Државни обврзници во Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Државните обврзници во Македонија се хартии од вредност кои ги издава Република Македонија преку Министерството за финансии. Тие се издаваат повремено за финансирање на јавната потрошувачка или за исплата на одредени обврски на државата кон населението. Државните обврзници се должнички хартии од вредност, т.е. со нив државата се обврзува дека ќе го исплати номиналниот износ на обврзниците, заедно со одредена камата. Тие се долгорочни хартии од вредност и имаат рок на достасување над една година.

Државни обврзници во Македонија за време на социјализмот[уреди | уреди извор]

Македонија нема традиција на пазарни изданија на државни обврзници. Во социјалистичкиот период, државата издавала обврзници, кои населението практично присилно ги купувало, со оглед на тоа што уписот за купување се вршел на работните места на поединците. Обврзниците вообичаено биле издавани за конкретни цели - вработување, изградба на патишта, итн. Каматните стапки на обврзниците биле далеку под нивото на инфлацијата, така што тие биле длабоко обезвреднети при нивното достасување.[1]

Видови државни обврзници[уреди | уреди извор]

Обврзниците се дефинирани во Законот за хартии од вредност како долгорочна хартија од вредност со која издавачот се обврзува дека на сопственикот на обврзницата еднократно или во рати, ќе му го исплати на определениот ден, износот на номиналната вредност на обврзницата и каматата.[2] Државните обврзници во Република Македонија ги издава Министерството за финансии. Истите се регистрирани, како и сите хартии од вредност во Македонија. Притоа Централниот депозитар за хартии од вредност ракува со исплатата на каматата и промената на сопственоста. Каматата на државната обврзница може да се исплаќа годишно или полугодишно.[3] Според прифатената терминологија, државните обврзници, издадени од Република Македонија по нејзиното осамостојување, се делат на две категории: структурни и континуирани обврзници.

Структурни обврзници[уреди | уреди извор]

Структурните обврзници не се класично пазарно издадени обврзници за прибирање средства од страна на државата, туку се издадени за надоместување на определени физички и правни лица по различни основи. Во портфолиото на државата, постојат четири вида структурни обврзници и тоа:[4]

Како предмет на тргување најчесто се среќаваат првите два вида, поретко обврзниците за селективни кредити, додека последниот вид веќе е повлечен. Кога се продаваше Стопанска банка - Скопје, инвеститорите сакаа да ја купат „чиста“ односно без долгови и заостанати обврски. За да се реализира оваа инвестиција, државата ги презеде долговите преку емисија на обврзници. Подоцна, кога државата имаше доволно средства, таа ги откупи овие обврзници.

Обврзници за денационализација[уреди | уреди извор]

Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација, Република Македонија, почнувајќи од 2002 година, во следните десет години вршеше, еднаш годишно, по една емисија на обврзници за денационализација, а Владата на Република Македонија со посебна одлука, годишно го утврдува износот на обврзниците за денационализација кои се издаваат. Номиналната вредност на обврзницата за денационализација е износот кој барателот по основ на денационализација го добива како обештетување.[5]

Карактеристики на обврзниците за денационализација се:

Обврзници за старо девизно штедење[уреди | уреди извор]

Обврзниците за старо девизно штедење (познати по шифрата за тргување РМ01), односно Oбврзници за намирување на побарувањата на граѓаните по основ на депонираните девизни влогови, се издадени еднократно, во септември 2000 година.[7] Тие гласат на име, се издаваат во нематеријализиран облик и се деноминирани во ЕВРО. За разлика од обврзниците за денационализација, кај обврзниците за старо девизно штедење исплатата се врши во 20 полугодишни рати (на 1 април и 1 октомври) започнувајќи од 1 април 2002 година, а заклучно со 1 октомври 2011 година. На обврзниците се пресметува камата во висина од 2% годишно и тоа на остатокот на расположливата главнина за наплата.[8]

Обврзници за селективни кредити[уреди | уреди извор]

Обврзницата за селективни кредити на Народна Банка на Република Македонија е издадена 16 март 1995 година од страна на Република Македонија врз основа на Законот за санација и реконструирање на дел од банките на Република Македонија (Службен весник на РМ број 14/95). Обврзниците се евидентираат во Централниот депозитар на хартии од вредност. Тие се издадени во денари и се со неограничена преносливост. Номиналната вредност на една обврзница е 1 денар а издадени се вкупно 1.039.318.841 обврзници. Номиналниот износ на обврзниците за надоместување на селективни кредити на НБРМ се исплатува одеднаш и тоа на 1 април 2020 година, и притоа не се пресметува камата.[9]

Континуирани обврзници[уреди | уреди извор]

Континуираните обврзници се класични обврзници за прибирање на потребни парични средства, а не за надоместување на определени физички и правни лица. На крајот на 2005 година, Република Македонија ја издаде својата прва континуирана обврзница. Тоа беше двегодишна обврзница со купонска стапка од 10%, годишно, и номинална вредност од 100 милиони денари. Континуираните обврзници се издаваат во денари и се со неограничена преносливост.[10] Меѓутоа, до ден-денес, овие обврзници не се предмет на тргување на секундарниот пазар на капитал, така што нивните купувачи мора да ги чуваат обврзниците до рокот на достасување. Тоа се должи на малите буџетски дефицити и ниските каматни стапки по кои државата ги нудеше на јавноста.[11]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Михаил Петковски, “Финансиски пазари и институции - второ изменето и дополнето издание”, Скопје: Економски факултет, 2009, стр. 221.
  2. Македонска берза за хартии од вредност АД Скопје
  3. Министерство за финансии на Република Македонија
  4. Михаил Петковски, “Финансиски пазари и институции - второ изменето и дополнето издание ”, Скопје: Економски факултет, 2009, стр. 222.
  5. Министерство за финансии на Република Македонија
  6. Министерство за финансии на Република Македонија
  7. Михаил Петковски, „Финансиски пазари и институции - второ изменето и дополнето издание”, Скопје: Економски факултет, 2009, стр. 222.
  8. Министерство за финансии на Република Македонија
  9. Министерство за финансии на Република Македонија
  10. Министерство за финансии на Република Македонија
  11. Михаил Петковски, “Финансиски пазари и институции - второ изменето и дополнето издание”, Скопје: Економски факултет, 2009, стр. 223.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]