Прејди на содржината

Еднострана декларација за независност на Родезија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Едностраната декларација за независност на Родезија

Еднострана декларација за независност на Родезија — изјава усвоена од Кабинетот на Родезија на 11 ноември 1965 година во која се прогласува дека Јужна Родезија односно Родезија, британска територија во јужна Африка, самоуправна од 1923 година, сега се смета за независна суверена држава. Декларацијата била кулминација на долготраен спор меѓу британската и родезиската влада околу условите под кои Родезија може да стане целосно независна. Изјавата е прво еднострано отцепување од Обединетото Кралство на една од нејзините колонии по декларацијата за независност на Соединетите Американски Држави во 1776 година. Обединетото Кралство, Комонвелтот и Обединетите нации го сметале едностраното прогласување независност на Родезија за незаконско. Како резултат на тоа биле воведени економски санкции за колонијата. Родезија продолжила да постои како непризнаена држава во речиси целосна меѓународна изолација, помогната само од Јужна Африка и (до 1974 година) Португалија.

Родезиската влада, која била составена претежно од припадници на белото малцинство во земјата, кое броело околу 5%, била огорчена затоа што среде политиката на деколонизација на британската колонијална влада наречена Ветрови на промени, помалку развиените африкански колонии на север без споредливо искуство на самоуправување побрзо напредувале до независност во текот на раните 1960-ти, додека на Родезија ѝ бил ускратен суверенитетот според новонагласениот принцип „нема независност пред владеење на мнозинството“ (англиски: no independence before majority rule, NIBMAR), според кој Обединетото Кралство барало спроведување на мнозинско владеење во една колонија, наместо владеење на белото колонијално малцинство, пред империјата да даде независност на колонијата. Повеќето бели Родезијци сметале дека им се должи независноста по четири децении самоуправа, и дека британската влада врши предавство со одложувањето.