел, туку и за романските, готските и ренесансните згради кои наскоро требало да бидат срушени. Неговите белешки биле корисни при подготовката на неговите објавени дела. Неговото проучување на средновековните и ренесансните раздобја не било ограничено само на архитектурата, туку се проширило и на области како што се мебелот, облеката, музичките инструменти, оружјето и геологијата.
Неговите дела биле објавени, прво серијал, а потоа и како книги во целост, како:
- Речник на француската архитектура од 11 до 16 век (1854–1868) (Dictionnaire raisonné de l'architecture française du XIe au XVIe siècle) – Оригинал (на француски) јазично издание, вклучувајќи бројни илустрации.
- Речник на француски мебел (1858–1870) (Dictionnaire raisonné du mobilier français de l'époque Carolingienne à la Renaissance.)
- Cités et ruines américaines Mitla, Palenqué, Izamal, Chichen-Itza, Uxmal (1863)
- „Entretiens sur l'architecture“ (во 2 тома, 1863–1872), во која Виоле-ле-Дик го систематизирал својот пристап кон архитектурата и архитектонското образование, во систем коренито спротивен на оној на École des Beaux-Arts, кој го избегнувал во младоста и го презирал. Преводот на Хенри ван Брунт, „Discourses on Architecture “, бил објавен во 1875 година, со што станал достапен за американската публика малку повеќе од едно десетлетие по неговото првично објавување во Франција.
- Histoire de l'habitation human, depuis les temps prehistoriques jusqu'à nos jours (1875). Објавено на англиски јазик во 1876 година како Живеалишта на човекот во сите векови. Виоле-Ле-Дук ја следи историјата на домашната архитектура меѓу различните „раси“ на човештвото.
- L'art russe: ses origines, ses éléments constructifs, son apogée, son avenir (1877), каде Виоле-ле-Дук ги применил своите идеи за рационална конструкција на руската архитектура.
- Histoire d'un Dessinateur: Коментар на Apprend à Dessiner (1879)
Архитектонска теорија и проекти за нови градби
[уреди | уреди извор]

Виоле-ле-Дик од многумина се смета за прв теоретичар на модерната архитектура. Сер Џон Самерсон напишал дека „постоеле двајца врвно еминентни теоретичари во историјата на европската архитектура - Леон Батиста Алберти и Ежен Виоле-ле-Дик“.[7]
Неговата архитектонска теорија во голема мера се темелела на пронаоѓање идеални облици за специфични материјали и користење на овие облици за создавање градби. Неговите дела се сосредоточувале на идејата дека материјалите треба да се користат „искрено“. Тој верувал дека надворешниот изглед на зградата треба да ја одразува рационалната конструкција на зградата. Во „Entretiens sur l'architecture, Виоле-ле-Дик го пофалил грчкиот храм за неговата рационална претстава на неговата конструкција. За него, „грчката архитектура служела како модел за кореспонденција на структурата и изгледот“.[43]
Друга компонента во теоријата на Виоле-ле-Дик била како дизајнот на една градба треба да започне од нејзината програма и план, а да заврши со нејзините декорации. Ако ова резултира со асиметричен екстериер, нека биде така. Тој ја отфрлил симетријата на класицистичките згради како суетна, премногу грижејќи се за изгледот на сметка на практичноста и погодноста за жителите на куќата.[44]
Во неколку неизградени проекти за нови згради, Виоле-ле-Дик ги применил лекциите што ги извлекол од готската архитектура, применувајќи ги нејзините рационални структурни системи на современи градежни материјали како што е леаното железо. За вдахновение, тој исто така испитувал органски структури, како што се лисја и животински скелети. Тој бил особено заинтересиран за крилјата на лилјаците, влијание претставено со неговиот проект за собраниска сала.
Цртежите на Виоле-ле-Дик од железни решетки биле иновативни за тоа време. Многу од неговите дизајни со акцент на железото подоцна ќе влијаат на движењето арт нуво, најзабележително во делата на Ектор Гимар, Виктор Орта, Антони Гауди и Хендрик Петрус Берлаге. Неговите дела биле вдахновение за неколку американски архитекти, вклучувајќи ги Френк Фернес, Џон Велборн Рут, Луис Саливан и Френк Лојд Рајт.[44]
Воена кариера и влијание
[уреди | уреди извор]Виоле-ле-Дик имал кариера и во војската, првенствено во одбраната на Париз за време на Француско-пруската војна (1870–71). Тој бил толку под влијание на судирот што во подоцнежните години ја опишал идеализираната одбрана на Франција преку аналогијата на воената историја на Ле Рош-Пон, замислен замок, во своето дело „Histoire d'une Forteresse“ (Летопис на една тврдина, двапати преведено на англиски). Достапно и добро истражено, делото е делумно фиктивно.
„Летописот на една тврдина“ силно влијаеле врз француското воено одбранбено размислување. Критиката на Виоле-ле-Дик за ефектот на артилеријата (применувајќи го неговото практично знаење од војната 1870-1871) е толку целосна што точно ги опишува начелата што се применувале во одбраната на Франција до Втората светска војна. Физичките резултати од неговите теории се присутни во утврдувањето на Верден пред Првата светска војна и линијата Мажино пред Втората светска војна. Неговите теории се претставени и од француската воена теорија за „намерно напредување“, која нагласува дека артилеријата и силниот систем на тврдини во заднината на армијата се од суштинско значење.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Froissart, Rossella (2011). " Avant-garde et tradition dans les arts du décor en France. Lectures critiques autour de Guillaume Janneau. " (French). France: Université de Provence - Aix-Marseille.CS1-одржување: непрепознаен јазик (link)
- ↑ Watkin, David (2005). A History of Western Architecture (4th. изд.). London: Laurence King. стр. 471. ISBN 978-1-85669-459-9.
- 1 2 Kennedy, Travis (2018). The great flaw in the man. academiccommons.columbia.edu (Thesis). doi:10.7916/D8CV61JX.
- ↑ Barker, Michael (1992). „An appraisal of Viollet-le-Duc“. The Journal of the Decorative Arts Society.
- ↑ „Eugène-Emmanuel Viollet-le-Duc | French Architect & Restoration Expert“. Britannica. Посетено на 2025-11-08.
- 1 2 3 Poisson 2014, стр. 12.
- 1 2 Summerson, Sir John (1948). Heavenly Mansions and Other essays on Architecture. London: Cresset Press.
- ↑ Poisson.
- ↑ Poisson 2014, стр. 68.
- 1 2 Poisson 2014, стр. 76.
- ↑ Poisson 2014, стр. 82.
- 1 2 Poisson 2014, стр. 96.
- 1 2 Poisson 2014.
- 1 2 3 4 5 A. Trintignac and M.J. Coloni, Découvrir Notre-Dame de Paris Les Éditions du Cerf, 1984, ISBN 2-204-02087-7, p. 260.
- ↑ Poisson 2014, стр. 114.
- ↑ Poisson 2014, стр. 138.
- ↑ Poisson 2014, стр. 58.
- ↑ Poisson 2014, стр. 158.
- ↑ Poisson 2014, стр. 158–9.
- 1 2 Poisson 2014, стр. 190.
- ↑ Poisson 2014, стр. 243–250.
- ↑ Poisson 2014, стр. 262.
- 1 2 3 Poisson 2014, стр. 287–288.
- ↑ Poisson 2014, стр. 302.
- 1 2 Poisson 2014, стр. 307–308.
- ↑ „Paul Abadie, architecte“. Histoire-vesinet.org. Посетено на 27 January 2014.
- 1 2 3 Interviewed for Watson, Corin. Statue of Liberty: Building a Colossus (TV documentary, 2001)
- ↑ Khan 2010, стр. 120.
- ↑ Khan 2010, стр. 118, 125.
- ↑ Poisson 2014, стр. 328.
- ↑ Poisson 2014, стр. 336.
- ↑ „The Bard Graduate Center Mounts the First U.S. Exhibition of Viollet-le-Duc's Expansive Drawing Practice | Architectural Record“. www.architecturalrecord.com (англиски). Посетено на 2026-06-01.
- ↑ Lewis, Michael J. (2026-02-18). „'Viollet-le-Duc Drawing Worlds' Review: An Architect's Visions on Paper“. The Wall Street Journal (англиски). Посетено на 2026-06-01.
- ↑ Grodecki 1999, стр. 710–711.
- ↑ Viollet-le-Duc, Eugène, Dictionnaire raisonné de l'architecture française du XI au XVI siecle (1858)
- ↑ Viollet-le-Duc, Eugène (June 1846). Du style Gothique au Dix-neuvième Siécle на Проектот „Гутенберг“
- ↑ Ruskin, John (1887). letter to his pupil Percy Morley Holder. Royal Institute of British Architects.
- ↑ Ruskin, John (1903). Praeterita (memories of youth) (english). London: George Allen éditions.CS1-одржување: непрепознаен јазик (link)
- ↑ Poisson 2014, стр. 218–222.
- ↑ Descriptive plaque near altar of Notre-Dame, recorded May 22, 2018
- ↑ Burke, Peter (2013). A Social History of Knowledge II: From the Encyclopaedia to Wikipedia. Wiley. ISBN 978-0745650432.
- ↑ Quoted in Chapman 2007, стр. 97
- ↑ Ochshorn, Jonathan. „Designing Building Failures“. Cornell University.
- 1 2 Hearn, M. F. (ed.), The Architectural Theory of Viollet-le-Duc – Readings and Commentary, Massachusetts Institute of Technology, 1990
Библиографија
[уреди | уреди извор]- Bergdoll, Barry and Martin Bressani (2026). Viollet-le-Duc Drawing Worlds. New York: Bard Graduate Center. (ISBN 978-0-300-28448-5).
- Chapman, Anthony (2007), „The gatehouse of Pevensey Castle“, Sussex Archaeological Collections, 145: 97–118, doi:10.5284/1086050
- Grodecki, Louis (1999). Dictionnaire des Architectes (француски). Encyclopedia Universalis. ISBN 2-226-10952-8.
- Khan, Yasmin Sabina (2010). Enlightening the World: The Creation of the Statue of Liberty. Ithaca, New York: Cornell University Press. ISBN 978-0-8014-4851-5.
- Poisson, Georges; Poisson, Olivier (2014). Eugène Viollet-le-Duc (француски). Paris: Picard. ISBN 978-2-7084-0952-1.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Military Architecture, English translation of Essai sur l'architecture militaire au Moyen Âge (1854). 3rd English ed., James Parker & Co., Oxford & London (1907).
- English translation: as of September 2021, only a grand total of ten terms have been translated (see here). French original (full content): see here, or at the Internet Archive:
- Dictionnaire raisonné de l’architecture française du XIe au XVIe siècle (1875 edition, in French) at the Internet Archive:
Chisholm, Hugh, уред. (1911). . Encyclopædia Britannica. 28 (11. изд.). Cambridge University Press. стр. 107–108.
Ежен Виоле ле Дик на Ризницата ?- Дела од {{{name}}} на проектот „Гутенберг“
- Дела од Eugène-Emmanuel Viollet-le-Duc на проектот „Гутенберг“
- Дела од или за Ежен Виоле ле Дик на Семрежниот архив