Европски кредит трансфер систем

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Европски кредит трансфер систем - ЕКТС или Европски систем на пренос и акумулација на поени (англиски: European Credit Transfer and Accumulation System) претставува нумерички систем за квалитативно вреднување на работата на студентите што била вложена за стекнување знаења, способности и вештини што се предвидени со програмата за студирање, односно со конкретниот предмет во рамките на таа програма.

Системот е еден од составните елементи на Болоњскиот процес, а со него е овозможено споредување на различните наставни програми на универзитетите и пооделните високошколски установи во Европа и признавање на дипломите[1]. Иницијално, системот бил воведен за да се овозможи мобилност на студентите, но тој се покажал и како многу добра мерка за зголемување на севкупната ефикасност во студирањето.

Нумеричката вредност (ЕКТС) на студентот (изразена во кредити, односно поени), ги опфаќа поените за совладување на:

  • предметот во целина,
  • сите предмети во еден семестар,
  • академската година, и
  • целокупното студирање

ЕКТС (кредитите) поените не се засновани само на часовите по одреден предмет, туку на вкупната работа што ја генерираат тие часови (во формирањето на вредноста на ЕКТС поените за одреден предмет учествуваат сите елементи на активната настава).

Методологија[уреди]

Квантитативната мерка за оптоварување на поодделен студент изнесува 60 поени во текот на годината, односно 30 поени во текот на еден семестар. Притоа, еден поен одговара на работата од 25-30 часови, при што е предвидено студентот да работи во просек 40 часа неделно. Со програмата за студирање е предвиден вкупниот број поени што е потребен за стекнување на одредено звање.

ЕКТС (кредитите) поените се добиваат за вкупното ангажирање на студентот, а кое се однесува на активната настава:

  • предавањата,
  • вежбите,
  • семинарите,
  • колоквиумите и испитите,
  • дипломската работа,
  • теренската работа,
  • професионалната пракса и
  • самостојната работа, (пример, учење во библиотека, работа дома, менторство на други студенти, изработени или реализирани проекти, освоени награди или пофалници, учество на семинари, учество на симпозиуми и сл.).

Сите облици на активна настава, вклучувајќи го и испитот, прават една целина. Поените се стекнуваат во рамките на наставните активности што се предвидени за секој предмет, и се применуваат откако студентот ќе го положи испитот од соодветниот предмет.

Стекнатите (кредити) поени за поодделни предмети влегуваат во вкупната сума на поени што се потребни за завршување на секоја година, односно за одреден степен на студирање:

  • прв циклус на универзитетски студии (основни студии);
  • втор циклус на универзитетски студии (дипломски академски студии или специјалистички академски студии);
  • трет циклус на универзитетски студии (докторски академски студии);
  • прв циклус на стручни студии и
  • специјалистички студии.

Според тоа, за тригодишните студии од прв степен вкупно се потребни минимум 180 поени, за четиригодишните студии од прв степен минимум 240 поени (кредити)[2], за универзитетски студии од втор степен кумулација од минимум 300 поени (заедно прв + втор степен), и за универзитетски студии од трет степен кумулација на минимум 480 поени (прв + втор + трет циклус заедно).

Оценки[уреди]

Поени му се доделуваат на секој студент кој успешно ќе го положи испитот. Покрај поени, студентот добива и оценка која го опишува квалитетот на неговото знаење и постигнатите резултати за даден предмет. Оценката може да се прикаже како ЕКТС оценка, како нумеричка оценка или како описна оценка. Студентот, покрај освоените ЕКТС поени секогаш добива и оценка која поблиску го опишува неговото знаење за дадениот предмет.


Меѓусебна врска меѓу оценките и дефиницијата на описните оценки
ЕКТС Нумеричка оценка Дефиниција
А
10
ОДЛИЧЕН - одличен резултат со само мали грешки
Б
9
МНОГУ ДОБАР - резултат над просекот, но со некои грешки
Ц
8
ДОБАР - генерално добар резултат со неколку значајни грешки
Д
7
ЗАДОВОЛУВАЧКИ - просечен резултат, но со значителни недостатоци
Е
6
ДОВОЛЕН - резултат што ги задоволува минималните критериуми
ФКС
5
НЕДОВОЛЕН - потребна е дополнитена работа пред да можат да се доделат поени
Ф
-
НЕДОВОЛЕН - потребна е значителна дополнителна работа

Поените не можат да застареат и секогаш ја имаат истата вредност, што е предуслов за т.н. делумно студирање и едукација во текот на целиот живот.

Видете исто така[уреди]

Наводи[уреди]

  1. ПРАВИЛНИК за единствениот кредит систем и преминот од една на друга студиска програма, Универзитет “Климент Охридски“ - Битола
  2. Услови за студирање - ЕКТС, Мерење оптовареноста на студентите, Економски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје