Европска економска област

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
The EEA area as of 2010
ВидЕдинствен пазар
Воспоставена1994
Членки
Владеење
ОсновиДоговор за EEО
ИнституцииСовет на EEО
Европска Комисија
EFTA SA
ЕСП
Суд на EFTA
Поврзана соЕвропска Унија
Слободна трговска зона на Европа
Статистики
Пипулација (2012)508.833.961
Област4.944.753 км²
БДП (2011)€13 трилиони
$18 трилиони[1]

Европската економска област (ЕЕО) била основана на 1 јануари 1994 година, вр основа на договорот меѓу земјите-членки на Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА) и Европската заедница, односно Европската Унија. Овој договор дозволува Исланд, Лихтернштајн и Норвешка да учествуваат во внатрешниот пазар на ЕУ без редовно членство во ЕУ. За возврат, тие се обврзани да ги усвојат сите закони на ЕУ кои се поврзани со единствениот пазар, освен законите поврзани со земјоделството и рибарството. Притоа, една од членките на ЕФТА, Швајцарија, не се приклучила на ЕЕО.

Основање на ЕЕО[уреди | уреди извор]

Кон крајот на 1980-тите, земјите-членки на ЕФТА, предводени од Шведска, почнале да ги разгледуваат можностите да се приклучат на тогашната Европска заедница. Во меѓувреме, Жак Делор, кој тогаш бил претседател на Европската комисија, бил противник на идејата за проширување на ЕЕЗ, плашејќи се дека тоа ќе ја спречи способноста на Заедницата да ги заврши реформате на внатрешниот пазар и да ја основа монетарната унија. Оттука, во јануари 1989 год., Делор предложил да се основа Европски економски простор(ЕЕП) кој подоцна бил преименуван како Европска економска област(ЕЕО).

Договорот за ЕЕО бил потпишан во Порто, на 2 мај 1992 год., од страна на седумте земји-членки на ЕФТА и Европската заедница (ЕЗ) со нејзините тогашни 12 земји-членки, а ЕЕО официјално била формирана во 1994 година. На 6 декември 1992 год., швајцарските гласачи ја одбиле ратификацијата на договорот, ефективно замрзнувајќи ја апликацијата за членство во ЕУ која била подадена истата година. На 1 јануари 1995 год., три поранешни членки на ЕФТА - Австрија, Финска и Шведска - станале членки на Европската Унија, а учеството на Лихтернштајн во ЕЕО било одложено до 1 мај 1995 год. Денес, договорни страни на ЕЕО се ЕУ и нејзините 27 земји-членки плус Исланд, Лихтенштајн и Норвешка.

Права и обврски[уреди | уреди извор]

Според членот 126 од Договорот за основање на ЕЕО, членки на ЕЕО може да бидат само земјите кои се членки на ЕУ или на ЕФТА. Всушност, во членот 126, како членки на ЕЕО се наведени само членките на ЕУ, Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, а Швајцарија има посебен третман. Притоа, секоја земја може да стане членка на ЕЕО со доставување апликација до Советот на ЕЕО, врз основа на процедурата наведена во членот 128 од Договорот.[2]

ЕЕО се базира на истите „четири слободи“ како и Европската заедница: слободно движење на добрата, луѓето, услугите и капиталот меѓу земјите на ЕЕО. Членките на ЕЕО имаат бесцарински пристап до единствениот европски пазар и на нив се применува регулативата на ЕУ во однос на конкуренцијата, државната помош, јавните набавки и интелектуалната сопственост. Сепак, слободното движење на луѓето во рамките на ЕЕО се однесува само на економски активното население, како и на студентите.[3] За возврат, овие земји мораат да усвојат дел од законите на Европската Унија. Земјите-членки на ЕФТА кои се дел од ЕЕО не трпат финансиски товар поради членството во ЕУ, иако тие придонесуваат финансиски во европскиот единствен пазар. По проширувањето на ЕУ/ЕЕО во 2004 год. дошло до десетократно зголемување на финансискиот придонес на земјите-членки на ЕЕО, особено на Норвешка, во социјалната и економска кохезија на внатрешниот пазар (1167 милиони евра за пет години). Земјите-членки на ЕФТА не добиваат никакви средства од фондовите на ЕУ.

Институции[уреди | уреди извор]

Според членовите 88-91 од Договорот за основање на ЕЕО, главниот орган на ЕЕО е Советот кој е составен од претставници на Европската комисија и по еден претставник на земјите-членки на ЕФТА. Покрај него постои и Заеднички комитет на ЕЕО со кој наизменично претседаваат претставникот на ЕУ и на ЕФТА. Во членот 95 се предвидува и формирање мешан парламентарен комитет, а членот 96 предвидува формирање консултативен совет, составен од еднаков број членови од ЕУ и од ЕФТА. Исто така, членот 100 предвидува дека во донесувањето разни мерки може да учествуваат експерти на ЕФТА, а постои и Суд на ЕФТА, како наднационален суд замислен како пандан на Европскиот суд на правдата.[4]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Gross domestic product at market prices
  2. Марјан Бојаџиев, „Како побрзо во Европа?“, Економија и бизнис, година 21, број 255, ноември 2019, стр. 39.
  3. Марјан Бојаџиев, „Како побрзо во Европа?“, Економија и бизнис, година 21, број 255, ноември 2019, стр. 39-40.
  4. Марјан Бојаџиев, „Како побрзо во Европа?“, Економија и бизнис, година 21, број 255, ноември 2019, стр. 40.