Египетски богови

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Египќаните давале почит на извесен број на богови; бројот на боговите е голем, околу 2000, и само ако го напишеме списокот на нивните имиња би исполниле една цела книга од стотина страници, но исто е точно дека образованите сталежи никогаш не ги поставувале боговите на исто возвишено рамниште со Бога.

Во дамнешните времиња секое село или гратче, секоја област и покраина и секој голем град имале свој посебен бог. Богот на градот се сметал за владетел на градот и жителите му граделе храм во којшто верувале дека тој престојува. Тој бил средиште на друштвената структура на градот, и жителите на градот како што си ги задоволувале своите потреби, така прибирале и се' што сметале дека е достојно за неговиот ранг. Секој жител примал одредени должности што ако не ги исполнувал му биле предвидени одредени казни. А можеме да отидеме и чекор понапред и да кажеме дека и секое семејство, без оглед на имотната состојба и положба имала свој сопствен бог. Богот бил неодолив дел на семејството и неговата судбина практично била поврзана со судбината на семејството. Пропаста на семејството вклучувала и пропаст на богот. Богот пак на селото, иако бил важно суштество, можел да биде однесен во ропство заедно со народот на тоа село, но доколку неговите следбеници извојуваат победа во борба, тоа би значело причина за поголема почест за неговата слава. Боговите на провинциите или големите градови се разбира дека биле поголеми од боговите на селата и поединичните семејства и во големите згради кои им биле посветени може да се види дека биле претставени со кипови кои биле во голем број. Покрај овие богови, постоеле и национални богови, богови на реки и планини, богови на земјата и небото, и сите овие заедно сочинувале значаен број на „божествени“ суштества, чија добра волја требала да се осигура, а пак злата волја требала да се ублажи. Покрај овие, одреден број на животни биле посветени како „божествени“, и стравот, исто како и љубовта, ги натерало Египќаните да ги приклучат во своите бројни врсти на богови. Крокодилите и мачките биле обожавани како свети и на нив им биле градени храмови, а кога пак ќе умреле им ги балсамирале телата. Нилскиот коњ, бабунот и другите мајмуни, бикот, чакалот, ибисите, исто така, биле обожавани како свети животни. Всушност Египќаните сите животни ги сметале за свети и секој што промислено ќе убиел животно бил казнуван со смрт.

Поради бројните разлики и карактеристики на египетските богови, како и поради нивниот голем број, Египќаните се обидувале да создадат систем од богови и секогаш сфаќале дека старите локални богови мора да бидат земени во обзир и дека за нив морало да се најде место во тој систем. Ова можело да се постигне со нивно вклучување во тријади или групи од девет богови, кои сега општо се нарекуваат енеади. Во Египет постоеле неколку големи школи на теолошката мисла и свештениците на секоја од овие школи правеле се' во нивна моќ да ја прикажат надмоќта на нивните богови. Од теоријата и доктрината на сите овие школи во најпотполн облик преживеала школата на градот Хелиопол. Оваа школа ги систематизирала боговите на заедници (паут) од три групи, од по девет богови. Првата била големата заедница т.е. заедницата на Озиросовиот круг, втората заедница од девет богови била наречена мала заедница и третата група од девет богови, ја сочинувала најмалата заедница. Но понекогаш можеме да видиме дека една заедница не ја сочинуваат само девет богови, туку некогаш и десет, а и единаесет. Тоа е затоа што Египќаните на еден бог му придавале различни облици или видови, или различни фази во неговиот живот. Така, на пример, сонцето на залезот се нарекувало Тему или Атму, изгревачкото се нарекувало Хепер, пладневното и попладневното Ра. Тоа се три облици на ист бог и ако кој некој од овие три бога е вклучен во паутот тогаш и другите два облика на тој бог биле вклучени. Една од побитните заедници на богови е заедицата на Озиросовиот круг, т.е боговите на хелиополската заедница

Наводи[уреди | уреди извор]

  • Египетска религија - египетската идеја за задгробниот живот - Е.А. Волис Баџ