Европска повелба за децентрализација

Од Википедија — слободната енциклопедија

Европска повелба за децентрализација (англиски: European Charter of Local Self-Government) - документ на Советот на Европа во областа на децентрализацијата на власта. Повелбата била потпишана од Советот на Европа на 15 октомври 1985 година, а стапила во сила на 1 септември 1988 година.

Цели на Повелбата[уреди | уреди извор]

Признавањето на локалната демократија од страна на земјите-членки на Советот на Европа довело до прогласување на Европската повелба за локалната самоуправа како прв меѓународно обврзувачки договор со кој се гарантираат правата на заедниците и нивните избрани власти“.[1] „Целта на Европската повелба за локална самоуправа е да се воспостават заеднички европски стандарди за мерење и заштита на правата на локалните власти, кои се најблиску до граѓаните и да им даде можност за ефикасно партиципирање во донесувањето на одлуки кои се ефектуираат врз нивното секојдневно опкружување. Повелбата ги обврзува членките да воведат основни правила кои ќе ја гарантираат политичката, административната и финансиската независност на локалните власти“.[2]

Принципи на Повелбата[уреди | уреди извор]

Со оваа повелба се гарантира правото на граѓаните на локално ниво да учествуваат во управувањето со работите, самостојно да ги избираат своите претставници во локалната самоуправа и посредно преку своите претставници во телата на локалната самопурава да одлучуваат за приоритетите и своите потреби.
Прво и основно правило во процесот на примена на одредбите од оваа повелба било вградување на принципот на локална самоуправа во домашното законодавство, т.е. давање на право на локалните власти во управувањето со јавните добра - право кое месното население го остварува преку претставнички тела и органи во локалната самоуправа. Повелбата дефинира дека регулирањето на делокругот на локалната самоуправа, односно надлежностите и одговорностите треба да бидат пропишани со посебен закон или со уставот на одредена земја-членка.[3]
Друг битен момент кој се потенцира со оваа повелба е финансискиот аспект, односно фискалната децентрализација. Локалните власти треба да имаат право на адекватни извори на финансирање, сопствени финансиски ресурси со кои тие може да располагаат слободно во рамките на своите можности и овластувања кои ги дава законот со посебен акцент на локалните такси и даноци предвидени како сопствени односно изворни приходи. Во врска со задолжувањето на локалните самоуправи, оваа повелба предвидува дека локалната самоуправа треба да има непречен пристап до националниот пазар на капитал, но во рамките на законот.[3]
Во однос на работењето на оние општини со послаби капацитети, повелбата дава право за соработка со други локални самоуправи, меѓусебна соработка и извршување на работи од заеднички интерес, како и правото локалната самоуправа да членува во разни меѓународни и домашни асоцијации кои можат да бидат од интерес за нејзиното работење.
Повелбата дава можност за пристапување на нови членки, кои се слободни во изборот на полето на кое ќе се применува оваа повелба, а исто така е оставено и правото во подоцнежниот период со изјава до Генералниот секретар на Советот на Европа да се прошири или стесне полето на примена на оваа повелба. Исто така, секоја земја-членка има право да се откаже од повелбата по истекот на пет години од датумот кога повелбата стапила на сила кај таа земја членка, со тоа што целиот тој процес треба да започне со шестмесечно претходно известување на Генералниот секретар.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Council of Europe, „European Charter of Local Self-Government and Explanatory Report, March, 2010, стр. 10.
  2. Council of Europe, „European Charter of Local Self-Government and Explanatory Report, March, 2010, стр. 29.
  3. 3,0 3,1 3,2 Council of Europe, „European Charter of Local Self-Government and Explanatory Report, March, 2010.