Душан Вукотиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Душан Вукотиќ (српски: Dušan Vukotić, 7 февруари 1927 - 8 јули 1998) бил хрватски и југословенски аниматор и режисер на анимирани филмови со црногорско потекло, член на Загребската школа на анимирани филмови.

Биографија[уреди | уреди извор]

Душан Вукотиќ

Душан Вукотиќ е роден на 7 февруари 1927 година во Билеќа, Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, од татко Радован Вукотич и мајка Даринка Вучиниќ. Татко му бил потполковник во Југословенската кралска војска и за време на Втората светска војна бил заробен во близината на Горни Милановац, така што до крајот на војната бил заробеник во логорот во Оснабрик. Мајка му Даринка била ќерка на Милутин Вучиниќ, црногорски офицер и премиер.[1] Дедо му по таткова линија, Мојаш Вукотиќ - Кињо бил брат на сердарот Јанко Вукотиќ и загинал за време на опсадата на Скутари (1912-1913).

Душан Вукотиќ умрел во Крапинске Топлице, во близината на Загреб, на 8 јули 1998 година.

Творештво[уреди | уреди извор]

Во 1953 година, Вукотиќ станал еден од основачите на филмската куќа Загреб Филм во која работел повеќе од четири децении снимајќи цртани филмови, како што бил „Крава на месечината“. Во 1961 година го постигнал најголемиот успех во кариерата, кога за филмот „Сурогат“ ја освоил наградата „Оскар“ во категоријата за најдобар краток анимиран филм, со што станал првиот странец кој освоил „Оскар“ во оваа категорија. Во 1963 година, тој бил член на жирито на Третиот московски меѓународен филмски фестивал.[2] Во 1964 година, уште еден негов филм („Игра“) бил номиниран за оваа награда. Подоцна, Вукотиќ ретко снимал кратки анимирани филмови и наместо нив, снимил три долгометражни филмови: „Седмиот континент“ (1966), „Акцијата Стадион“ и „Гости од галаксијата“ (1981). Во 1994 година ја добил Наградата за животно достигнување на Светскиот фестивал на анимираниот филм, „Анимфест Загреб“.[3] Непосредно пред смртта, Вукотиќ работел на неговиот нов (научно-фантастичен) филм, заедно со хрватскиот писател Александар Жиљак.

Исто така, Вукотиќ предавал филмска режија на Загребската академија за драмски уметности од создавањето на филмската катедра во 1967 година до неговото пензионирање во почетокот на 1990-тите. Во 1973 година, Вукотиќ станал член на Црногорската академија на науките и уметностите.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. http://iskra.co
  2. „3rd Moscow International Film Festival (1963)“. MIFF. Архивирано од изворникот на 2013-01-16. конс. 2012-11-25. 
  3. „Animafest 1994.“. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]