Дрвени цркви во Марамуреш

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Светско наследство на УНЕСКО
Дрвени цркви во Марамуреш
Назив според описот на списокот
Црква во Сарби Јосани, Марамуреш. Околу 1684 година.
Вид културно
Критериуми iv
Навод 904
Регион по УНЕСКО Европа
Запис
Прогласено 1999 (23. заседание)

Дрвени цркви во Марамуреш – цркви во северниот дел на Трансилванија, во областа Марамуреш. Тоа е група од стотина православни и гркокатолички цркви. Најголемиот број од нив е изграден меѓу XVII и XIX век.

Архитектура[уреди | уреди извор]

Црквата со гробиштата во Плопиш

Австроунгарските власти, под чија надлежност било подрачјето Марамуреш од крајот на XVII век, не им дозволувале на Романците црквите да ги градат од камен. Заради тоа црквите биле градени од дрво. Во зависност од периодот на градба, овие цркви биле градени во различни архитектонски стилови. Ги граделе локални градежници, а вештината на градење во текот на вековите достигнала извонредна техника. Се одликуваат со висока конструкција и витки камбанарии на западната страна на градбата. Тоа е единствен спој на источното и западното архитектонско наследство на Европа. Основата на овие цркви е византиска, додека облиците најчесто се готски. Некои од црквите се готово минијатурни, додека неколку од нив достигнуваат навистина импресивни димензии. За изградба на овие цркви најчесто се користеле даб и оморика. Високото и витко дрво оморика се смета за пример за обликот на црквите. Обично се насликани со дела на локални уметници со сцени од Библијата и теми поврзани за локалното подрачје на кое се наоѓаат. Во склоп на црквата вообичаено се наоѓале и селските гробишта. Она што е карактеристично за овие цркви е многу високиот и голем покрив во однос на самата градба.[1]

Значење[уреди | уреди извор]

Историската област Марамуреш, на крајниот север на Трансилванија, на границата со Украина, претставува своевиден музеј на отворено. Ова подрачје најмалку било под влијание на современата цивилизација. Архитектурата на селата во Марамуреш е многу добро зачувана, а занаетите како ткаење, дрворез, сликање на стакло и дрво, сè уште може да се види меѓу населението.[1]

Црквите на списокот на светско наследство на УНЕСКО[уреди | уреди извор]

Локации на црквите на списокот на светско наследство на УНЕСКО

Осум цркви од оваа група се вклучени во Списокот на светско културно и природно наследство на УНЕСКО во 1999 година. Тоа се црквите во следните места: Барсана, Будешти, Десешти, Иеуд, Плопиш, Рогоз, Појениле Изеј и Шурдешти. Најстара меѓу нив е црквата „Света Параскева“ во Поиниле Изеј, изградена на почетокот на XVII век.

Црква „Воведение на Пресвета Богородица“ (Барсана)[уреди | уреди извор]

Оваа црква била изградена во 1720 година. Кулата на црквата е висока 62 метри. Многу е мрачна, бидејќи скоро и да нема прозорци. Во неа се наоѓа импресивна збирка на икони на стакло и верски книги. Првично била манастир и монасите ја користеле до 1791 година. На почетокот на XIX век преселена е во селото и оттогаш се користи како селска црква. Посветена му е на воведението на Пресвета Богородица.[2]

Црква „Свети Никола“ (Будешти)[уреди | уреди извор]

Црквата Свети Никола во Будешти е изградена во 1643 година. Нејзините димензии се нешто поголеми 18 х 8 м. Единствено таа има 4 кулички на рабовите на долниот дел на покривот, што е карактеристично за црквите во областа Лупус. Основата на црквата има правоаголен облик. Во оваа црква се наоѓаат вредни колекции икони на дрво и стакло, како и верижницата на легендарниот Пинте Храбриот.[3]

Црква „Света Параскева“ (Десешти)[уреди | уреди извор]

Икона на Света Параскева во најстарата црква

Изградена е во 1770 година. Основата на црквата е од камен. Посветена ѝ е на света Параскева. Надворешноста на црквата е украсена со декоративни елементи кои се вклопуваат во хомогена целина. Таа е една од ретките цркви чиј основен облик е сочуван и на која не ѝ е дограден трем.[4]

Црква „Рождество на Пресвета Богородица“ (Иеуд)[уреди | уреди извор]

Оваа црква е изградена во 1717 година и се наоѓа на брдото, на истото место на кое се наоѓала црквата која во XVI век ја уништиле Татарите. Главниот дел на црквата има покрив со двострука натстрешница. Архитектурата и сликарството се многу добро зачувани. Црквата и доста голема во однос на другите цркви изградени во XVII век. Посветена му е на рождеството на Пресвета Богородица.[5]

Црква „Архангели Михаил и Габриел“ (Плопиш)[уреди | уреди извор]

Изградена е во периодот меѓу 1796 и 1798 година. Посветена им е на архангелите Михаил и Гаврил. Пропорциите ѝ се хармонични и декорирана е со резби и слики. Подот на црквата е од камени плочи. На основата на кулата, се наоѓаат четири мали украсни кулички. На црквата има мали прозорци кои се аранжирани така што формираат парови од еден помал и еден поголем прозорец. Малите се стилизирани и се наоѓаат над поголемите.[6]

Црква „Света Параскева“ (Појениле Изеј)[уреди | уреди извор]

Ова е најстарата сочувана дрвена црква во Марамуреш. Изградена е во 1604 година и на се забележуваат два архитектонски стила. Постар, од периодот на настанување на црквата и понов, карактеристичен за XVIII век, кога црквата била реконструирана. Првично таа била помала и пониска црква, градена од ели. Во XVIII век е проширена и подигнат е покривот. Сликите се многу добро зачувани и се наоѓаат во едноставни рамки. Во неа се наоѓаат записи од периодот на хабзбуршкото владеење. Посветена ѝ е на света Параскева.[7]

Црква „Свети Архангел“ (Рогоз)[уреди | уреди извор]

Апсида на црквата во Рогоз

Ова е една од осумте цркви под заштита на УНЕСКО која ја претставува архитектурата на северниот дел на Трансилванија. Изградена е во 1663 година во Суч, а во Рогоз е преместена во 1883 година. Посветена му е на светиот Архангел. Над влезната врата стои натпис:„Од времето кога Трансилванија беше окупирана“. Покривот на црквата е широк и асиметричен. Рамката на вратата е украсена со мотив на усукано двојно јаже. Мотивот се наоѓа во внатрешноста на црквата. Апсидата има полигонален облик со мали кружни прозорци.[8]

Црква „Свети Архангел“ (Шурдешти)[уреди | уреди извор]

Изградена е во 1766 година. Со висина на кулата од 72 метри, таа е една од највисоките дрвени градби во Европа. Оваа е гркокатоличка црква посветена на светиот Архангел. Нејзината архитектура го претставува самиот врв на градење на дрвени цркви. Покривот е со две стреи меѓу кои се наоѓаат прозорци.[9]

Занимливости[уреди | уреди извор]

  • Во изградбата на овие црквни не се користени метални клинци.[10]
  • „Евангелието по Јуда“ од 1391 година, за кое се смета дека најстариот писмен документ на романски јазик, пронајден е на таванот во црквата во Иеуд.[11]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Марамуреш, дрвени цркви. „Панакомп“. http://www.panacomp.net/rumunija?s=rumunija_maramures. посет. 16. 5. 2017 г. (српски)
  2. Црквата во Барсана. „Романски манастири“. http://www.romanianmonasteries.org/maramures/barsana. посет. 16. 5. 2017 г. (англиски)
  3. Црквата во Будешти. „Романски манастири“. http://www.romanianmonasteries.org/maramures/budesti-josani. посет. 16. 5. 2017 г. (англиски)
  4. Црквата во Десешти. „Романски манастири“. http://www.romanianmonasteries.org/maramures/desesti. посет. 16. 5. 2017 г. (англиски)
  5. Црквата во Иеуд. „Романски манастири“. http://www.romanianmonasteries.org/maramures/ieud-ses. посет. 16. 5. 2017 г. (англиски)
  6. Црквата во Плопиш. „Романски манастири“. http://www.romanianmonasteries.org/maramures/plopis. посет. 16. 5. 2017 г. (англиски)
  7. Црквата во Појениле Изеј. „Романски манастири“. http://www.romanianmonasteries.org/maramures/poienile-izei. посет. 16. 5. 2017 г. (англиски)
  8. Црквата во Рогоз. „Романски манастири“. http://www.romanianmonasteries.org/maramures/rogoz. посет. 16. 5. 2017 г. (англиски)
  9. Црквата во Шурдешти. „Романски манастири“. http://www.romanianmonasteries.org/maramures/surdesti. посет. 16. 5. 2017 г. (англиски)
  10. Светско наследство во Романија. „Б92, путовања“. http://www.b92.net/putovanja/destinacije/evropa.php?&nav_id=553951. посет. 16. 5. 2017 г. 
  11. Црквата во Јуда. „Visit Maramures“. http://www.visitmaramures.ro/index.php?task=page&page=ieud. посет. 16. 5. 2017 г. (англиски)

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]