Дражен Петровиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Дражен Петровиќ

Дражен Петровиќ (Шибеник, 22 октомври 1964Денкендорф, 7 јуни 1993) беше југословенски и хрватски кошаркар, еден од најдобрите европски кошаркари на сите времиња. Неговиот постар брат е поранешен југословенски и хрватски кошаркар и тренер Александар Петровиќ. Дражен кариерата ја започнал во КК Шибенка, продолжил во КК Цибона и КК Реал Мадрид, со кој имаше најмногу успеси. Кариерата ја продолжил во НБА клубовите Портланд Трејл Блејзерс и Њу Џерси Нетс.

Со репрезентацијата на Југославија освои бронзен и сребрен медал на Летните олимписки игри во 1984. и 1988, а со репрезентацијата на Хрватска сребрен медал во 1992. Во 1985. година ја примил наградата „Златна значка“ на списанието Спорт, наградa за најдобар спортист во тогашна СФРЈ. Трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа во Германија на 7 јуни 1993. Неговиот придонес во НБА лигата е огромен и имал големо влијание во понатамошните трансфери на европските кошаркари во таа лига. Во 2008. година Здружението на европски професионални кошаркарски клубови и лиги УЛЕБ го избра меѓу 50-те луѓе кои се најзаслужни за развојот на кошарката во Европа.[1][2]

Рани години[уреди | уреди извор]

Дражен Петровиќ е роден во Шибеник и од 13 години почнал да игра во подмладокот во локалниот клуб. На 15 години почнал да игра во првиот тим, веднаш после влегувањето на Шибенка во прва лига.

Со Петровиќ како ѕвезда на тимот, Шибенка два пати стигнала до финалето на Купот на Радивој Кораќ во 1982. и 1983. и на двапати изгубила од ЦСП Лимож. Во 1983. Дражен погодил две слободни фрлања за победа на Шибенка над КК Босна во финалето на плеј-офот, но утредента титулата на Шибенка е одземена поради наводни нерегуларности во судењето од страна на Кошаркарскиот сојуз. Петровиќ играл за Кошаркарската репрезентација на Југославија на Балканските првенства и освоил бронза и злато со јуниорскиот тим и сребро со првиот тим. Во 1982. исто така освоил сребро на Европското јуниорско првенство во кошарка кое се одржало во Грција.

Цибона[уреди | уреди извор]

После отслужувањето на воениот рок во ЈНА, Петровиќ ги следел чекорите на својот брат Александар и преминал во КК Цибона. Дражен со Цибона ги освоил првенството и купот на Југославија како и титулата европски шампион со победата против Реал Мадрид од 87:78 во која Петровиќ постигнал 39 поени. Втората титула ја освоил наредната година, а Петровиќ постигнал 22 поени во победата над КК Жалгирис, за којшто клуб тогаш играл Арвидас Сабонис. Истата година Дражен го освоил и домашниот куп, а Петровиќ постигнал 46 поени против стариот конкурент Босна. Својот трет европски трофеј Дражен го освоил во 1987. со победата во финалето на Купот на Рајмондо Сапорте (Куп на победниците на куповите) против КК Скаволини Пезаро, каде што постигнал 28 поени.

Со југословенската репрезентација Петровиќ освоил бронза на Летните олимписки игри 1984 во Лос Анџелес. Трето место освоил и на Светското првенство во кошарка 1986 после трилер натпреварот во последната минута од полуфиналниот натпревар против Советскиот Сојуз. Од Европското првенство во кошарка 1987 во Грција, Петровиќ се вратил со бронза, после поразот на Југославија во полуфиналето од домаќинот и освајувачот на златниот медал Грција. На Универзијадата која била одржана во Загреб 1987, Петровиќ со југословенскиот тим го освои златото. На Летните олимписки игри 1988 во Сеул, Петровиќ го освоил среброто, бидејќи Југославија загуби во финалето од Советскиот Сојуз.

Просечниот учинок на Петровиќ во текот на четирите години во Цибона бил 37,7 поени во првенството на Југославија и 33,8 поени во европските натпреварувања, а негови лични рекорди се 112 поени (против Олимпија) и 62 поени. Неговиот учинок во еден натпревар често изнесувал 40, 50 и 60 поени; во натпреварот од Купот на европските шампиони проти Лимож, Петровиќ постигнал 9 тројки, вклучувајќи и седум во низа во текот на првото полувреме, за вкупни 45 поени и 25 асистенции.[3]. Петровиќ признал дека му се потребни нови предизвици па затоа размислувал да помине од другата страна на Атлантикот. Портланд Трејлблејзерси веќе го одбрале Петровиќ во третиот круг од драфтот 1986. Меѓутоа, тој решил да го одложи одењето во САД и 1988. потпишал за Реал Мадрид, во за тоа голема сума од 4 милиони американски долари.

Реал Мадрид[уреди | уреди извор]

Во сезоната 1988-1989. Петровиќ го носел дресот на шпанскиот кралски клуб, Реал од Мадрид. Иако титулата во првенството ја изгубија во последната мајсторка од Барселона, Петровиќ му помогна на Реал го освои националниот куп со победа над нивниот каталонски конкурент. Петровиќ исто така го предводеше клубот и во победата над Снајдеро Казерта во финалето на Купот на победниците на куповите изедначувајќи го својот рекорд во европските натпреварувања (62 поени). Неговата прва сезона во -{ACB}- лигата е исто така и последна, но тој сеиште го држи рекордот на ACB лигата во бројот на постигнати поени (42) и тројки (8) во финалната серија.

На одличната сезона во клупските натпреварувања Петровиќ го додаде и златниот медал од Европското првенство во кошарка 1989 во Загреб каде што младиот југословенски тим газеше се по ред и многу лесно ја совладаа Грција во финалето. Петровиќ беше и втор стрелец на првенството и најкорисен играч.

Мотивиран од предизвикот и притисокот од Портланд Трејлблејзерси, кои го драфтуваа како 60. пик 1986, Петровиќ конечно реши да се проба и да се докаже во -{NBA}-. Ненадејно ја напушти Шпанија на крајот на сезоната, си го откупи својот договор со Реал и се придружи на Блејзерси во сезоната 1989-1990.

Портланд[уреди | уреди извор]

Во многу свои изјави пред доаѓањето во Портланд, Петровиќ го наведе недостатокот на минутажа како единствена можна пречка за неговиот успех во -{NBA}- [4][5]. Во својата прва сезона со Блејзерси, тие грижи се потврдија како точни. Во стартната постава на Портланд беа Клајд Дрекслер и Тери Портер, па најдобриот европски играч беше принуден да игра просечно по 12 минути по натпревар, што му овозможуваше да постигнува за него скромни 7,4 поени по натпревар. Почетокот на сезоната 1990-1991 го доведе незадоволството на Петровиќ до врв, бидејќи неговата минутажа паѓаше. На негово барање, после 38 натпревари во сезоната (од кои во 20 не играше), премина во Њу Џерзи Нетс.

Во текот на летото помеѓу неговите две најфрустриралки сезони во професионалноата кариера, Петровиќ со југословенската репрезетнација го освои Светското првенство во кошарка 1990. во Буенос Ајрес, по победата во финалето против Советскиот Сојуз.

Њу Џерси[уреди | уреди извор]

На 23 јануари 1991, Петровиќ стана член на Њу Џерси Нетс. Беше дел од тимот во кој беа Кени Андерсон и Дерик Колеман, двајца играчи кои најмногу ветуваа во лигата, но исто така и тим кој не стигна до плеј-оф во сезоната 1985-1986. Решен да не му се повтори епизодата со Портланд, Петровиќ веднаш одговори на зголемената минутажа (20,5 минути по натпревар), постигнувајќи просечно 12,6 поени во 43 натпревари за Нетсите. Првата комплетна сезона со Нетсите беше навистина импозантна: не пропушти ниту еден натпревар, постигна во просек 20,6 поени за 39,9 минути поминати на паркетот и беше прв помеѓу бековите по успешност во поентирање од игра (51%), се покажа како водач на тимот и е прогласен за најкорисен тимски играч. Уште поважно, неговите успеси се пренесоа на успехот на целиот тим, бидејќи Нетси забележаа 14 победи повеќе од претходната сезона и стигнаа до плеј-офот. Следната сезона 1992-1993 Петровиќ го подобри својот просечен учинок (22,3) и го повтори одличниот процент на поентирање за три поени од минатата сезона (45%), и повторно беше најдобар меѓу бековите по успешност за поентирање од игра (52%). Американските медиуми го избраа во третиот -{NBA}- тим за таа сезона. Меѓутоа, неуспехот да се избори за повик за Ол-Стар натпреварот во 1993. дојде како големо разочарување за Петровиќ; тој беше единствениот меѓу првите 15 стрелци кој не доби покана.

Летните олимписки игри 1992 во Барселона се први игри на кои учествуваше независна Хрватска, а Петровиќ беше водач на кошаркарската репрезентација на Хрватска на олимпискиот турнир. Тие изгубија во финалето од американскиот Тим на соништата и го освоија сребрениот медал.

Смрт и постхумна слава[уреди | уреди извор]

Споменик на Дражен Петровиќ пред Меморијалниот центар Дражен Петровиќ

Во летото 1993, после најдобрата сезона во -{NBA}- и елиминацијата на Нетси во првата рунда од плеј-офот од Кливленд Кавалирси, Петровиќ отпатува за Полска, каде што хрватската репрезентација играше квалификации за Европското првенство во кошарка 1993.. Од приватни причини, Петровиќ решил од Полска да се врати во Хрватска со сопствено возило.

Дражен Петровиќ загина како совозач во сообраќајна несреќа на Авто-патот 9 кај Денкендорф, близу до Инголштад, Германија, приближно во 17:20 на 7 јуни во 1993, четири и пол месеци пред својот 29. роденден.

Неговиот возач Клара Шаланци, германска манекенка која била во врска со Петровиќ, и патникот на задното седиште, турска кошаркарка, се тешко повредени.[6].

Спомен-ѕвезда на Дражен Петровиќ во Хрватската улица на славните на опатиското шеталиштe

Гробот на Дражен Петровиќ во Мирогој стана светилиште за неговите сонародници. Салата на Цибона го смени името во Салата на Дражен Петровиќ на 4 октомври 1993, а градот Загреб има плоштад кој го носи неговото име. Од 1994. најкорисните играчи Првенството на Мекдоналдс го добиваат Трофејот на Дражен Петровиќ. На 29 април 1995. е подигната статуа пред Олимпискиот музеј во Лозана која го слави Петровиќевото значење во светот на спортот, што го направи втор спортист кој ја добил оваа чест. Петровиќ во 2002. е во Кошаркарската куќа на славните. На 9 јули 2001. хрватскиот тенисер Горан Иванишевиќ го порази Патрик Рафтер на Вимблдон и ја посвети својата победа на својот покоен другар. Исто така тој го носеше дресот на Њу Џерси кој што припаѓаше на Дражен Петровиќ пред 100.000 луѓе кои ја славеа неговата победа во Сплит. На 13. годишнината од смртта на Дражен, 2006. во Загреб е отворен Меморијален центар Дражен Петровиќ посветен на Драженовата личност и достигнувања, со 10 тематски галерии со мултимедијални содржини кои ја прикажуваат целата негова кариера. Во декември истата година, во Загреб е откриен споменик висок четири метри, посветен на Дражен, труд на академскиот вајар Кузма Ковачиќ.

Достигнувања и награди[уреди | уреди извор]

Клупски натпреварувања[уреди | уреди извор]

Година Натпреварување Успех Клуб
1982. Куп на Радивој Кораќ Финалист КК Шибенка
1983. Куп на Радивој Кораќ Финалист КК Шибенка
1985. Куп на шампиони Победник КК Цибона
1985. Првенство на Југославија во кошарка Победник КК Цибона
1985. Куп на Југославија во кошарка Победник КК Цибона
1986. Куп на шампиони Победник КК Цибона
1986. Првенство на Југославија Финалист КК Цибона
1986. Куп на Југославија Победник КК Цибона
1987. Куп на Рајмонда Сапорте (Куп на победниците на куповите) Победник КК Цибона
1987. Првенство на Југославија Финалист КК Цибона
1988. Куп на Југославија Победник КК Цибона
1988. Куп на Радивој Кораќ Финалист КК Цибона
1989 Куп на Шпанија во кошарка Победник Реал Мадрид
1989. АЦБ лига (Првенство на Шпанија) Финалист Реал Мадрид
1989. Куп на победниците на куповите Победник Реал Мадрид
1990 NBA плеј-оф Финалист Портланд Трејлблејзерси
  • Најмногу постигнати поени во првенствен натпревар (112)
  • Најмногу постигнати поени во финална серија во АЦБ лигата (42)
  • Најмногу постигнати тројки во финална серија во АЦБ лигата (8)
  • Најдобар процент на поентирање меѓу бековите во -{NBA}- 1992.
  • Најдобар процент на поентирање меѓу бековите во NBA 1993.
  • Најмногу тројки без промашување во три утакмици од плеј-оф серијата (изедначен со уште двајца)

Репрезентации[уреди | уреди извор]

Година Натпреварување Домаќин Пласман Држава
1980 Балканско јуниорско првенство Истанбул, Турција 3. место СФР Југославија
1981 Балканско кадетско првенство Солун, Грција 1. место СФР Југославија
1982 Балканско јуниорско првенство Патрас, Грција 1. место СФР Југославија
1982 Европско јуниорско првенство Димитровград и Хасково, Бугарија 2. место СФР Југославија
1983 Универзијада Едмонтон, Канада 2. место СФР Југославија
1984 Балканско првенство Атина, Грција 2. место СФР Југославија
1984 Летни олимписки игри 1984 Лос Анџелес, САД 3. место СФР Југославија
1986 Светско првенство во кошарка 1986. Мадрид, Шпанија 3. место СФР Југославија
1987 Универзијада Загреб, СФРЈ 1. место СФР Југославија
1987 Европско првенство во кошарка 1987 Атина 3. место СФР Југославија
1988 Летни олимписки игри 1988 Сеул, Јужна Кореја 2. место СФР Југославија
1989 Европско првенство во кошарка 1989 Загреб, СФРЈ 1. место СФР Југославија
1990. Светско првенство во кошарка 1990 Буенос Ајрес, Аргентина 1. место СФР Југославија
1992 Летни олимписки игри 1992 Барселона, Шпанија 2. место Хрватска
  • Најдобар играч на Балканското јуниорско првенство 1982.
  • Накорисен играч на Светското првенство 1986.
  • Накорисен играч на Европското првенство 1989.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. -{Jim Huber, Drazen Petrovic, Inside the NBA, January 12th, 2006}-
  2. -{NBA.com, Drazen Petrovic}-
  3. www.drazenpetrovic.com, Cibona Story
  4. www.drazenpetrovic.com, Real Madrid Story
  5. www.drazenpetrovic.com, Blazers Portland Story
  6. HRT.hr, Today in History - July 7th

Надворешни врски[уреди | уреди извор]